Според пресудата што денеска ја соопшти судијката Јованка Спировска-Панчева, ИРЛ и Цветковска се одговорни за клевета со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ. ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска, според одлуката на судот, треба да им платат на секој од тужителите по 60 денари на име на надомест на штета за повреда на честа и угледот и се задолжуваат да ја објавата изреката на пресудата во весникот „Слободен печат“ на простор не помал од една страница од првата до петта страница на весникот
„Одлуката беше скандалозна и судијката која своевремено го заштитуваше Сашо Мијалков сега влезе повторно во заштита на Кочо Анѓушев. Како што и самата ја образложи пресудата: приватното право, правото на бизнисот и на приватниот интерес биле посилни од слободата на говорот. Тоа е сè што има да се каже за оваа скандалозна пресуда. Првата пресуда против Мијалков оваа судијка ја изгуби во Стразбур, колегите од ’Фокус’ го добија случајот, а истата постапка ќе ја тераме и ние“, рече уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска, пред Граѓанскиот суд по објавувањето на пресудата
Бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев го доби спорот во скопскиот Граѓански суд против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за изнесените наводи во истражувањето „Заговор против воздухот“.

Според пресудата што денеска ја соопшти судијката Јованка Спировска-Панчева, ИРЛ и Цветковска се одговорни за клевета, со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ.
„…Изнеле невистинити факти со намера да ги повредат нивната чест и углед (на тужителите) и тоа со објавување на фактот дека тужителот Кочо Анѓушев како еден од најголемите бизнисмени во Македонија и вицепремиер за економија направил запознавање на два ентитета, односно доцна во ноќта во зградата на Владата во неговиот кабинет со Кенан Ахметлиќ од ’Хива оил’ и Илија Стрезовски од „Евротим’, по која средба ’Хифа оил’ и ’Евротим’ добиле два нови клиенти и тоа ’Брако’, фирмата на Кочо Анѓушев и ’Фени индустри’, односно денешно ’Евроникел’, како и споменување на фактот дека најголеми клиенти на ’Евротим’ и ’Хива оил’ не се македонските болници туку е поранешното ’Фени индустри’ од Кавадарци, односно денешно ’Евроникел’ и со изјавата дека од тоа може да се заклучи дека приватниот интерес е многу поголем од јавниот интерес, односно профитните компании се оние кои имале и најголем интерес да го купат и набават мазутот бидејќи од 18 милиони евра само 2,9 милиони отпаднале на државните институции, а останатиот дел е во приватниот сектор од кој најголем купувач е ’Евроникел’, односно ’Фени индустри’, искажувајќи заклучок дека кога правата и профитот на една мала и добро повразана клика на луѓе станат поважни и поприоритетни од уставното право на граѓаните да дишат чист воздух и да живеат во здрава животна средина тогаш нешто смрди во државата при што наведе дека не мисли само на воздухот“,
наведе судијката читајќи ја пресудата.

ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска, според одлуката на судот, треба на секој од тужителите да им платат по 60 денари на име на надомест на штета за повреда на честа и угледот.
„…И се задолжуваат да ја објавата изреката на пресудата во весникот „Слободен печат“ на простор не помал од една страница од правата до петта страница на весникот“,
рече судијката.
Додека судијката Јованка Спировска-Панева ја читаше пресудата, уредничката на ИРЛ, Сашка Цветкоска, ја напушти судницата. Во текот на образложението на судијката за ваквата пресуда, во судницата имаше револт од останатите новинари во ИРЛ, но и од претставниците на Здружението на новинарите на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, кои на коментарот на судијката дека правеле циркус ја напуштија судницата со извици на негодување дека станува збор на срамна одлука.
Објаснувајќи ја пресудата, судијката рече оти се чувствува многу непријатно што морала да донесе ваква одлука наведувајќи дека секогаш се залагала за заштита на слободата на говорот.
Таа посочи и дека во повтореното судење се водела по напатствијата на Апелацискиот суд, кој го вратил предметот на повторно одлучување.
„Во случајов, кога се работи дали да се заштити приватно право или право на слобода на говор, секогаш сум била на страна да се заштити слободата на говорот и ова е можеби прва или втора пресуда во кариерата во која носам ваква одлука. Апелацискиот суд ми ја укина (претходната) одлуката бидејќи сум морала повеќе да обрнам внимание на честа и угледот кој исто така е заштитен со Европската конвенција за човекови права“,
рече судијката.

