Сторија за освојувачот на олимписко сребро кој веќе работи да донесе и злато: Кој е теквондистот Дејан Георгиевски – професионално и приватно? Погледнете го видеото.
Четири месеци по еуфоричниот пречек, прашавме колку бутелчани знаат кој среде лето им донесе олимписко сребро од Токио.
„360°: Дали го познавате Дејан Георгиески?
Не.
360°: Олимпиец?
Ааааа, спортот. Епа, ние малце од секојдневието што мислиме, за убавите работи немаме време“,
„Дејан Георгиевски? Аааа, дечкото од теквондо“.
„Дејан, комшија ми е, го знам уште од дете“.
„Да, супер, одличен е, теквондо – спортист, го познаваме.“
„Да донесе уште некој медал, па нека биде златен“,
велат жители на скопската општина Бутел во анкетата за „360 степени“.
Дејан Георгиевски е бутелчанец и има 22 години. Живее во петчлено семејство, а времето меѓу два тренинга дневно, го поминува главно околу домот.
„Најчесто, слободното време кога го имам, го користам за одмор, го шетам моето куче… Имате време за се само ако го определите како што треба.
360°: Кој ти е најголема поддршка?
Брат ми“,
вели Дејан.

Олимпиецот нема спортски корени во фамилијата, но љубопитноста од мали нозе, со брат му и сестра му, ги одвела во локалниот теквондо клуб, каде активно тренираат до денес.

Дејан е средно дете во семејството, а за неговите борби важни му се коментарите на најблиските.

Ова е патот кој води до олимписко сребро, а колку точно борби освоил не помни ниту Дејан самиот.
„Секако, најбитен е тој од олимписките игри. Ова е првиот медал од европско првенство што го земав до 21 година, трето место. После тоа, ова ми е еден од побитните, овој прво место на сениорско првенство. Тука веќе сфативме колку можевме успешни да бидеме. Ова е од европското, сениорско првенство – второ место. Исто така, ова е до 21 година. И овие четири ми се од Г1-натпревари, тоа се натпревари кои носат поени за олимписките игри. Ова се дел од нив што ги одвоив“,
ни објаснуваше Дејан.
Квалификациските натпревари низ годините оделе на сметка на домашниот буџет.
„Просечно, во месецот кога фаќавме по два натпревари, семејството трошеше над 500-600 евра“,
вели Костадин Георгиевски, брат на олимпиецот Дејан.

Во куќата има посебен режим на исхрана, а за менито секојдневно се грижи мајката.
„Со тек на време се навикнавме, така што ние си јадеме тоа што готвиме за Дејан. Ама внимава, не јаде пржена храна, чипсови, грицки, такви работи ништо. Повеќе си е на правилна исхрана“,
вели Тања Георгиевска, мајка на олимпиецот Дејан.
Најблиските на Дејан, олимписката сага ја следеле на телевизија.
„Бев многу возбудена, како ќе помине првата борба, ама кога помина првата, после со тек на време ми беше малку полесно, ама сепак ми беше стресно, кога гледаш свое дете да се бори и навиваш да победи. Ама супер испадна“,
ни раскажа мајката на Дејан.

За финалето, претесен бил семејниот двор, па борбата се следела во основното училиште „Климент Охридски“ во Бутел, каде Дејан тренира секојдневно. Второ место на Олимпијада не може никого да остави рамнодушен.
„Сè беше за Дејан, сè за Дејан се слушаше, на сите интернет страници…сите бевме многу среќни“,
вели сестрата на Дејан.

Теквондото е боречка вештина, а со над 80 килограми, Дејан спаѓа во тешка категорија.
„Во овој спорт ме влечат многу повеќе работи, бидејќи ме прават да бидам многу смирен и со сите тие препреки што доаѓаат во спортот знам дека ќе ми помогнат и понатака во иднина во приватниот живот да ги поминувам сите препреки, сите проблеми на многу полесен начин. Има многу откажувања, но ние сме тука од многу мали во оваа сала и ние сме навикнати и така не имаат научено тренерите тоа да ни биде едноставно начин на живот и мене ништо не ми фали посебно бидејќи ако си го распоредите времето како што треба ќе имате време буквално за сè“,
ни раскажа Дејан додека го придружувавме и на тренинг.



