Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 3 март 2025 г. на МРТ 1, во кое гостува директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски
„Со овие предмети што ги работиме сега и коишто ги доставуваме до обвинителството, испраќаме порака и до актуелните функционери дека кога-тогаш, што и да прават, какви криминали да прават, ако евентуално ги прават, ќе излезат на површина“, вели директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Со Ивановски разговараме за дел од случаите што ги отвори Финансиската полиција во врска со работењето на претходните раководства во „Државна лотарија”, Службата за општи и заеднички работи, ЕСМ (РЕК Битола)”… Го прашуваме дали со МВР се ривали или партнери, каква им е соработката со јавното обвинителство, кој е неговиот став за иницијативата на Владата за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски… Со директорот на Финансиската полиција разговараме и за тоа колку партискиот бекграунд (општински советник во Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, член на раководството на Унијата на млади сили) му дозволува непристрасно да ја извршува функцијата и дали ќе може да ги гони премиерот или министрите, ако треба, имајќи предвид дека за директор е поставен токму од нив. Тема е и (не)применливоста на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.