Граѓанскиот активист, Бесим Небиу, во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема учество на граѓаните во носењето одлуки од јавен интерес на локално и на државно ниво, зборуваше за тоа дека потребни ни се повеќе позитивни примери во кои идеи или предлози од граѓани се земени предвид и реализирани на национално ниво. Тој вели дека концептот на форуми на заедница не се нови на локално ниво и во општините функционираат некаде од 2005 година, но проблемот е што на државно ниво, немаме добар пример.
Коментирајќи за електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), како алатка каде граѓаните, активистите, новинарите и сите заинтересирани имаат можност да остават забелешки во однос на предлог-закони, Небиу вели дека тоа е повеќе формалност, отколку реално учество на граѓаните.
„Значи, партиципацијата е кога делови од заедницата или разни групи на интерес или и личности имаат идеја или желба, интерес и тој се реализира до крај. На ова поле ние немаме примери, дека законски проекти дошле од групи на граѓани или огромни инфраструктурни проекти кои се на национално ниво, а биле иницијатива на група граѓани. Сето ова е повеќе процес на коментарот, консултацијата, а оваа Влада има повеќе сенс отколку претходните Влади и ова треба да го признаам поради критиките кои доаѓаат од невладиниот сектор. Можеби и поради историјата како е дојдена оваа Влада на власт, преку поддршката на граѓанскиот сектор или активизмот. Но, верувам дека има многу работа, верувам дека ова не е доволно особено на национално ниво и верувам дека отчетноста кон граѓанинот, кон разните сегменти на граѓански интерес треба да биде на многу нивоа посуштествена отколку што е во овој момент“,
вели Небиу.
Тој додава дека потребно е да се направи разлика меѓу информирање, консултација и партиципирање.
„Ако зборуваме за нивото на информирање, ЕНЕР е добар пример. Бидејќи не само граѓанските активисти, но и новинарите, дел од истражувачките новинари се константни набљудувачи на ЕНЕР и го вршат процесот на набљудување. Сега се поставува прашањето, не дали таа информација доаѓа до јавноста, туку, што се прави со таа информација и каква одговорност, отчетност постои откако таа информација ќе биде пласирана“,
додава Небиу.