Буџетот беше изгласан едногласно од сите присутни пратеници од мнозинството, иако во моменот кога опозиционерите излегуваа од салата внатре имаше „само“ 59 пратеници, така што се чинеше тешко дека ќе може да се гласа
Половина час пред полноќ, Собранието го донесе буџетот за следната година, така што парламентарното мнозинство ги обезбеди во последен момент сите 62 пратеници во салата, што претходно ја напуштија сите опозициски пратеници.
Буџетот беше изгласан едногласно од присутните пратеници, со вкупно 62 гласа „за“, иако во моментот кога опозиционерите излегуваа од салата внатре имаше 59 пратеници, така што се чинеше тешко дека ќе може да се гласа.
„Трикот“ на мнозинството
Тогаш, на говорницата излезе координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски. Во процедурална дискусија, тој ги обвини опозициските пратеници, посочувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ, но и Левица и Алијанса/Алтернатива, за опструкции и неконструктивност. Митревски посочи дека цел на опозицијата е да не се донесе буџетот и да има времено финансирање, така што дополнително ќе се продлабочи кризата.

„Ова е невидена „брука’. Кога сите во цел свет се обединуваат во борба против ковид-19 и економските последици од пандемијата, ние имаме опозиција која ја напушта салата, која опструира и бојкотира, за да не донесеме буџет, туку да имаме времено финансирање. Затоа ги повикувам колегите Боби Мојсовски, Бисера Костадиновска и Дарко Каевски да ни се придружат во салата и да го донесеме буџетот“,
рече Митровски.
Набрзо, тројцата пратеници од пратеничката група на СДСМ, кои очигледно беа во Собранието и чекаа да бидат повикани, се појавија во салата. Беа дочекани со ракоплескање, по што сите следни одлуки беа донесени со по 62 гласа „за“.
Впечатокот е дека социјалдемократите го исценираа „криењето“ на тројцата пратеници, за да видат дали опозицијата ќе остане во салата, за да може да се премине на гласање. Имено, за донесување на буџетот не е потребно апсолутно мнозинство, ама за да се оди на гласање во салата мора да има најмалку 61 пратеник.
„Развоен и визионерски буџет“
Пред гласањето, министерот за финансии Фатмир Бесими го имаше завршното петминутно обраќање пред пратениците. Тој рече дека овој буџет се носи во период на криза, која не се чувствува само кај нас, туку во целиот свет. Размерите на оваа криза, како што оцени, се поголеми од тие на економската криза во 2009 година.

„Тоа го прави овој буџет посебен. Специфично е и тоа што за наредната година се предвидени 500 милиони евра за антиковид мерки, ако има потреба, а веројатно ќе има, затоа што и во 2021 ќе се соочуваме со последиците од пандемијата. Ова е визионерски буџет, затоа што првпат носи петгодишна развојна рамка“,
рече Бесими, барајќи поддршка за буџетот од пратениците.

Буџетот за 2021 година е развоен, скроен да одговори на сите предизвици од коронакризата, но и да обезбеди реализација на капитални инвестиции и економска стабилност, рече пратеничката на СДСМ Даниела Марковска, на денешниот петти и последен ден од пленарната расправа за буџетот.
„Владата , во периодот од 2021 -2025 година, ќе се фокусира на имплементација на капитални проекти во износ од 3, 1 милијарди средства. Од буџетски средства ќе се издвојат околу 1, 16 милијарди евра, донација преку ИПА фондовите од 112,8 милиони евра и средства од меѓународни билатрални кредити во износ од 1,84 милијарди евра“,
рече Марковска.
Таа ги оцени како оча јни критиките на опозицијата дека Владата недоволно инвестирала во развој на инфраструктура.
„Дека вашите критики се производ на очај, доказ се податоците од Министерството за транспорт и врски дека во изминатите три години има најмногу проекти. Завршени се 23 патни правци со вкупна должина од 243 км во вредност од 54, 6 милиони евра. Исто така, во тек се 29 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациона мрежа во вредност од околу 13 милиони евра. За првпат се гради канализација и водовод во Визбегово, со цел подобри услови за работа на компаниите и привлекување нови инвеститори. За првпат се град канализација во Арачиново…,“
посочи Марковска, додавајќи дека средствата во буџетот за 2021 година гарантирата ефикасна реализација на капиталните инвестиции во инфраструктурата.
„Дискриминаторски и предизборен буџет“
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Владата ќе потроши историски највисоки средства само за плати.
„Во 2021 година за плати на администрацијата ќе се потрошат 20 милиони евра повеќе, во споредба со оваа 2020 година. Издатоците од буџетот за плати ќе изнесуваат оваа година фантастични и рекордни 510 милиони евра. Значи за плати за администрацијата, која очекуваат дека ќе им гласа на следните локални избори, Владата планира да потроши фантастични и рекордни 510 милиони евра“,
рече Николоски.
Тој рече дека во 2021 година, со коронакриза, Владата очекува од даноци да собере повеќе пари од 2019 година. Вака проектираните даночни приходи, рече, се на ниво од една милијарда и 918 милиони евра, споредно со една милијарда и 898 милиони евра во 2019година.
„Не слушнавме дебата на што го темели Владата овој оптимизам и како е возможно во кризна година да очекуваат да соберат повеќе пари од 2019 година, кога немаше криза ниту во Македонија, ниту во светот. Врз основа на што Владата очекува да собере 142 милиони евра следната оваа година“,
праша Николоски.
Скендер Реџепи од Алтернатива, кој беше последен дискутант од пратениците вечерва, рече дека не може да гласа за буџет кој е политички и дискриминирачки во однос на албанската етничка заедница и средините со доминантно албанско насление. Тој рече и дека во буџетот лошо се менаџираат средствата за оразованието, каде што состојбите се посебно деликатни поради епидемјата. Обвини и дека не се спроведува доследно Законот за употреба на јазиците.
Буџетски приходи од 212,6 милијарди денари
При презентацијата на новиот буџет, пред да биде пуштен во собраниска процедура, премиерот Зоран Заев и министерот за Бесими посочија дека буџетските приходи со предлогот се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.
Во фокусот на овој буџет се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи.Очекувањата се дека ефектите од рестриктивните мерки поради пандемијата во следната година ќе ослабнат и се очекува растот на економијата да достигне 4,1 отсто и 4,6 отсто во 2022 година.Од Владата оценија дека предложениот буџет е за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година.