За среќа реагирано е на време во трафостаницата и не дошло до прекин во снабдувањето со струја. Пожарникарите интервенирале четири часа, а материјалната штета дополнително ќе се утврдува
Невреме со силни врнежи од дожд денеска околу пладне го зафати Неготино. Обилните врнежи поплавиле неколку објекти во центарот на градот и трафостаница на ЕВН.
„Од 11:45 до 12:30 часот подрачјето на Општина Неготино го зафати невреме, пропратено со врнежи од дожд. Врнежите беа обилни и истите предизвикаа поплавување на неколку деловни објекти во центарот на градот, трафостаница на ЕВН на која беше реагирано на време од страна на ТППЕ Неготино за да не дојде до прекин во електроснабдувањето. Исто така, во селото Дисан има поплава на станбен објект (куќа)“,
соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Противпожарната екипа во Неготино интервенирала со четири екипи од осум пожарникари и три возила со опрема за испумпување на насобраната вода. Интервенирале од 12:30 до 16:30 часот.
Материјалната штета дополнително ќе се утврдува.
