Луѓето ширум САД ги губат животите од екстремен студ, сообраќајни несреќи и други последици од невремето. Некои држави побараа од потрошувачите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија за да избегнат прекини
Од вторник временските услови ќе се подобруваат од запад кон истокот на Америка, но на источниот брег нема да затопли до четврток или петок
Поради арктичката бура што го погоди поголемиот дел од САД, повеќе од 800 000 луѓе останаа без струја, а десетици лица загинаа. Повеќе од 3 000 летови се откажани, а некои аеродроми се затворени.
Замрзнатите услови на патиштата ги натераа властите да ги повикаат луѓето да останат во домовите и да ги откажат сите патувања кои не се вонредни. Стотици луѓе, пак, се останати заглавени во сообраќајот.
Луѓето ширум САД ги губат животите од екстремен студ, сообраќајни несреќи и други последици од невремето.
Во Монтана, Националната метеоролошка служба предупреди дека на источната падина на националниот парк Глечер и околината може да падне до 20 сантиметри снег, а ветровите достигнуваат брзина и до 90 километри на час.
Монтана претходно во невремето забележа температура од -45,6 степени, додека вчерашната најниска температура беше забележана во малиот град Авр и тоа -39 степени.
Длабокиот снег кој на некои места има длабочина од повеќе од 70 сантиметри, ниските температури и целодневниот прекин на електричната енергија ги принудија жителите на Бафало да ризикуваат да се заглават во длабокиот снег минатата ноќ за да стигнат до едно од загреаните јавни засолништа подготвени од локалните власти .
Заслепувачка снежна бура со речиси нула видливост, замрзнат дожд и студ ги остави жителите без струја од државата Мејн на североистокот на САД, до Сиетл во државата Вашингтон на северозапад, додека главниот оператор на електричната мрежа предупреди на ограничувања за 65-те милиони луѓе што ги опслужува низ источниот дел на САД. Поправките на мрежата најверојатно ќе траат неколку дена.
Некои други држави побараа од потрошувачите да ја намалат потрошувачката за да избегнат прекини.
Од вторник временските услови ќе се подобруваат од запад кон истокот на Америка, но на источниот брег нема да затопли до четврток или петок.
Екстремните временски услови ги принудија властите ширум земјата да отворат центри за затоплување во библиотеките и полициските станици за да ги заштитат бездомниците.
Канаѓаните исто така издадоа предупредувања за тешки временски услови. Стотици илјади луѓе останаа без струја во регионите Онтарио и Квебек, додека многу летови беа откажани во Ванкувер, Торонто и Монтреал.
Канадската железница објави дека сите возови од Торонто до Отава и Монтреал ќе бидат прекинати на Божиќ поради излетување на воз од шините, додека екстремните временски услови доведоа до голем број откажани возења.
Метеорологот Келси Мекјун од Торонто објави на Твитер дека во петокот во езерото Ири се забележани бранови до 8 метри, додека во пристаништето Ферпорт, Охајо, ветрови до 120 километри на час.