Во новиот владин состав жените ќе бидат застапени со само 12,5 отсто. Единствено ВМРО-ДПМНЕ предложи министерки и тоа три, а номинираните од „Вреди“ и од ЗНАМ се само мажи. Ги прашавме партиите и разговаравме со експерти – зошто жените во земјава тешко доаѓаат до највисоките извршни функции
За т.н. „фемили фото“ од првата влада на земјава – експертската на Никола Кљусев од 1991, може да се дебатира каква била застапеноста на заедниците во неа, но нема што да се каже за застапеноста на жените. Нема ниту една.

Веќе следната влада, онаа на Бранко Црвенковски од 1992 година, ги доби првите жени. Тогаш како кадар на Либералната партија, Гордана Сиљановска-Давкова стана министерка без ресор, а Софија Тодорова од СДСМ – министерка за развој.
И во сите следни влади, на Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, па се до Зоран Заев, имаше жени. Но, нивната бројка никогаш не се ни приближи до бројот на мажи.
Во последната Влада, онаа предводена од Димитар Ковачевски, кабинетот заедно со премиерот броеше 21 член. Од нив 17 беа мажи, а 4 жени, од кои една министерка без портфолио. Или, учеството на жените беше околу 19%.
Во втората влада на Зоран Заев од 2020 година имаше вкупно 20 члена, од кои 16 мажи и 4 жени – сите министерки со ресор. Или, учеството на жените беше околу 20%.
Во првата влада на Заев од 2017 година имаше вкупно 26 члена од кои 22 мажи и 4 жени, а од нив три со министерски ресор и една без портфолио. Во проценти, околу 15%.
Во последната Влада на Никола Груевски, од 2014, имаше 26 члена на влада, од кои 24 мажи и само две жени – инаку ресорни министерки. Или жените учествувале со околу 8% во тогашната влада.

И сега, викендов, Северна Македонија ќе добие нова влада, на Христијан Мицкоски. Веќе се знае составот, а со тоа и бројот на кандидати и кандидатки за министерки. Ако се спореди процентот на жени во новата влада, може да се заклучи дека земјава прави регрес.
Предлози за министерки во новата влада се Гордана Димитриеска-Кочоска за финансии, Сања Божиновска за енергетика, рударство и минерални суровини и Весна Јаневска за министерка за образование и наука. Сите доаѓаат како предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Другите партнери во власта, коалицијата „Вреди“ и политичката партија ЗНАМ не предложија ниту една жена.

Тоа значи дека од вкупно 24 члена на идната влада, 21 ќе бидат мажи, а само три жени. Или, жените ќе бидат 12,5 отсто од новиот владин кабинет. Споредено со сите други кабинети во последнава деценија, тоа е помалку и од владата на Ковачевски и од двете влади на Зоран Заев, а повеќе само од владата на Никола Груевски во 2014-та година.

Тања Иванова од истражувачката организација Реактор смета дека прашањето на учеството на жените во носењето одлуки е многу сериозно, но кај нас не се смета за такво.

„Ако земеме предвид дека половина од популацијата се жени, тоа кажува многу за тоа како се дистрибуираат ресурсите и каков е пристапот до добра и ресурси во однос на мажите и жените во нашава земја и покажува дека јазовите се сериозно големи. Искористувањето на човечкиот потенцијал е исто така недоволно земен предвид бидејќи тоа подразбира дека половина од популацијата во Македонија не учествува во носење одлуки и креирање политики“,
вели Тања Иванова – претседателка на „Реактор“.
Таа смета дека е потребно да се работи со политичките партии бидејќи тие кандидираат кадри, но најмногу треба да се работи со граѓаните.
„Така што, јас би рекла дека треба да почнеме од образованието и тоа во градинки за да се надминат стереотипите во однос на машката и женската улога во општеството, за да се надминат некои предрасуди во однос на тоа каде е позицијата на жената во општеството и за да се сфати дека човечкиот потенцијал е од неизмерно значење за нашата држава и за нејзиниот економски развој пред сè“,
додава Иванова.
Експертката за родова еднаквост Даниела Антоновска смета дека е потребно применување мерки што можеби не звучат многу демократски но сепак водат кон демократизација – квоти.

„Сепак би кажала дека овдека се потребни измени и во Изборниот законик, како што веќе напомнав постои веќе 40% родова квота за застапеност на жените во законодавната власт, меѓутоа сметам дека е потребна и квота за избор на жени на министерски позиции односно потребни се и реформи на Законот за влада“,
смета Даниела Антоновска – експертка за родова еднаквост.
Зошто не предлагаат повеќе жени или зошто воопшто не предлагаат жени за министерски позиции ги прашавме трите субјекти од кои ќе биде формирана новата влада. Од ВМРО-ДПМНЕ ни одговорија дека на оваа тема ѝ пристапуваат со голема важност – нешто што тие сметаат дека се потврдува и со кандидирањето на сегашната прва жена-претседател на државата.
„Предлозите за идната влада се во согласност со компетенции од една страна, но и лична желба за вклученост во владиниот кабинет. Во нашата програма јасно се определени идните цели на ВМРО-ДПМНЕ за посветеност на темата на жената како центар на македонското општество и преку политиките, мерките и еднаквото вреднување ќе го реализираме тоа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата Знам инсистираа да не дадат официјален одговор, туку само коментар во телефонски разговор во кој ни рекоа дека предложиле двајца мажи за идни министри бидејќи биле квалитетни и дека кадрите не ги делат по род, туку по квалитет.
Од коалицијата „Вреди“, пак, кои исто така не предложија жени за во идната влада, велат дека ќе имаат три жени заменички министри и најмалку една жена генерален директор.
„Не затоа што не веруваме во нивната способност да се справат со предизвиците, туку затоа што во распределбата на првите должности во законодавната и извршната власт кои се во надлежност на ‘Влен’ беа номинирани три од лидерите. Не сме среќни со овој податок. Во наредниот период ќе вложиме вонредни напори за балансирање на оваа состојба, особено на претстојните локални избори“,
велат од коалицијата „Вреди“.
Ова ветување од „Вреди“ е особено важно. Зошто? Затоа што, ако се погледне бројот на жени во владините кабинети од независноста до сега низ призмата на политичка припадност, неизбежен е заклучокот дека многу е поголема резервата кон министерките кај партиите на Албанците.
Со таков успех може да се пофалат само Теута Арифи од ДУИ, која во 2011 беше избрана за вицепремиерка за евроинтеграции, и Мерие Рушани, која како кадар на ДПА станува министерка за наука во владата на Љупчо Георгиевски во 1998 година.
„Доколку кај македонската етничка заедница зборуваме за постоење родови стереотипи, на предрасуди, на дискриминација врз основа на пол и род, јас мислам дека сите тие предрасуди и родови стереотипи се уште по изразени кај помалите етнички заедници и пред сè мажите политичари од албанскиот политички блок треба малку повеќе родово да се освестат, да бидат повеќе родово одговорни“,
смета Антоновска.
Досега во неколку наврати се лобираше за законски измени со кои ќе се зголеми бројот на жените – градоначалнички. Таквите заложби не вродија со плод. Константно малиот број на жени и во извршната власт, кој по позитивниот тренд во последните три владини кабинети сега бележи регрес, можеби ќе поттикне слични идеи и за учеството на жените на раководните позиции и во извршната власт. Нашите соговорнички додаваат дека се потребни и други измени, пред се културолошки.
За крај, еден пример од соседството. Во владата на соседна Република Албанија од вкупно 18 члена има дури 10 жени или околу 56% – сите ресорни министерки од кои една и единствениот заменик на премиерот Еди Рама.