На секои 100 килограми отпад од пакување кој се создава во земјава, само за 60 килограми некој плаќа тој отпад да биде собран. Остатокот за кој никој не плаќа да се собере годишно изнесува околу 40 000 тони.

Ова е Центарот за трансфер на технологии и иновации при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Тим од професори, меѓу кои и Јосиф Ќосев, заедно со неколкумина надворешни експерти развиваат прототипот на машина – автомат за селектирање на отпад од пластика. Проектот се работи во соработка со „Пакомак“ и со Фондот за иновации, со швајцарска поддршка.

„Немаме некоја преголема експертиза во машинскиот дел, така да машинскиот дел е повеќе набавен. Она што е додатокот е електрониката која се грижи за собирање на сигнали, нивно кондиционирање, препраќање локално, и на крајот, софтверот, кој е надградба на сето тоа, заедно спрема оној дел во облак, како што го велиме, каде што се чуваат податоци за корисници за реализирани поени, да можеме да го објасниме што е како е, и на крајот можностите на корисниците да си ги ефектуираат како финансиска награда во некој маркет“,
Јосиф Ќосев – професор на ФЕИТ.

Како функционира машината – автомат за селектирање на отпад? Прво, треба да се симне потребната апликација од Play store или Apple store, па да се креира корисничка сметка, со што се добива единствен код. Останатиот дел од процесот, ни го претстави лично професорот Ќосев.
„Откако ќе се идентификува почнува сесијата која отприлика трае 30 секунди помеѓу секое ставање на шише. Така што, може да почне со рециклирање. Ќе го пикне шишето, препорачуваат одозгора надоле, додека трае ова не може да се стави второ шише. Ако проба да се стави ќе прекине машината, ќе алармира. Но, сега веќе е на располагање за второ шише“,
објаснува Ќосев.

Машината која на Ќосев му послужи за демонстрација е само седма во државата. По последните проверки и таа „отпатува“, во еден од најголемите супермаркети во Тетово. Веќе следниот ден беше ставена во функција.
Претставници на „Пакомак“ ги информираа тетовчани дека со секое селектирано пластично шише или лименка можат да добијат зелени поени на мобилната апликација, кои подоцна можат да ги заменат со ваучери со попусти при следно пазарување.

„Многу сме задоволни од првичните резултати. Ние како „Веро“ општествено одговорна компанија, секој пат ќе се грижиме за подобрување на животната средина и за условите на живеење на граѓаните во државата. Ние понатаму ќе продолжиме со соработката со „Пакомак“ ќе изнаоѓаме нови решенија, во фаза сме сите наши објекти да бидат опремени со вендинг машини. Со тоа сакаме да ја разбудиме свеста кај сите компании и поединци повеќе да се грижат за животната средина“,
изјави генералниот менаџер на „ВЕРО“, Петар Денковски.
„Пакомак“ е една од вкупно пет компании во земјава, т.н. колективни постапувачи, чија улога е да го собираат отпадот од пластика, хартија и стакло кој го произведуваат компаниите. Во моментов, околу 580 компании им плаќаат однапред утврдена сума по килограм за собирање, селектирање и рециклирање на отпадот кој инаку би завршил на депонија. Селектирањето, вели генералниот директор на „Пакомак“ Филип Ивановски, во голема мера можат го вршат и јавите комунални претпријатија. Но, засега само Прилеп покажал некакви резултати.
„Mораме да соработуваме во општини. Да ни дозволат општините да поставиме инфраструктура контењери, канти. Со комуналните претпријатија кои тоа треба оддвоено да го собираат. Онаму каде што не може, треба да ангажираме приватни компании со дозвола од Министерството за животна средина. И да ги стимулираме граѓаните да ја подигнеме јавната свест граѓаните да го фрлаат отпадот од пакување посебно во тие контејнери, а не во тие за општ комунален отпад“,
вели извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.

