На протестот присуствуваше и таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој испрати порака вакво нешто да не се случи повторно и побара од организаторите, доколку планираат да продолжат со протестите, да не дозволат тие да добијат политичка заднина
„Неказнивоста е правен неуспех! Да не се повтори“. Ова е пораката, испишана на транспарент, која денеска беше истакната на протестот во Неготино, родниот град на 22-годишната Фросина Кулакова која завчера беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

На протестот кој се одржа попладнево, по погребот на младата девојка, присутните побараа одговорност за настанот, побезбедни улици и поголема свесност од сите.
Софија Шутова, која е дел од организаторите на протестот, рече дека, случајот во кој Фросина го загуби животот е предупредување за сите нас дека не сме безбедни.
Ова не е само трагедија за изгубен млад живот и огромна загуба на семејството. Ова е предупредување за нас дека не сме безбедни. Оние кои треба да не штитат, се на страната на виновниците. Ни даваат порака дека нашиот живот не вреди во моменти кога треба да се заштити некој финансиски и позициски помоќен од нас“, рече таа, пренесе МИА.
На протестот присуствуваше и таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој испрати порака вакво нешто да не се случи повторно и побара од организаторите, доколку планираат да продолжат со протестите, да не дозволат тие да добијат политичка заднина.
Тој кажа дека се соочуваме со тотален распад на општеството, а последиците ги чувстуваат децата.
„Не знам што планирате, дали ќе продолжувате. Мој совет ви е, доколку сакате да продолжите и доколку сакате вистински да стигнете до она што вие сте го зацртале, тогаш под број еден, никако немојте да дозволите да ставите која било политичка позадина. Движете се чисто како граѓански сектор и вашите ставови да не бидат од некоја, една или друга политичка група. Ако така настапите, тогаш навистина ќе бидете едно здружение на граѓани за пример. А јас, од тој аспект гледано, од срце најискрено ви посакувам голем успех“,
рече Кулаков.
Вера Најдовска, другарка на Фросина, посочи дека нема зборови со кои може да ја изрази болката од трагедијата.
„Ти не си само жртва на нечии неопростливи одлуки. Не си само репетитативна жртва на системот во државата, најмногу од се, Фроси, ти си херојка во сите нас. Ти остави длабок печат, а за нас твојата слика ќе остане врежана во сеќавањата, девојка со бескрајна позитивна енергија, која го претвораше светот во место полно со бои и радост. ‘Шо напраив бе’ беше се што монструмот можеше да каже. Епа ти, остави фамилија без своето чедо, момче без својата долгогодишна љубов и сите нас без најискрениот и најсветлиот другар“,
рече Најдова.

Да не дозволиме ваквите трагедии да станат само бројки и вести што брзо се забораваат порача, Каролина Маркова, додавајќи дека мора да се бара одговорност, побезбедни улици и поголема свест и совесност од сите.
Поддршка на семејството Кулакови даде и Славе Николов од Радовиш, татко на Викторија Николова, која пред три години, исто така, го загуби животот, во сообраќајка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Претходно денеска голем број граѓани излегоа на протест на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена младата Фросина, а потоа се упатија кон Кривичниот суд, откако претходно својот револт го изразија пред зградите на Јавното обвинителство и Собранието.
Студентите беа во првите редови на протестот. Извикувајќи повеќе пароли со кои бараа правда за младата Фросина, тие на плочникот пред Кривичниот суд оставија отпечатоци од раце намачкани со црвена боја.
Граѓаните бараа правда за сите жртви од сообраќајни незгоди, како зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај – од обвинетиот до обвинителите и судиите кои го ослободувале младиот возач за претходните дела.
Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишен скопјанец со автомобил удри во 22-годишната девојка на булеварот „Партизански одреди“ која им подлегна на повредите на самото место. Според наводите на Обвинителството, осомничениот Васил Јованов возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.
На барање на Обвинителството, судија на претходна постапка денеска на осомничениот му одреди 30-дневен притвор.
Инаку, против 20-годишникот лани во јули се водела судска постапка за поседување и продажба на наркотични дроги. Од Основниот кривичен суд Скопје му била изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом, а пресудата денеска беше објавена од страна на судот.
Предметот во врска со ова дело е во жалбена постапка во Апелацискиот суд Скопје, кој сè уште не се произнел по него.