Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 13 јануари 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола работи на шест предистраги за јавни набавки во РЕК „Битола“ односно во „Електрани на Северна Македонија“, открива државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Коцевски го прашуваме дали ОЈО Битола има капацитет да ги сработи овие предмети. Разговараме и за тоа дали во атмосфера на големи очекувања од борбата против корупцијата, колку го чувствува за товар тоа што беше избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ и дали страв од евентуално разрешување ги диктира неговите актуелни постапки. Што треба да заклучиме по задолжителното упатство со кое побара од сите јавни обвинители да ги приоретизираат предметите од областа на корупцијата – дека притисокот од премиерот дава резултат или дека Коцевски признава оти обвинителството не работело? Разговараме и за случајот „Државна лотарија“ и недостапноста (бегството) на Артан Груби, за истрагата „Адитив“, а Коцевски одговара и на прашањето – дали и колку други предистраги има за Електрани и РЕК „Битола“. Тема се и (не)веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ, Бојан Христовски, наводите на премиерот дека биле следени тој и неговото семејство, како и предистрагата за фирмите на Ристо Крмзов од Струмица.