Фирмите и сега имаат обврска, отпадот што се создава по консумирање на производите кои ги прават или увезуваат да не завршува на депонија. Но, како тоа функционира во пракса? Од околу 10 000 компании кои произведуваат отпад и треба да плаќаат за негово селектирање и рециклирање, само 1 500 имаат договори со петте колективни постапувачи.
„Според закон треба да биде казниво. Треба да биде, да се открие со инспекција дека треба да пријавува и да плаќа, не мора кон „Пакомак“ да не се сфатиме погрешно, може кон која било друга компанија или опција и да плаќа и кон државата. Но, од 8 000 компании кога ќе се собере сумата тоа се значителни средства со кои можат да се купат контејнери и да се организира подобро собирање, бидејќи не е само да ги купите контејнерите. Собирањето редовно чини пари да го однесете да се рециклира“,
вели Ивановски.

Неодамна Министерството за животна средина предложи, а Собранието донесе вкупно шест закони кои се однесуваат на управувањето со отпад. Со измените на законот за управувањето со пакување и отпад од пакување, компаниите кои не произведуваат големи количества отпад, од типот на месарници или слаткарници, ќе мора да се пријават пред државата дека се мали производители, со што ќе плаќаат паушал од 100 евра годишно.
„Оние фирми што не се производители во нашата држава, кои врз основа на тоа создаваат отпад во нашата држава, дефинитивно ќе мора да склучат договор со постапувачите за проширена одговорност на производители, кои се непрофитни организации. Нивната обврска ќе биде собирање отпад, но ова сега ќе стане дополнителна обврска за Управата за јавни приходи, различните релевантни институции и Централниот регистар, да се осигураат дека кога ќе се поднесат финансиските документи на фирмите, да имаат и договор или со колективните постапувачи како што разговаравме или да имаат договор со министерството“,
објаснува министерот Нуредини.

Новиот пакет закони ќе ги смени правилата на игра и за компаниите за управување со пакување и отпад од пакување, како што е „Пакомак“. И претходниот закон ги обврзуваше да реинвестираат дел од собраните пари, но сега Нуредини најавува построги мерки за нивно функционирање.
„Новиот закон многу добро објаснува дека 65% од средствата што се собираат од овие колективни постапувачи ќе се користат за поставување контејнери, регулирање на инфраструтурата, контејнери за селекција на отпад, за собирање на тој отпад и депонирање на места што можат повторно да се користат, рециклираат или поправат. 15% ќе се искористат за да се креира свест во различни кампањи, а остатокот за менаџментот на организацијата. Тие мора годишно да испраќаат извештај до Министерството каде и како се инвестираат тие пари“,
дециден е Нуредини.
Нов закон во оваа сфера е и оној за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Тој пропишува дека сите фирми што работат со електрика, батерии, акумулатори, но и текстил, автомобилски гуми, отпадна масла и возила, ќе мора да плаќаат за селектирање на отпадот од нивните производи.
Секоја фирма ќе има избор – дали да и плати на државата, да направи свој систем или да си најми некој од колективните постапувачи.
„Со други зборови, секој што увезува гуми ќе треба да си го пресмета трошокот кога таа гума ќе стане отпад, таа гума повторно да ја земе и да ја однесе на рециклирање, бидејќи постојат и за тоа машини каде се извлекува жицата од гумите, се сецка, па се користи и за други индустрии. Секоја од овие фракции што ви ги кажав е потенцијален ресурс за некоја индустрија“,
смета Ивановски.

Статистиката покажува дека во Северна Македонија годишно во оптек се пуштаат околу 100 000 тони отпад од пакување. За дури 40 000 тони никој не плаќа да се собере. Новите закони од областа на управувањето со отпад би требало да ја подобрат селекцијата и рециклирањето, преку систем на т.н. циркуларна економија кој подобро ќе ги поврзе граѓаните, компаниите-произведувачи на отпад, колективните постапувачи, општините и државата.
Буквално сите имаат своја улога во достигнувањето на пропишаните национални цели за рециклирање. А, тие се – најдоцна до 2030 година вкупно 65% од тежината на целиот отпад да се рециклира, а до 2035 година минимум 70 отсто. Успешноста ќе зависи единствено од почитувањето и спроведувањето на законите.