Николоски рече дека во извештаите од Советот на Европа треба да се бара Бугарија подиректно да го приспособи политичкиот систем и да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права, односно да ги почитува човековите права на малцинствата, вклучително и на Македонците

Бугарија не ги исполнува своите обврски како членка на Советот на Европа и со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски во својот говор во Советот на Европа.
Зборувајќи за човековите права, тој во говорот потсети дека против Бугарија има 16 пресуди поврзани со Македонците во оваа држава, кои не се спроведуваат.
„На Македонците им е забрането да го користат и да го учат својот мајчин јазик, ограничено им е на правото на собирање, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат! Националниот устав и судовите на Бугарија не можат да бидат над пресудите на Европскиот суд за човекови права. Кога домашните институции не успеаја да ги заштитат човековите права на Македонците во Бугарија, тие го гледаат Стразбур како своја надеж за почитување на основните човекови права“,
рече Николоски.
Тој рече дека за Бугарија и другите земји како неа што не ги спроведуваат одлуките на ЕСЧП треба да се користи поцврст речник во извештаите на Советот. Бугарите, рече тој, се гласни за случаи надвор од нивната држава, а дома со години не спроведуваат ниту една пресуда.
„Во извештајот јасно е напишано дека – речиси сите земји одговориле дека нивните судови се повикуваат на Конвенцијата кога одлучуваат за прашањата за човековите права, во истата реченица во извештајот за Бугарија и неколку други земји се вели: ’Сепак, степенот до кој Конвенцијата и/или одлуките на Европскиот суд за човекови права се почитуваат, се разликува‘.Се согласувам со овие позиции во извештајот и мислам дека тие треба да бидат поцврсти во формулацијата и подиректно да бараат од земјите како Бугарија целосно да го прилагоди својот политички систем и истиот да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитува човековите права на сите националните малцинства, вклучително и Македонците. Бугарите се многу гласни за случаи надвор од границите на нивната земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот. Ова не е прифатливо“,
рече Николоски.
Целосното почитување на Конвенцијата за човекови права и националниот уставен поредок не е антитетично, туку е целосно комплементарно. Собранието треба да смета дека приоритет во Советот на Европа треба да биде зајакнувањето на правниот и моралниот авторитет на Конвенцијата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неговите колеги Арта Билали-Зендели од ДУИ и Дарко Каевски од СДСМ, кој е шеф на делегацијата, од 24 април е во Стразбур каде што учествува на вториот дел од редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.