За само две и пол години Владата потрошила осум милиони евра за службени возила. Превозот е неопходен, но со овие пари, на пример, би можело сите основни училишта да се трансформираат за и учениците со попреченост да стигнат до редовниот образовен процес. Инклузија значи вклучување на сите деца во редовна настава, преку пристапни училишта, приспособени учебници и технологија, како и образовни асистенти за оние што имаат потреба. Новата министерка за образование на еднаквоста гледа како приоритет број 1. Парите за инклузивно образование ги изеде корона-кризата. Ќе се најдат ли нови и кога?
Двојно повеќе деца отколку што може да прими сакаат да учат во новото основно училиште „Киро Глигоров“ во скопски Капиштец. Освен што сè мириса на ново, се внимавало и објектот да биде пристапен за сите ученици.
„Како што самите може да видите, овие плочки се противклизни. Водено е и сметка да нема скали каде што ќе има подигнување на екстремитетите за да може да се влезе во училиштето,“
вели Кире Секуловски – проект менаџер на ОУ „Киро Глигоров“.
Од подземната гаража до секој кат има лифт. Тоалетите се со соодветна ширина и држачи, а и чешмите се отвораат без посебен напор. Потемните плочки кои водат до секоја училница се патеки за лесно движење на учениците со попречен вид. Училиштето почна со работа минатата учебна година, а веќе од оваа – тројца ученици со попреченост се запишани во редовна настава.
„Целиот објект чини околу 5 милиони и 500 илјади евра. Отприлика општината потроши негде околу 10 милиони денари за целата инклузија“,
вели Секуловски.
Ниту едно друго државно училиште нема вакви услови, иако во нив, на ниво на целата држава, настава следат вкупно 273 ученици со попреченост. Родителите и децата се задоволни и со многу поскромни обиди. Позитивно искуство има осмооделенката Дени Жерновска, ученичка во „Гоце Делчев“ во скопски Центар. Дени има физичка попреченост, а училишните бариери се уривале една по една, во период од повеќе години. До трето учела на првиот кат, а потоа е вграден лифт за да може класот заедно со Дени да се префрли погоре. Почетокот на новата учебна година Дени со семејството го чека надвор од Скопје, а нејзиниот татко вели дека физичката пристапност е само првиот неопходен елемент.
„Како втор елемент би го кажал – едукацијата на наставниот кадар, првенствено можеби преку курсеви, преку некои тренинзи на постојниот кадар кој е во основните и средните училишта, но и од она што јас го знам и на факултетите каде се едуцира тој наставен кадар, многу малку е застапена работа со ученици со посебни потреби. Третиот елемент според мене би бил обезбедување на образовни или лични асистенти што е проблем во моментот, иако мора да да се каже дека последните години државата и општините работат на тоа да се подобри“,
вели Денис Жерновски, татко на Дени Жерновска.
Училиштата се под ингеренции на општините, но градоначалниците велат дека без помош од Владата промени се речиси невозможни. Досега, пак, речиси секоја посериозна интервенција во училиштата ширум државата е направена со странска донација.
„Ние сами не можеме тоа да го делуваме, односно Владата треба да ги зголеми ингеренциите за да имаме можности, бидејќи во минатото училиштата ги градела државата, со децентрализација припаѓаат под самите општини, треба да ни се зголемат одредени средства, треба да ни се зголеми одреден процент на данок којшто ги прибираме за ние да можеме да постигнеме. Вака се носи закон, правила на игра, ама не ти се даваат доволно можности“,
вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Инклузивното образование е ставка во буџетот која ја изеде корона-кризата. Од милион и двесте илјади евра предвидени за инклузијаво тековната година, по ребаланс на буџетот останаа само 63 000 евра. Според информациите од МОН, средствата биле предвидени првенствено за обезбедување образовни асистенти.
Други планови за инклузија нема во буџетот за годинава. Пари за реконструкција на училиштата се издвојуваат во секој буџет, но до емитувањето на овој прилог не добивме податоци колку барем минатата година завршиле за адаптирање на училиштата со рампи и лифтови. По смената во МОН, тимот предводен од Мила Царовска ветува „борба“ за поголем буџет.
„Со следното планирање на капиталните инвестиции, да видиме колку можеме ние да инвестираме во училиштата покрај општините и да обезбедиме соодветна пристапност и пред се ги обезбедиме оние книги и онлајн-алатки, да бидат пристапни за децата со попреченост. Колку и да чини, ние мораме да го спроведеме тоа“,
вели Душан Томшиќ, советник на министерката за образование Мила Царовска.
Тимот на Царовска до крајот на годинава сака да ја стандардизира и услугата – образовен асистент, оти досега тие имаа ангажман само во текот на учебната година.
„Тоа ќе може да биде на ниво на вработување во самото училиште но, како што кажав, ако дефинираме цена, училиштето или МОН ќе може да објави повик и да ја купи услугата, да кажеме од граѓанска организација или здруженија која ќе има вработени асистенти, а само ќе се плати часот или услугата“,
вели Томшиќ.
Кога Македонија ќе може да се пофали со инклузивно образование?
„Јас не би прогнозирал, но, приоритетот на новата министерка за образование и наука, како прва точка, е инклузивното образование“,
додава Томшиќ.
Според проценките на засегнатите семејства, за едно училиште на три ката да се трансформира во пристапно со лифт, неколку рампи, тоалети и посебни соби за одмор, потребни се околу 70 илјади евра.
Во земјава има 1 042 основни училишта. За сите да се адаптираат, според посочената пресметка, потребни се онолку пари колку што Владата потрошила за набавка на службени возила за две и пол години. Пари има и од други ставки, само прашање е што е приоритет.
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.