Една жена е хоспитализирана со изгореници, а пет лица се задржани на Клиниката за токсикологија поради вдишување чад. Меѓу повредените има и пожарникари
Најмалку 11 лица се повредени во пожар што вчера го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, пренесуваат албанските медиуми.
Според последните информации, противпожарните екипи успеале да го локализираат огнот и да спречат негово ширење кон околните згради.

Директорот на Службата за вонредни ситуации на Албанија, Арбен Кара, изјави дека пожарот е ставен под контрола, додавајќи дека сепак интервенцијата на терен сè уште трае.
Според него, пожарот го зафатил североисточниот дел од зградата, од приземјето до најгорните катови, при што е предизвикана значителна материјална штета.
Во гаснењето учествуваат повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, како и припадници на армијата.
„Рано е да се каже дека пожарот е целосно изгаснат. Го локализиравме за да не се прошири, но интервенцијата продолжува“,
рече тој.
Екипите сè уште работат на гаснење на преостанатите жаришта во становите.
Директорот на Службите за итни случаи, Скендер Братај, информира дека најмалку 11 лица се повредени.
Една жена е хоспитализирана со изгореници, а пет лица се задржани на Клиниката за токсикологија поради вдишување чад. Меѓу повредените има и пожарникари.
Се уште се утврдува причинетата материјална штета, како и точниот број на повредени.
