Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во врска со настанот попладнево соопшти дека отвора дисциплинска постапка против фудбалскиот клуб Шкендија поради, како што велат, нечовечното однесување на навивачите на клуботи и непочитувањето на едноминутниот молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани
Навивачи на фудбласкиот клуб Шкендија од Тетово денеска попладне предизвикаа скандал пред почетокот на натпреварот со ФК Брера, со непочитување на едноминутниот молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица.

Како што може да се види од видеото од натпреварот на Јутјуб каналот на ФФМ по излегувањето на играчите на двете екипи и нивното поздравување меѓусебе и со судиите тие се постројуваат на периферијата од кругот на централниот дел на теренот за едноминутниот молк за да им оддадат почит на жртвите од трагедијата.
Наместо молк и од трибините, оттаму продолжуваат да се слушаат извици, а потоа и свирежи, кои потоа преминуваат во скандирања и песна додека трае оддавањето почит на теренот.
Од снимката на ФФМ, која во живо на својот Јутјуб канал ги пренесува натпреварите од домашното првенство, не се гледа од каде точно доаѓа недоличното однесување, бидејќи кадарот е фокусиран на теренот каде се играчите.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во врска со настанот попладнево соопшти дека отвора дисциплинска постапка против фудбалскиот клуб Шкендија поради, како што велат, нечовечното однесување на навивачите и непочитувањето на едноминутниот молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани.
„Овој чин претставува недопустливо непочитување кон загинатите и нивните семејства“,
се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница на ФФМ.
Од Фудбалската федерација велат дека ќе преземат соодветни мерки, согласно правилата, за вакви недолични постапки никогаш повеќе да не се повторат.
„За вакви нелуѓе нема место во фудбалот. Нека се огледаат на Шкендија Арачиново, која покажа достоинство и почит кон жртвите и целокупната ситуација во државата. ФФМ пред неколку недели веќе ги испразни трибините со гостински навивачи во Струга поради недолично однесување и тоа ќе важи за сите – без исклучок“,
велат од ФФМ.
Оттаму порачуваат дека фудбалот мора да остане спорт на почит и достоинство.
Во видеото подолу може да ги видите и слушнете што денеска се случуваше на стадионот во Тетово пред почетокот на мечот, односно недоличното однесување за време на едноминутниот молк во знак на почит кон жртвите од пожарот во Кочани.