Потпретседателот на опозициската партија и денеска порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и кажа оти партијата активно ќе работи за промена на преговарачката рамка со ЕУ и вадење на штетните членови и делови од неа
Паднаа маските, се потврдија лагите! Ни 24 часа не издржа лагата на владата на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска во Софија министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, потпишаа билатерален протокол.
„Денес се потпиша протоколот со којшто Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја. Денес во Софија е потпишан протокол кој ќе биде дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Со протоколот на којшто стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ“,
рече на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој ја обвини владата дека со согласила на бугаризација и протоколот да стане дел од рамката што прави задачите од него да бидат услов за тоа дали земјава ќе напредува или нема на патот кон ЕУ.
„Исто така вистински скандал е тоа што Бујар Османи и оваа предавничка влада сè уште го немаат објавено протоколот којшто тие денеска го потпишаа. Иако со денови и недели Османи најавува негово објавување и споделување со македонската јавност, сепак и по потпишувањето на овој протокол кој сè уште не е јавно објавен, јасно е дека се плашат да го објават затоа што се свесни какви лоши работи има во него и каква ќе е реакцијата на македонската јавност кога ќе види светлина на денот. Но, тој протокол ќе се објави без разлика дали тоа ќе се случи утре, дали ќе се случи во вторник после сликањето во Брисел или во среда, во четврток.“,
рече Николоски.
Тој тврди дека и во протоколот јасно пишува оти вистинските преговори на Македонија со ЕУ нема да започнат со сликањето, како што тоа го најавил премиерот Димитар Ковачевски за вторник, туку ќе започнат после промената на Уставот за вметнување на Бугарите во него.
„Едно е јасно, во вторник предавниците само ќе одржат фотосесија во Брисел. Нема започнување на преговори за Македонија, додека преговори вистински во вторник ќе започне само Албанија. Од она што можеме да го дознаеме во овој штетен протокол кој влегува во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ стои меѓудругото дека до 2023 година треба да се затворат прашањата за заедничко чествувања на празници и личности, а до 2025 година мора да се направи промена по учебниците по историја во Република Македонија, онака како што ќе побара Бугарија. Ако кој било дел од овој протокол со кој се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја не е по теркот на Бугарија и бугарската влада како и бугарската пропаганда ќе има ВЕТО за Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ“,
тврдеше Николоски на прес-конференција.
Тој уште еднаш порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и дека партијата активно ќе работи за промена на преговарачката рамка со ЕУ и вадење на штетните членови и делови од неа.