Три месеци по рестриктивните мерки против коронавирусот, гевгеличани се враќаат на старото секојдневие. Но, заштитните маски не можат да ги заштитат и од стариот проблем на градот, кој доаѓа заедно со топлото време.

вели жителка на Гевгелија.
„Од таа страна стигнува од кај запад некако, непријатна миризба. Има некоја фарма таму, најверојанто е од фармата. Сакаш да бидеш на воздух, да пиеш кафе, а тоа ти пречи”,
посочува друг жител.
„Тоа трае со години. Имаше депонија, па фарма, па свашта, нема што нема“,
вели друг граѓанин.
„Се жалат, меѓутоа си има нели надлежни, кои фирми, дали тие што се блиску покрај градот, тие треба да си ја завршат работата“,
Од лошата миризба која повремено се шири во Гевгелија, жителите се жалат со години. Локалната власт уште во 2018 година најави специјална истрагa за да го лоцира изворот на проблемот, но до денес официјален виновник не постои.
Како и граѓаните, првиот човек на општината смета дека непријатната реа се шири од некоја од локалните фарми. Но, најавената истрага за ангажирање специјализирана фирма за контрола, пропаднала како идеја поради ограничениот општински буџет.

вели градоначалникот Сашо Поцков.
„2018 година во мојата агенда беше година на опоравување финансово да ја консолидирам општината и за секој денар водевме сметка. За нас тогаш беа тие голема сума на пари, во тој момент ценевме дека со парите што ги имаме, имаме други приоритети. Не велам дека тоа не е приоритет. Баш напротив и тогаш и сега сметам дека е најголем приоритет. Но, едно се желбите, друго се финансиските можности“,
Сепак, на терен постапувале и локалните и државните инспектори. Но, ниту едните ниту другите не можеле да утврдат од каде доаѓа лошата миризба.

А потенцијални загадувачи се четири фарми во околината – мала свињарска, мала краварска, средно голема живинарска и поголема комбинирана фарма со кланица. За три од фармите, надлежна за контрола е само општината, додека само кај големата фарма надлежност имаат и локалната и централната власт. Екипата на „360 степени“ во различни денови ги посети потенцијалните загадувачи.
На неколку километри од центарот на градот, кај селото Негорци, се наоѓа малата свињарска фарма.

Оваа фарма, според локалниот инспекторат, во моментов не се смета за загадувач поради малиот број грла и начинот на изѓубрување.
„Под подот на фармата се наоѓаат канали преку кои со цевководи изметот оди до водонепропусната јама и од таму се транспортира на безбедна оддалеченост од населените места на земјоделски земјишта“,
вели Томе Илков, сопственик на свињарската фарма „ТИМ Агрофарм“

А кој загадува, ако не оваа фарма, Илков вели дека не е негова работа да одговори.

„Не сум јас тој којшто можам да го утврдам тоа и со прст да покажам таму и таму се наоѓа жариштето. За тоа постојат институции, не посетуваат нас, ги посетуваат и нив“,
вели Илков.
Малата краварска фарма пак, е речиси во срцето на Гевгелија. Газдите не успеавме да ги најдеме.

Од инспекторатот не ја посочуваат како загадувач, но објаснија дека е во тек судска постапка за преселба на фармата, бидејќи градот во меѓувреме се проширил, со што стоката сега недозволено се чува во урбана област.
Живинарската фарма се наоѓа под падините на Кожув.

Според локалниот инспекторат и оваа фарма не може да биде загадувач, бидејќи имала најсовремен начин на третман на изметот од животните.

вели Никола Стојков, сопственик на живинарска фарма „Стокол“
„Јас мислам дека од нашата фарма милион посто не може да биде таа миризба. Пошто системот е 2018 година, значи не може да биде како другите од постари системи. Ова е еден од најновите, со европски стандарди, благосостојба на животните и сите други потреби што треба да ги исполнува. Системот на изѓубрување оди на ленти, од внатре излегува надвор и директно во трактор и истиот ден ѓубрето се носи на земјоделските површини“,
На најголемата фарма со име „Ветеринар“, според локалниот инспекторат, во моментов се одгледуваат над 3 000 свињи и 115 000 кокошки. За нејзина контрола ингеренциите ги делат централната и локалната власт.

За одгледувањето на кокошки, фармата има А интегрирана дозвола од
Министерството за животна средина. Процедурата за овој документ почнала во 2007 година а процесот конечно завршил минатата година.

