Според предлог-моделот на регулаторот, цената ќе зависи од потрошувачката само за делот од сметката што се однесува на високата, скапа тарифа
Се предлагаат четири ценовни групи, односно четири блок тарифи, зависно од потрошената електрична енергија во скапа тарифа. Регулаторната комисија за енергетика сепак не претстави и детали – како би изгледале цените по тарифен блок споредено со сегашните цени. Засега останува само да се верува на тврдењата дека ако овој модел бил на сила сега, со актуелната цена на струјата, најголем дел од домаќинствата би плаќале помалку
Сала на петтиот кат во зградата на Стопанската комора на Северна Македонија беше местото на главниот настан денеска.
Сите го чекаа предлогот на Регулаторната комисија за воведување блок тарифи при пресметката на цената за потрошена електрична енергија по принципот – тој што троши повеќе, и да плаќа повеќе.

„Значи, имаме предлог да се оди со четири блока. Блокови кои се однесуваат само на потрошувачка во висок дневна тарифа,“
рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Според предлог-моделот на регулаторот, цената ќе зависи од потрошувачката само за делот од сметката што се однесува на високата, скапа тарифа.

Потрошената струја до 210 kwh за 30 дена, секое домаќинство ќе ја плаќа по една цена. Според кажаното, кога би се вовел моделот сега, таа цена би била пониска од актуелната за струјата во скапа тарифа.
Цената на скапата струја од 210 до 420 kwh, односно вториот блок, ќе се наплаќа во втора цена, која би била минимално пониска од актуелната.
Потрошената струја од 420 до 630 kwh ќе се наплаќа по трета тарифа, односно ќе влезе во третиот тарифен блок. Не е јасно колку би чинела, споредено со актуелните цени.
Четвриот блок, односно четврта цена на електричната енергија ќе се наплаќа за се што е потрошено над 630 kwh меѓу 7 и 22 часот. Оваа цена ќе биде како и пазарната, односно околу 15 денари за kwh, наспроти сегашните 7,32 денари за kwh во скапа тарифа.
Едно од големите прашања што се отвораат по ваквиот начин на пресметка е – како ќе бидат заштитени граѓаните кога ЕВН нема да им го прочита броилото точно на 30 дена, туку можеби на 35, со што би влегле во поскапа тарифа?

„Она што имаше загриженост кај граѓаните, значи, потрошувачката ќе се сведе на дневно ниво и затоа такви се границите на блоковите, да можат да се делат со 30, за да нема незадоволни потрошувачи. Од аспект, кај мене подолго време не е прочитано, па ќе влезам во блок со повисока цена. Значи тој проблем ќе биде избегнат поради тоа што ако читањето е пред 35 дена, првиот блок наместо 210 ќе биде 245 киловатчасови. Така што, тој проблем ќе биде разрешен“,
рече Бислимовски.
Регулаторот ги кажа тарифните групи, но не и потенцијалните цени, споредено со сегашните. Засега останува само да се верува на тврдењата дека ако овој модел бил на сила сега, со актуелната цена на струјата, најголем дел од домаќинствата би плаќале помалку.
„Конечно, со имплементацијата на овие блокови, кај 87% од домаќинствата во зимските месеци, ќе имаме намалени трошоци за електрична енергија. Кај останатите ќе има зголемени трошоци за електрична енергија. Токму тоа е поентата на воведувањето на блок -тарифите – да се испрати сигнал до потрошувачите кои многу трошат да ја намалат својата потрошувачка и да инвестираат во енергетски ефикасни уреди и начини на греење со електрична енергија. Додека во летните месеци кај 92% од домаќинствата ќе имаме намалени трошоци на електрична енергија“,
посочи Бислимовски.
На јавната дебата беа презентирани и модели на тарифни блокови изработени од ФЕИТ и од Машинскиот факултет. И во двата случаи, симулациите покажаа намалување на сметките кај поголем дел од потрошувачите – некаде симболично, некаде значитено.

