Во моментов на македонската граница нема опасност од наплив на бегалци, тврдат од МВР. Сепак, како што велат оттаму, состојбата се следи постојано и доколку има закана ќе ги зајакнат безбедносните капацитети
Стотици мигранти и бегалци се собраа на границите на Грција и Бугарија, откако Турција им го отвори патот и најави дека веќе нема да ги спречува да стигнат до Западна Европа и Балканот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека ја засилуваат граничната безбедност и порача дека Атина нема да ги трпи, како што вели, последиците од одлуките донесени од други.
„Значителен број мигранти и бегалци во големи групи се собраа на грчко-турската копнена граница и се обидоа нелегално да влезат во земјата. Сакам да бидам јасен: Никакви илегални влегувања во Грција нема да бидат толерирани, ја зголемуваме нашата гранична безбедност. Грција не сноси никаква одговорност за трагичните настани во Сирија и нема да ги трпи последиците од одлуките донесени од другите. За ситуацијата ја информирав Европската Унија“,
напиша Мицотакис на Твитер.
Грција утрово го затвори граничниот премин „Кастањес“ со Турција кај Еврос.
Бугарската гранична полиција, пак, веќе спречила нелегален влез на две групи сириски бегалци, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов и најави дека и војската е на готовс.
„Изразувам категорична решителност во однос на тоа дека армијата треба целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на државната граница, притоа да не се дозволи ниту еден илегален имигрант на територијата на Бугарија“,
порача Каракачанов.
Во моментов на македонската граница нема опасност од навалица на бегалци, тврдат од Министерството за внатрешни работи. Сепак, велат состојбата се следи постојано и доколку има закана ќе се зајакнат капацитетите.
Опасноста од нов бегалски бран дојде откако Турција се закани дека повеќе нема да ги запира бегалците да се упатуваат кон Европа поради вчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, во кој загинаа повеќе од 30 турски војници.
Столтенберг: Сирија и Русија да запрат со нападите во Идлиб

На барање на Турција денеска се одржа и вонреден состанок на Северноатлантскиот совет.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот со амбасадорите на земјите членки, ги повика Сирија и Русија веднаш да ги прекинат воздушните напади на Идлиб и целосно да ги почитуваат меѓународните обврски.
„Ги повикуваме да престанат со нивната офанзива. Да се почитува меѓународното право и да се поддржат напорите на ООН за мирно решение“,
порача Столтенберг.
Поврзани вести: Турција се закани дека ќе ги пушти сириските бегалци кон Балканот и Западна Европа
По заканите дека ќе ги пушта бегалците: Грција го затвори граничниот премин со Турција кај Еврос