Одлуката на Владимир Путин да го стави нуклеарниот арсенал во состојба на готовност набрзо по почетокот на инвазијата на Украина, предизвика страв во многу делови од светот. Всушност, го засили стравот од нуклеарен инцидент бидејќи руската војска претходно почна да ги напаѓа и освојува украинските нуклеарни централи, меѓу кои и Чернобил
Ризикот од нуклеарна хаварија, но и нуклеарен напад предизвика навала по јод-таблети во повеќе земји низ Европа, а некои држави најавија и интервентна набавка. Проверивме каква е состојбата кај нас
16 јули 1945 во Ново Мексико, САД, беше детонирана првата нуклеарна бомба. Од првиот тест, низ годините растеше бројот на држави кои поседуваат нуклеарно оружје, а бројот на тестирани бомби надмина 2 000.
Дваесетина дена по тестот во Ново Мексико, пак, нуклеарното оружје првпат беше употребено и во вистинска цел во војна – јапонските градови Хирошима и Нагасаки.
Денес вкупно девет земји поседуваат нуклеарно оружје, меѓу кои и Русија.

Одлуката на Владимир Путин да го стави нуклеарниот арсенал во состојба на готовност набрзо по почетокот на инвазијата на Украина, предизвика страв во многу делови од светот. Всушност, го засили стравот од нуклеарен инцидент бидејќи руската војска претходно почна да ги напаѓа и освојува украинските нуклеарни централи, меѓу кои и Чернобил.
Во Украина, како превенција, бесплатно се поделија таблети со јод. Теоријата е дека ако телото се засити со неконтаминиран јод, во тироидата нема да има место за радиоактивниот, кој е меѓу првите високо канцерогени супстанции што се ослободуваат во атмосферата при нуклеарен инцидент.

Стравот од нуклеарна хаварија, но и нуклеарен напад, предизвика навала по аптеките во повеќе земји низ Европа.
Во САД апчињата поскапеа двојно, а прашањето – дали јод-таблетите помагаат при нуклеарна војна – забележа раст од 1 000 отсто при пребарувањата на Гугл во последната седмица, објави „Блумберг“.
Некои држави најавија и интервентна набавка на овие таблети.

„Не треба да го плашиме бугарското население, но треба да сме спремни за се. Со јод-таблети, со систем за алармирање…“,
најави бугарскиот премиер Кирил Петков.
Каква е состојбата кај нас?
Јод-таблети побаравме во неколку аптеки во Скопје. Потрагата не одеше лесно.

Во дел од аптеките ни кажаа дека ваков производ не увезуваат со години. Други, пак, посочија дека имаат недостаток поради зголемена побарувачка. По речиси еден час и неколку посетени аптеки во центарот на главниот град, успеавме да купиме јод-таблети.
Во првата аптека во која најдовме јод-таблети, едно пакување не чинеше 243 денари. Станува збор за 30 капсули со фолна киселина и калиум јодид, кои обично се користат како додаток на исхраната и се купуваат без рецепт.

Во друга аптека вработените ни кажаа дека таблетите што претходно ги купивме не се наменети за намалување на ефектите од радијација. Како калиум-јодид ни понудија друг производ.
И во оваа аптека не сме биле единствени што побарале јод-таблети.
Тука го купивме последното шишенце со јод-таблети што беше останато за продажба, бидејќи во последниве денови имало наплив од купувачи. Пакувањето со 180 капсули со калиум јодид не чинеше околу 1 150 денари.

За разликите во производите што ги купивме, пак, нивната намена, ефикасност и за начинот на употреба – одговори побаравме на повеќе места. Од Министерството за здравство, на прашањата кога и кои таблети треба да се користат во случај на изложеност на радијација, но и дали државата планира нивна набавка, ни одговорија:
„Лекови или витамини (во случајов јод) не се препорачува да се користат самоиницијативно. Потенцираме дека користењето на овие производи е неопходно да се одвива исклучиво во консултација со стручни лица, односно со матичниот лекар. До овој момент, од страна на стручните лица од оваа област, не е предложена ваква иницијатива за потреба од ваква набавка“,
велат од Министерството за здравство.
Дека нема потреба од набавка на јод-таблети смета и Зоран Велковски од Одделението за радијациона заштита во Институтот за јавно здравје.

