Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за предлог-законот за одбрана кој ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена да го гласа поради тоа што армијата во законот се именува како „Армија на Република Северна Македонија“, и дали овој став не е во контрадикција со ставот за брз влез во НАТО.

„ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО, било од основањето до денес и сметаме дека е добро државата да стане членка на НАТО. Но, во исто време ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа Преспанскиот договор, начинот на којшто беше преговаран, начинот на којшто беше потпишан и неговата имплементација потоа, сметаме дека е лош и капитулански договор и ние позади таа позиција стоиме. Така што, го одвојувам едното од другото. Едно е да зборуваме да се прекрсти армијата од Армија на Република Македонија во нешто друго, а друго е дали државата да стане членка на НАТО. Апсолутно треба да стане членка на НАТО“,
рече Николоски.
Николоски вели дека нашата држава се соочува со штетата од договорот потпишан од Заев и Димитров, но дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги ублажи последиците.
„Има два начини да се направи тоа, првото е да освоиме двотретинско мнозинство за да можеме да пристапиме кон промена на Уставот и да го вратиме старото име. Доколку граѓаните не ни дадат толкава поддршка, треба да направиме една брза серија на реформи, да ја ставиме Македонија на брза трака, да пробаме во скоро време да станеме членка на Европската Унија и кога ќе сме на иста маса со Грција, да пробаме да ги менуваме работите“,
рече Николоски.
Тој вели дека не е спорно тоа дека требало да се направи договор, но не може поради тоа да се оправда лош договор.
„Да им дадевме празен лист хартија на Грците и да им кажевме – напишете што сакате, веројатно ќе напишеа полош договор од овој што го добија, можеби ќе им беше непријатно толку многу работи да добијат“,
рече Николоски.