Четири години по првите сознанија, се проверува дали и колку од опасниот линдан од ,,Охис” е одлаган над скопско Драчево – мештани сведочат за пцовисана стока и плуски по рацете. Погледнете го видеото
Стручни екипи изминатава недела трагаа по остатоци од линдан на локалитетот Пеленица над скопско Драчево. Теренот се проверува по добиените сознанија дека и овде во минатото несоодветно се депонирал канцероген отпад од фабриката „ОХИС“.
„Отчитуваме концентрација на хемиски елементи во почва. Моментално мериме хлор и евентуално присуство на жива.
360°: Колку?
Некаде отприлика 109 000 ппм за хлорот. Жива нема идентификувано.
360°: Ова што значи, висока контаминација?
Висока контаминација“,
вели Трајче Митев од „Деконс Ема“.

И пред да стигнат лабораториските резултати, стручњаците можат да претпостават од каде се високите концентрации.
„Мерењата досега на оваа прва бушотина покажуваат дека до длабина на три до четири метри се регистрирани присуство на поголема количина на хлор.
360°: Тоа значи дека се остатоци од процесот на производството на линдан?
Тоа е најверојатно. Најверојатно. Присуство на хлорот не може да биде од друго потекло, најверојатно е од линданот“,
рече Ванчо Ангелов од „Геохидроконсталтинг“.

Специјализираниот тим има задача на повеќе места да земе примероци од почва на различна длабочина. Очекувањата им се да допрат и до јами со бетонски ѕидови, во кои, според прелиминарните податоци, отпадот бил депониран во метални буриња и покриен со земја. Освен почва, ќе се анализираат и подземните води.
„Плавите точки, тоа се локации каде што треба да се констатира дали во длабина имаме присуство на подземна вода и можно присуство на одредени елементи по самата подземна вода“,
објасни Ангелов.

Теренското истражување е под капа на Министерството за животна средина. Додека се трага под површината, миризбата во воздухот е слична како во околината на „ОХИС“.
„Мирисот се чувствува. Налетавме на една сонда којашто покажа дека има депониран отпад.
360°: Кога ги очекувате официјалните резултати?
Па, теренското истражување ќе трае 5-6 дена, ќе се земат примероци, истите ќе треба да се анализираат во лабораторија, па да се направат сите тие пресметки, астимации, 3Д модели на локацијата и некаде до крајот на годината се очекува да се добијат финалните резултати со проценети количини на отпад и на контаминирана земја, со модели, опции за ремедијација и колку би чинеле тие опции“,
вели Александар Мицкоски од Канцеларијата за неразградливи органски загaдувачи при МЖСПП.

„360 степени“ пред четири години објави документ од „Охис“, магистерски труд и еколошки план на Општина Кисела Вода – три индикации што укажуваа дека депонија со линдан има и надвор од кругот на фабриката. Истата година Министерството за образование ги забрани училишните екскурзии на овој локалитетот, а Министерството за животна средина ја огради и означи потенцијалната депонија. Сега таблата ја нема, а дел од оградата е уништена.

Првите сознанија за потенцијалната токсична депонија на Пеленица во 2018 година ги добивме од Сретен Стојковски, поранешен вработен во ОХИС.
„На истиот начин како што е складиран во ОХИС и овде е донесен, ставен, затрупан со земја и така е оставен. Нема од тој период мониторинг на локацијата што се случува, во каква состојба се бурињата, дали се распаднати, какво е влијанието на линданот врз подземните води, нема мониторинг направено“,
сведочеше тој пред камерата на „360 степени“ пред четири години.

Сега, од позиција на директор на Инспекторатот за животна средина, Стојковски службено го мониторира процесот.

„Очекуваме дека со овие активности за земање на примероци, фирмата која е ангажирана ќе го поправи овој дел, ќе ги исправи столбовите и ќе ја исправи жицата, за да не влегуваат од кај патот животни и луѓе.
360°: Ќе го следите цело време процесот?
Да, да, ќе бидеме присутни овде цело време, луѓето си работат, ние секојдневно ќе доаѓаме во контроли“,
вели Стојковски.

Парцелата со подземна депонија е во близина на манастир, над селото Љубош, чии жители се сеќаваат како играле над темпираната бомба, а таму го паселе и добитокот. За токсичноста на местото слушнавме сведоштво од „прва рака“.
„Доста стока која пасеше во тој регион на Пеленица пцовисуваше. Нам како деца знам дека ни излегуваа плуски по рацете, ама тоа се рачунаше тогаш од 86, кога беше проблемот со Чернобил, и тогаш нѐ убедуваа дека тоа е од Чернобил“,
вели за „360 степен“, Сенад Арифовиќ, жител на село Љубош.
Седат вели дека за среќа повеќе од 20 години се приклучени на градскиот водовод.
„Тој дел каде што се наоѓа линданот, под него местото се вика Локва, тоа е многу подлежно земјиште, има подземни води. Ние таа вода ја пиевме од бунарите. Е сега сигурно, една од генерациите ќе ги почувствува тие последици. Не овие деца новите, таа генерација од 80 до 90 години сигурно ќе почувствуваат и веќе може ги чувствуваат последиците од тој линдан што се наоѓа на Пленица“,
тврди тој.

Љубош е печалбарско село, а жителите се во сендвич меѓу депониите на Пеленица и на Дрисла.
„Секој сака чист воздух да диши, ама не знаеме веќе што има тука и што нема“,
прокоментира друг жител на селото.

Колку и какво токсично наследство оставил „ОХИС“ на Пеленица ќе се знае по лабораториските анализи што ќе се прават во Холандија. Само теренското истражување чини околу 50 илјади евра, а допрва ќе се прават пресметки колку би чистело и чистењето на оваа локација.

Засега се чисти само помалата од двете депонии со линдан во кругот на фабриката „Охис“, која се смета за најжешка еколошка точка во земјава. Чистењето на малата депонија се очекува да трае уште една година, а за големата се уште не се најдени пари. Процесот е скап, па прашање е кога на дневен ред ќе стигне не само нејзиното, туку и чистењето на дивата депонија на Пеленица.