„Цените за домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат дефинитивно пониски од пазарните. Се разбира, цените ги диктира тендерот што универзалниот снабдувач го распишува за набавка на електрична енергија“,
рече Рубин Талески, професор на ФЕИТ.

„При актуелните цени, голем дел од домаќинствата би имале помали сметки отколку според постојниот тарифен систем. За голем дел од потрошувачите, сметките не би биле значително различни, се разбира, под услов да не се покачи цената на електричната енергија што не е воопшто нереално“,
рече Ристо Филкоски, професор од Машинскиот факултет во Скопје.
Но, во еден од моделите, што не помина добро кај регулаторот, беше предложено и зголемување на цената на евтината тарифа во однос на цената на скапата.
„Тој однос, 2:1, е воведен 70 и некоја година кога во СФРЈ производството беше главно од термоелектрани па и кај нас, особено кога влегоа блоковите во Битола и техничките минимум на електраните беа такви во ноќно време, особено Битола 3 кога влезе во погон, 87-88 година, имавме вишоци од стотици мегавати во нашиот, македонскиот систем. И тогаш природно било со цени 2:1 да се стимулираат луѓето… Сега тоа не може да се направи“,
рече Талески.
Дел од присутните експерти се пожалија дека анализите не им биле доставени пред трибината за да можат да се подготват со предлози и забелешки.
Сепак, не се воздржаа да посочат на одредени аномалии. Професорот во пензија, Константин Димитров, праша – што со домаќинствата каде под ист кров и со едно броило живеат повеќе луѓе, но и што со оние што немаат друга опција освен да трошат многу струја.

„Дури Градот Скопје и државата даваа и субвенции да се купуваат мали топлински пумпи, наречени комерцијално инвертори клими итн. И сега одеднаш тие ќе бидат на определен начин казнети, бидејќи ги исфрлиле печките на дрва, ќе преминат во електрична енергија и ќе трошат поголема количина електрична енергија наместо претходно“,
рече Константин Димитров – професор во пензија од Машинскиот факултет во Скопје.
Презентацијата на моделите и евентуалното намалување или зголемување на сметките, беше симулирано на актуелните цени. Сосема друго прашање е најавеното поскапување на струјата.
Професорот Талески и регулаторот Бислимовски рекоа дека со новиот тарифен модел, сепак, секое идно покачување на цената на електричната енергија ќе влијае помалку за оние што се во првиот и вториот блок отколку што е во моментов со актуелниот систем.
„Овој модел вели вака – секое идно покачување ќе влијае помалку за оние што се првиот и во вториот блок. Поинаку, грубо кажано, ама не ме држете за збор, ако овде се вели дека во некој блок ќе има со сегашни цени, 5 отсто помала смета, а цената на струјата од 1 јули на пример ќе се покачи за 50 отсто, тие од први јули ќе имаат 45 посто, покачување, грубо кажано“,
рече Талески.

„Најбитните елементи се трошокот за набавка на електрична енергија на универзалниот снабдувач, да видиме која цена ќе ја понуди ЕСМ. Во тоа Регулаторната комисија за енергетика не влијае, и дополнително и Електродистрибуција и МЕПСО треба да распишат тендер за набавка на загуби на електрична енергија. Досега, во одреден дел, и ЕСМ учествуваше во овие набавки, да видиме како ќе биде тоа во наредниот период. Поради тоа, не шпекулираме со цените. Кога ќе бидат завршени овие тендери ќе се знаат и крајните цени“,
рече Бислимовски.
Според најавите, блок-тарифите се привремено решение со кое ќе се овозможи ограничените ресурси за домашно производство да се искористат поефикасно и да се стимулира рационална потрошувачка. Дебатите за крајниот изглед на моделот ќе продолжат.
Промените во тарифите се очекува да стапат во сила од јули или август.