Спировска-Панева го искоментира и лошиот тајминг на Здружението на новинарите на Македонија „да го објави тоа што го објави“, веројатно алудирајќи на поднесената претставка против неа до Судскиот совет за исклучување на јавноста од рочиштето одржано на 13 октомври.
„Ако Здружението на новинарите се заинтересирало, ќе ви беше објаснето дека тоа не е исклучување на јавноста… Тој доказ кај мене многу не влијаеше без оглед кој колку викаше и што викаше. Тајмингот што го избра Здружението на новинари го одбра да го објави тоа што го објави ми укажа дека треба да се заштити приватното право, а не правото на слободата на говор и произлегува дека јас навистина сум погрешила првиот пат и Апелацискиот суд со право ми ја укинал одлуката. Тоа што сте го објавиле од Здружението дека сте воделе ваква, таква, онаква , постапка, мене тоа не може да ме исплаши, ниту да ми изврши притисок, но за жал еве како што излезе новинарката што се претставува како истражувачки новинар (мислејќи на Цветковска)… Можеби да почекавте до до денеска и можеби немаше да има потреба од овој циркус што го правите“,
рече судијката.
Оваа забелешка предизвика реакции кај присутните новинари од ИРЛ и претставниците на новинарските здруженија, кои рекоа дека дошле да ја слушнат пресудата, а не да им се суди како професија, по што ја напуштија судницата.
Пресудата во случајот Кочо Анѓушев против ИРЛ подоцна пред судот ја коментираше уредничката Сашка Цветковска која рече дека станува збор за скандалозна одлука.
„Одлуката беше скандалозна и судијката која своевремено го заштитуваше Сашо Мијалков сега влезе повторно во заштита на Кочо Анѓушев. Како што и самата ја образложи пресудата: приватното право, правото на бизнисот и на приватниот интерес биле посилни од слободата на говорот. Тоа е сè што има да се каже за оваа скандалозна пресуда. Првата пресуда против Мијалков оваа судијка ја изгуби во Стразбур, колегите од ’Фокус’ го добија случајот, а истата постапка ќе ја тераме и ние“,
рече Цветковска.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, изразувајќи поддршка за новинарите од ИРЛ, рече оти се надева дека овој судски случај ќе биде исклучок во судските процеси против новинарите.
„Се надевам дека овој судски случај нема да биде меѓник за една нова ера во судските процеси во Македонија против новинарите. Се надевам дека ќе биде само исклучок кој ќе падне на следните инстанци бидејќи начинот на кој беше образложена оваа пресуда навистина не ни дава за право да бидеме многу оптимисти, но ние како новинари, како здруженија, како колеги имаме обврска да стоиме цврсто и да веруваме во исправноста на кажаното“,
рече Чадиковски.
Тој додаде дека истражувачкото новинарство мора да се поттикнува, мора да се храбри и токму заради тоа, како што рече, сметаме дека сите следни чекори кои ќе ги преземеме ќе бидат во функција на заштита на истражувачкото новинарство.
„Нам ни е јасно дека секогаш кога бизнисот и политиката сакаат да се судрат со новинарите, таа битка не е до крај рамноправна, но верувајте дека имаме сили да издржиме и многу повеќе“,
додаде Чадиковски.
Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, изрази надеж дека во борбата меѓу казнивоста и неказанивоста одново ќе победат и ги охрабри истражувачките центри да продолжат со тоа што го работат.
„Денеска одново се покажа дека правдата во Македонија е витлива, растеглива, има некоја течна агрегатна состојба, меѓутоа вистината е една и, за жал, ние не даваме отчет, новинарите и медиумите, овде во судница, туку даваме пред граѓаните, нашиот аудиториум. Вистината е една и тиа ја знаат затоа што тоа е мерливо и видливо и во довербата што ни ја даваат, а довербата која ја искажуваат во судот зад мене. Мислам дека во борбата меѓу казнивоста и неказанивоста одново ќе победиме ние затоа што парадоксот беше да се казнуваат оние кои нас ни штетат и оние кои сакаат да не обесхрабрат во таа борба, а не ние да бидеме казнетите изнесувани пред ѕидот на срамот во судовите. Треба да ги охрабриме одново сите истражувачки центри уште посилно, уште поревносно да продолжат во тоа што го работат затоа што ние можеме да се соочиме со многу повеќе репресии отколку што тие може да се соочат со вистината и со вистинската и квалитетна содржина која ја продуцираме“,
додаде Беловски.