Во обраќањето на бизнис-форумот во Варшава претседателот оцени и дека отворањето на преговорите за членство со ЕУ позитивно ќе влијае на севкупниот бизнис-амбиент и натамошното поврзување на Северна Македонија и земјите-членки на Унијата
Меѓу Северна Македонија и Полска постои растечка економска соработка, но трговската размена изминатите години не соодветствува на економските потенцијали што ги имаат двете држави.
Ова е заедничка оценка на претседателите на двете земји, Стево Пендаровски и Анджеј Дуда, кои денеска се обратија на полско-македонскиот економски форум што во Варшава го организира Полската агенција за инвестиции и трговија и кабинетот на Дуда.
Во обраќањето на бизнис-форумот, Пендаровски кажа дека очекува бизнисите да успеат и во вакви кризни времиња да најдат можност за просперитет порачувајќи дека не смее да се чека на подобри времиња.
„Постојат голем број сфери каде имаме потреба од зголемена соработка и не смееме да чекаме подобри времиња, туку веднаш да се адаптираме на новата реалност и заеднички да ги искористиме сите понудени шанси. Секоја успешна бизнис приказна дополнително ги зацврстува и нашите билатерални односи, а тоа денес, во услови на нестабилност и атак врз нашите заеднички демократски вредности од страна на ретроградни меѓународни субјекти, е дополнителна вредност“,
порача претседателот.
Неизбежна тема беше и руската воена агресија во Украина за што Пендаровски рече дека не постои земја која не е економски погодена од тоа и во такви услови, констатираше тој, краткорочните решенија на кои сме присилени да ги носиме, само делумно ги ублажуваат негативните ефекти од не-економските фактори.
„Затоа, натамошното системско и структурно јакнење на економската соработка меѓу нашите земји се наметнува како прв приоритет, бидејќи полза од тоа имате не само вие како стопанственици, туку и нашите граѓани кои директно ги чувствуваат ефектите од таквата соработка“,
рече Пендаровски.
Претседателот оцени и дека отворањето на преговорите за членство со ЕУ позитивно ќе влијае на севкупниот бизнис-амбиент и натамошното поврзување на Северна Македонија и земјите-членки на Унијата.
Пендаровски се обрати на бизнис-форумот во рамки на неговата дводневна официјална посета на Полска. Денеска наутро тој со државни и воени почести беше пречекан од неговиот полски колега, по што одржаа и тет-а-тет средба, а имаше и пленарен состанок на делегациите од двете земји, како и средба со полскиот премиер Матеуж Моравјецки.
И на средбата со полскиот премиер, како што соопшија од кабинетот на претседателот, тие изразиле задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете држави, но и оцениле дека постои солидна основа за натамошен развој и унапредување на досегашната економска соработка.