„Јод-таблетите се земаат непосредно во близина на, да речеме, хаваријата на нуклеарна централа хипотетички, значи во најблиската околина треба да ги земаат луѓето, и тоа пред се млади луѓе под 40-45 години, особено оние кои имаат проблем со тироиднатa жлезда. Додека неоправданото земање на таблети може само да му наштети на организмот“,
вели Велковски.
Украина не е баш блиску до земјава, но многумина се сеќаваат на радиоактивните облаци над Европа по хаваријата во Чернобил. Токму Институтот за јавно здравје е надлежен да ја следи радијацијата во атмосферата. Пред седиштето на институција е една од осумте станици во земјава, кои преку автоматизиран систем мерат радијација во воздухот. Податоците се испраќаат до базата на Европската комисија и Меѓународната агенција за атомска енергија.

„Доколку се случи нешто, ќе ги следиме препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија и ќе постапуваме, а ризикот безбедносен никогаш не може да се знае. Колкава ќе биде таа хаварија и каков импакт ќе има врз животната средина и популацијата, не може однапред да се предвиди такво нешто“,
вели Велковски
Ако се вклучи алармот за зголемена радијација на станицата на ИЈЗ, прва треба да реагира Дирекцијата за радијациона сигурност. И тие редовно ја следат состојбата и кај нас и во другите земји. Дента кога снимавме, во Украина немаше зголемена радијација.
Инспекторот за радијациона сигурност, Горан Трајков, не очекува Македонија да има големи последици од евентуална хаварија во украинските нуклеарни централи, поради големата далечина. Сепак, тврди дека Дирекцијата е подготвена и за такво сценарио, во кое при зголемена радијација, би имало одредени рестрикции, како во времето по несреќата во Чернобил.

„Рестрикции или забрана за одреден тип на храна, користење на овие зелени салати, користење на млекото, добиточна храна, забрана за излегување на добитокот на испаша, може да има забрана за излегување на малолетници, деца, бремени жени итн, се зависи од состојбата што би се случила“,
вели Трајков.
За следење на радиоактивноста и евентуалната контаминација на воздух, земја, вода, храна, покрај автоматизираниот систем со мерните станици, и ИЈЗ и Дирекцијата за радијациона сигурност имаат опрема за теренски испитувања.
Такви мерења имало во земјава и по несреќата во Чернобил. Професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии вели дека тогаш Македонија не претрпела големи последици. Не очекува такво нешто ни при евентуално нова несреќа во нуклеарка во Украина.
„Најмногу погодени од катастрофата во Чернобил беа Украина, Русија, Белорусија, дел Германија и евентуално Скандинавските земји. Македонија имаше многу мало количество на радиоактивен материјал кој пристигна овде… Ние, некако, по среќа од Украина се наоѓаме многу подалеку, обрабени сме со повеќе планински венци, па ако се случи хаварија и појава на радиоактивен облак, не би требало многу да ја засегне нашата држава нашата територија“
вели Спасевска.
Спасевска, иако потенцира дека со окупацијата на дел од украинските нуклеарни централи се нарушени сите начела за безбедност на еден нуклеарен објект, сепак, смета дека не е можен ненамерен инцидент, ниту планирана хаварија, бидејќи последици ќе трпи и Русија.
Објаснува дека при таков инцидент, мерките за заштита би се креирале според она што ќе се детектира како радиоактивен материјал кај нас. Во случај на војна, пак, вели дека последиците би биле несогледливи.

„Кога настанува хаварија во електрана или нуклеарен објект, начелно најмногу страда околината. Исто така и кога би имале нуклеарна војна, исто така страда околината каде што паѓаат бомбите, но ако тоа стане нешто од глобален размер, јас не сум политичар немам такво предзнаење, но секоја глобална нуклеарна војна значи крај на светот. Јас не би сакала ни да зборувам што би значело ако има нуклеарна војна. Тоа е сосема нешто друго“
вели Спасевска.
Инспекторот за радијациона сигурност Трајков, пак, го калкулира и тој ризик.
„Треба да се стравува – да. Опасноста постои, поготово употребата на нуклеарното оружје. Тогаш ќе биде нешто..бидејќи може да видиме кои се последици од нуклеарните бомби во Хирошима, Нагасаки, кои се последиците од тие бомби. Што предизвикале, кои човечки жртви, материјални штети, кои беа последиците пост тие бомбардиња, радијацијата…”
вели Трајков.
Во услови на неизвесност од војната во Украина, секоја земја може само да се надева дека при евентуален инцидент или напад, нема да светне и нејзиниот аларм за тревога.