Се чини дека и тетовци конечно се вразумија. По ноќната обиколка „360 степени“ забележа дека работат само маркетите и аптеките, какви што се и препораките. Рестораните и кафулињата се затворени.

„Нема народ, затворени ресторани, кафулиња. Празен е градот“
„Препораките се применуват, веќе 2-3 дена се применуват препораките од Министерството.“

Тимот на тетовското одделение на Државниот пазарен инспекторат прави последна координација пред екипите да тргнат во контрола. Нивниот шеф, Лилберт Мемети, вели дека првите денови граѓаните не биле доволно информирани, но сега мерките се почитуваат.
„Најважна е свеста кај граѓаните, зашто не е поентата да ги казнуваме и да ги тераме да затворат принудно, туку најважно е тие сами да знаат дека ситуацијата целокупно не е како што треба заради вирусот и дека тие треба нам да ни помогнат, а не ние нив да ги затвораме принудно“,
вели Лилберт Мемети – раководител на ДПИ – одделение Тетово
Така и беше. Додека се возевме со инспекторите не забележавме неправилности.
„Меѓу најдобрите кафулиња во градот, што најмногу работат, затворени се и почитуваат“

Празно и морничаво и во главниот град. Немаше со кого да поразговараме ни по уличките со најпознатите дебармаалски ресторани.

Многу пораздвижено беше во населбата Чаир. Пеш или со автомобил – очигледно чаирчани не можат долго да седат дома. Пазарните инспектори и полицијата во неделата затворија седум локали во северниот дел на Скопје кои не ги почитувале мерките.

Пред сендвичарниците и пекарниците беше полно. Тие смеат да работат, но во прилагодени услови. Внатре се подготвува храната, а потоа се продава преку прозорец.
„Да, има клиенти. Сите доаѓаат и прашуваат зошто вака, зошто не ни дозволувате внатре да си влеземе. Значи, законот се применува низ цела територија на Република Северна Македонија“,
вели Јасир Исмаили – угостител
Муштериите што ги затекнавме трпеливо си ги чекаа нарачките.
„Тие се обидуваат да се заштитат себе си, не знам, мислам дека е добро. На некој начин, мислам дека е безбедно,“
вели Кан Полат – клиент.
И на друго место се работеше во услови на коронавирус – паркингот на ЈСП „Скопје“. Стотици патници дневно поминуваат во секој од овие автобуси. Затоа возилата секоја ноќ, покрај стандардното чистење, се дезинфицираат со посебни средства.

„После враќањето прво се перат надворешно па внатрешно. Се дезинфицираат држачите со дизентал и потоа ги прскаме со дизентал и подовите“,
вели Зоран Георгиев – вработен во ЈСП „Скопје“
Дали вие како вработени во ЈСП стравувате од внатрешноста од автобусот откако толку многу луѓе ќе поминат во текот на целиот ден?
„Не, затоа што сме заштитени, носиме заштитни маски, ракавици и одела, така што не гледам ништо опасно во тоа“,
вели Георгиев.
Скопскиот јавен превоз деновиве, според бројот на патници, е речиси преполовен.

„Апелираме до сите граѓани рационално да го користат превозот, значи само кога е неопходно, и при користење на јавниот превоз да се однесуваат согласно препораките за превенција од вирусот“,
вели Деспина Јаневска – портпаролка на ЈСП „Скопје“
За некои од најфрекфентните постојки и линии, како „петката“ која го поминува целиот град – од Лисиче до Ѓорче Петров, како да нема криза. Малкумина патници носеа маски и нараквици.
„Па, ете превентивно, ништо друго, што слушам на телевизија да се заштитуваме – тоа е тоа.“
„Морам да одам на работа. Такси не можам да плаќам секојдневно и не ми е страв воопшто, ќе помине и тоа.“
„Ако доволно водиме грижа за нас и за луѓето околу нас и имаме доволно свест во нас, нема потреба од некоја голема паника да се крева.“
Многу патници секојневно им поминуваат и на такси-возачите кои се задолжени да носат маски и нараквици, иако може да се забележат возачи и без заштита.

„Носам маска, ракавици, имам средство за дезинфекција. Вчера возев баш едни Бугари, ни маски имаа, ни ракавици и кашлаа многу во возилото. Баш вчера ми се случи тоа околу 10 часот. Од Бугарија беа. Помислив да ги симнам, но не го направив тоа. Се трудам професионално да си ја работам работата“,
вели возачот Даниел Раденовиќ .
Некои такси компании направиле професионална дезинфекција на возилата, а добро е да се пребрише внатрешноста по секој патник.
„Патниците прашуваат дали колата ви е дезинфицирана?“
вели возачот Златко Костовски.
„Да повеќето прашуваат, посебно од вчера. Нѐ гледаат дека и ние сме заштитени не само поради нив, туку и за себе.“
вели Костовски.
Дали обемот на работа е опаднат?
„Да намалено е што е и нормално. Не којзнае колку, но намалено е, градинките не работат, ниту едно училиште, ниту средните, ниту факултетите сите се дома.“
вели Костовски.
Како и супер маркетите и отворените пазари бележат зголемена продажба. На пазарчето Буњаковец трговците велат дека иако продаваат свежа храна сепак се купува во големи количини.

„Прометот се зголеми. Луѓето, не знам, ги фати некоја паника. Секој сака да стави, секој сака да има затоа што не се знае што може утре да биде. Може да се затвори пазарот како што се затворија кафулињата и така“,
вели Ибраим Бислимовски – трговец.
Некои од пазарџиите не би имале проблем ако се затворат и пазарите.
„Ако речат – ќе затвориме. А ако затвориме уште подобро за нас. Барем ќе се прочисти едно две недели вирусот па ќе си почнеме пак со работа“,
вели Радица Блажевска – трговец.
Повеќето муштерии што ги забележавме сепак без разумни во набавките.
„Морам храна да купам. Резерви не правам, се си има свое време на траење, така да јас нема потреба од таква работа. Рекоа дека ќе се снабдиме убаво со продукти“,
вели Андоновска Лилјана.
„Не излегувам баш, но денеска морав да излезам и сега одма се враќам дома. Дезинфекција си правам дома, рацете ги мијам со антисептик и така“,
вели Снежана Каревска.

На крај, по долготрајно снимање на терен и контакт со повеќемина соговорници, мерките за превенција се почитуваат и во нашата редакција. Превенцијата е најдобриот лек.