При посетата на македонскиот претседател Пендаровски на Варшава тој е одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, додека полскиот претседател Анджеј Дуда со Орден „8 Септември“

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во Варшава е одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, како симбол на блиските дипломатски и политички релации меѓу двете држави и претседатели и потврда на македонско-полското пријателство и партнерство.
Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека со Орден „8 Септември“ Пендаровски го одликува претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда за исклучителен придонес во негувањето и во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Северна Македонија, со цел зачленување во Европската Унија и во НАТО, како и за продлабочувањето на пријателските релации и стратешки соработки помеѓу двете земји на социо-културен план, што придонесува за демократските процеси на нашата земја.
Шефот на државата Пендаровски престојува во дводневна официјална посета на Република Полска. Со државни и воени почести, изутрината во Варшава, беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.