Интензитетот на тренинзите зависи од тоа кога е следниот натпревар. На посериозни подготовки, теквондистите одат и надвор од Скопје, па и од државата. За конзумирачи на алкохол и цигари вратите на клубот се затворени. Дисциплината направила теквондистите од Бутел, меѓу кои е и Дејан, да се едни од најдобрите во Европа и во светот, вели Борче Костовски – еден од тренерите.
„Општо, карактеристиките кои го красат Деки се чесност, вредност, исклучителна посветеност и ретко виден фокус би рекол за македонски услови за занимавањe со врвен спорт“.

Тренинзите за текводно се разликуваат единствено според возраста на групата. Полната училишна сала во Бутел е резултат и на олимписката слава.

„Теквондо спортот е во еден исклучителен подем и во регионот и моментално со тоа што го направивме на олимписките игри е сигурно носечки спорт во Македонија и интересот станува многу силен, и особено тоа ме радува. Сите теквондо клубови што работат и гравитираат на ниво на цела МК се со најави за полни сали во нареднава сезона, ме радува тоа како оди, се надевам на позитивен исход од сето тоа“,
вели Костовски.
Во државава има 10-ина текводно клубови, чии членови вежбаат главно во импровизирани сали. Сите сонуваат за олимписки центар.
„Бидејќи ова е школска нели сала, имаме мал проблем со тоа што кога учениците одат редовно на настава, немаме доволно време од сабајле да ги правиме тука тренинзите и затоа е потребно да ни се изгради еден таканаречен олимписки центар тука во близина за да можеме да го користиме тоа максимално и да имаме достап во салата и да имаме тренинзи кога ќе ни биде потребно и кога ќе сакаме да го направиме тоа“,
вели Дејан.
Сепак, и покрај скромните услови, успехот не изостана. Дејан Георгиевски ја предводеше олимписката делегација и беше единствениот македонски теквондист, но го донесе првиот медал од Олимписки игри за нашата држава по пауза од 21 година. Првпат во историјата Македонија се закитува со сребрен олимписки медал.

„Тој момент таму веќе долго време јас го сонував и во мојата глава го имав замислено како изгледа, и таму кога стигнав во финалето не бев изненаден, туку само знаев дека дојдов до тоа што сонував веќе подолго време. И како што ви кажав, и во финалето и во првата борба, јас бев со ист фокус и знаев за што сум отиден таму“,
вели олимпиецот.
Во финалната борба Георгиевски не успеа да го совлада Владислав Ларин од Русија. Со тоа, златото му се „лизна“ од раце.

„Кога видов кои земји се на пониско ниво, чии знамиња, и во светот на олимпизмот што значи една Кореја и една Куба да биде на пониско ниво од твоето знаме, чувството е секако спектакуларно. Но, тоа траеше неколку саати само, кога се прибравме во олимпиското село уште истата вечер почнаа размислувањата за тоа што како натаму, така што можам да кажам ние и најмалку се израдувавме на медалот од сите“,
вели тренерот на Дејан, Борче Костовски.




Успехот на Георгиевски парично го наградија повеќе државни институции, а олимпискиот дострел му ја донесе и наградата „13 Ноември“. Надвор од спортот, годинава Георгиевски дипломираше на Факултетот за туризам и менаџмент. Сепак, фокусот и во иднина останува на неговата пасија, а таргет се олимписките игри во Париз – 2024 година.
„Следен пат се надевам дека ќе го донесеме златото тука, тренинзите ќе ги правиме на повисоко ниво, имаме подобра стартна позиција бидејќи сум шести на ранг-листата во олимписки категории и тоа ни дава еден поголем старт, еден поголем мотив за да немаме потреба да одиме на квалификации и секако таму ќе имаме поголеми шанси да го донесеме златото“,
порачува Дејан.