За свињарската фарма пак, „Ветеринар“ поседува Б интегрирана еколошка дозвола, издадена од претходното општинско раководство во 2015 година поради што и надлежноста за контрола има и локалниот инспекторат.
„Сепак се работи за фарма, но можеме одговорно да тврдиме дека на никој начин таа миризба не може да стигне од нашата фарма до градот Гевгелија од многу причини. Една е ружата на ветрови, која кажува дека во правец на градот дува само 29 дена во текот на годината кон градот Гевгелија и во тој случај треба да се створат специјални услови за да стигне до градот“,
вели Атанас Тасевски, директор на „Ветеринар“ Гевгелија
Според сопствениците од семејството Кичукови, чиј близок роднина Томе Кичуков е независен советник во општината, а во претходниот мандат и советник од тогаш владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, за лошиот мирис во градот има други причинители. Како можни извори ја посочуваат градската канализација, дивите депонии, а и стоката на други жители.
Но, за фармата „Ветеринар“, локалниот инспекторат има поинаков став, и покрај тоа што не регистрирале прекршување на вредностите.
„Претпоставуваме дека повремената појава на непријатен мирис доаѓа од фармата на ‘Ветеринар’, иако анализите покажуваат присуство на гасовите во фармата во дозволените гранични вредности,“
велат од Одделението за инспекциски надзор при Општина Гевгелија.
Сомнежот на локалниот инспекторат е дека можниот извор е системот за одлагање на сметот преку т.н. отворени јами, во кои тој ферментира до моментот кога може да се користи како ѓубриво.

Сепак, мерењата кои според закон ги врши акредитирана фирма, не покажале незаконски вредности.
Единствено отстапување регистрирано било лани, кога општината побарала интервенција од државниот инспекторат, кој заедно со локалниот, на терен констатирале дека бројот на свињи е поголем од капацитетот што го опфаќа Б- интегрирана дозвола.
„За проектираниот капацитетот, којшто е наведен во дозволата, потребно e поседување на А-интегрирана еколошка дозвола (А-ИЕД), или надополнување на постоечката А-ИЕД од живинарската фарма. Од страна на државниот инспектор испратено е известување и до општина Гевгелија и до инсталацијата дека е потребно да започнат постапка за добивање на А-ИЕД, по што е и постапено“,
велат од Министерството за животна средина.
Додека локалниот инспекторат вели дека нова дозвола била побарана поради зголемениот број свињи, директорот на фармата тврди дека станува збор за бирократска грешка. Односно, дека дозволата од општината ја добиле за актуелниот број на свињи.

вели Тасевски.
„Откако е издадена дозволата ние го немаме зголемено капациетот. Може да се видат хартиите, да се види колкав е нашиот капацитет, да се види кои се рамките на Б-интегрираната еколошка дозвола и да се донесе заклучок. Тоа е прашање што треба локалната и централната власт да си го решат и да не задолжат кој е одговорен за нас“,
Кој и да е во право за актуелната ситуација, сега и општината се надева дека решението ќе си дојде со новата А-интегрирана дозвола и за свињарската фарма, доколку миризбата доаѓа оттаму. За таа да се обезбеди, фармата „Ветеринар“ ќе мора поинаку да го реши изѓубрувањето и депонирањето на отпадните води.
На прашањето пак, зошто досега не се увидело дека на фармата ѝ треба нова дозвола, градоначалникот Поцков вели:
„Ние немаме систем кој ќе ни овозможува увид во секој момент, за да знаме се што се случува не терен. Прашањето можам да го поставам обратно, а зошто економскиот оператор не ја известил Општината, а имал обврска, дека се шири со грлата. Така што, има одредени фалинки и аномалии, ако сме грешка, не сме и ние Господ и ние правиме грешки. Кој работи, прави грешки. Ниту бараме прошка, ако е наше добро е да увидиме и на идните градоначалници, да им оставиме посредени ситуации за вакви пропусти да нема“,
вели Поцков.
И покрај волјата да се реши проблемот, фактите се дека долгите и комплексни административни процедури досега не само што не донеле решение, туку и нема јасна вина за навидум едноставниот проблем. Па во излез веќе не верува ни локалниот невладин сектор.

вели Ангел Наков од Здружението „Спас за Гевгелија“
„Веќе граѓаните се навикнаа на овие изјави и ставови на локалната или државната самоуправа, тие немаат за ништо капацитет, тоа е очигледно и веројатно ова не го сметаат за сериозен проблем. Ако немаат средства да формираат трочлена комисија и да ги викнат по еден претставник од сите фарми, да им кажат донесете по една кола и штом се појави миризбата да се рашетаат во градот, јас не знам за какви буџети се разговара и за какви ингеренции“,
За промени, ќе треба волја, пари и време. До тогаш, гевгеличани нема да можат да бидат сигурни, каков „мирис“ ќе има нивното кафе кога на лето ќе посакаат да го пијат на отворено.