Лицето кое Навални го идентификува како Константин Борисович Кудравцев раскажува дека е можно отровот да бил ставен во долната облека
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални објави снимка од неговиот телефонски разговор, за кој тој тврди дека е со оперативец на руската државна безбедност кој учествувал во неговото труење, со што посочува дека зад обидот за неговото убиство стои Русија.

Човекот чиј глас се слуша на снимката вели дека учествувал во чистење на облеката на Навални, за да нема траги, откако тој падна во кома за време на летот над Сибир.
На снимката на која Навални раскажува за овој разговор и трае повеќе од половина час, лицето кое Навални го идентификува како Константин Борисович Кудравцев раскажува дека ситуацијата ќе имала поинаков тек ако авионот во кој беше Навални не бил принуден да слета затоа што му се слоши.

Човекот, кој во извештајот за медиумите од минатата недела беше идентификуван како оперативец на руската разузнавачка служба и член на тимот што го следел Навални со години, во телефонски разговор навестува дека долната облека на опозиционерот е едно од местата каде што е вметнат отровот.

На Навални му се слоши во текот на летот на 20 август, а два дена подоцна беше пренесен во болница во Берлин.
Лабораториите во Германија, Франција и Шведска, како и тестовите спроведени од Организацијата за забрана на хемиско оружје, утврдиле дека Навални бил изложен на отровот „новичок“, развиен во поранешниот Советски сојуз.
Руските власти децидно отфрлија вмешаност во труењето на Навални.