Мораше да има систем или потреба да се образложи, комуналното претпријатие да објасни зошто му требаат скафандери со највисока заштита, а зошто во болницата да не купат со најголема заштита. Отсуствуваше чувство да докажат дека рационално ги трошат парите, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации
26 февруари е датумот кога во Македонија официјално е регистриран првиот случај на корона вирус.
„Пациентката е позитивна на вирусот ковид-19 што значи дека таа е првиот пациент во Скопје дијагностициран за заболена со овој причинител“,
изјави тогаш министерот Филипче.
Итниот одговор на новата болест вклучуваше и итни набавки. Под тој превез, институциите потрошија повеќе од 8 милиони евра во периодот од март до октомври, за набавка на заштитна опрема – маски, скафандери и ракавици. Но, исти работи, се купуваа по значително различни цени.
„Во сета оваа криза, освен што ризиците на корупција се зголемија, се покажаа и недоследностите во немањето системски документи и процедури за планирање и реализација на набавки во вакви кризни ситуации“,
смета Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Транспарентноста во постапките на јавните набавки, разликата во цените, рокот и квалитетот на испорачаните услуги, се само дел од она што го чешлаат Антикорупциска и Државниот завод за ревизија. На чии се адреси ќе чукнат за проверка?
Затекнати со појавата, а подоцна и со развојот на ковид-19 епидемијата, многу институции тргнаа во итна набавка на заштитна опрема. Таквите постапки не одеа со јавни огласи на кои може да се пријави секој конкурент, туку преку директни преговори во четири очи со мал број, па и една фирма. Намерата, заштитата да се добие итно, се судри со ниската понудувачка на пазарот, па голем дел од фирмите ја искористија можноста драстично да ги поскапат производите.
Според новата анализа на Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која активно ги следи и итните ковид-19 набавки:
Во периодот од март до октомври се склучени вкупно 523 договори од крајна итност, чија вкупна вредност изнесува 8,1 милиони евра. Бројот на институции кои склучиле вакви договори е 103, а половината од нив се од областа на здравството. Како продавачи се избрани 204 различни фирми, но на секои 100 потрошени денари, 42 отишле кај пет компании.

Или, највисока вредност на склучени договори од 1,2 милиони евра има „Биотек“ од Скопје, за 13 итни набавки. Втор е „Гифти текс“ од Прилеп, која во два договори за итни набавки продава добра за 1,1 милион евра. „Соникс Анастасија“ добила 9 итни набавки во вредност од 485 илјади евра, „Лиса-ком“ околу 300 илјади евра, а најголемата фармацевтска компанија во земјата, „Алкалоид“, е петта на листата со вкупна вредност од околу 265 илјади евра за 17 склучени итни договори.

Најмногу пари на итни набавки потрошило Министерството за внатрешни работи, околу 2 милиона евра. Далеку помалку, 730 илјади евра, потрошило Министерството за здравство. Следуваат Клиниката за трауматологија, Центарот за јавно здравје – Скопје и ковид-центарот „8 септември“.

И додека е разбирлива потребата да се набавува итно, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации потсетува дека и во тој случај е потребна отчетност за потрошените јавни пари. Забележува дека многу од итните договори ги немаат потребните елементи – прецизен опис што точно се набавува, количината и поединечната цена.
„Отсуствуваше навистина еден систем, отсуствуваа насоки од надлежните институции, дали БЈН, МЗ, МФ, КЗБ, некој да даде насоки. На какво работно место, со каква изложеност, на потенцијалот за зараза, каква заштита треба да се примени. Дали на Комунално претпријатие за чистење смет навистина му треба најскап скафандер или во болницата да купат најефтин скафандер? Мораше да има систем или таа потреба да се образложи. Да образложи тоа комунално претпријатие, да објасни зошто му требаат скафандери со највисока заштита, а зошто не во болницата да купат со најголема заштита. Отсуствуваше едно чувство да докажат дека рационално ги трошат парите“,
смета Филков.

Комуналното претпријатие кое купило скафандери за една употреба со највисока заштита, во итна постапка, е од Струмица, а договорот може да се најде на сајтот на Биро за јавни набавки.
Па, прашавме и самите – зошто имале потреба токму од такви скафандери. Но, и зошто ги платиле речиси најскапо во земјата, 1 156 денари од парче, кога медицински установи купувале скафандери за повеќе употреби за пониска цена. И по десет дена чекање, не добивме објаснување.

Освен кај скафандерите, големи разлики има и кај останатата заштитна опрема. На пример, маски од видот Н92 биле купувани за 66 денари од парче, но и за речиси петпати поскапо – 313 денари од парче. Кога се во прашање заштитните ракавици, има примери за договори каде една ракавица чинела 1,8 денарим но и 9,3 денари. Најскапи ракавици купило МВР во времето кога беше раководено од технички министер, и покрај тоа што е набавена најголемата количина наеднаш во земјава од 4 милиони ракавици.

Зошто Министерството платило најскапи ракавици и покрај пазарната логика дека кога купуваш повеќе, цената по парче би требало да биде пониска? Од МВР не одговараат директно на прашањето, туку објаснуваат дека е реализирана само половина од набавката вредна 40 милиони денари.
„Во текот на март месец спроведена е постапка со преговарање за набавка на заштитна опрема и уреди за мерење на телесна температура без јавен оглас. Склучена е рамковна спогодба, а она што прашувате за рамковната спогодба со фирмата Биотек, реализирани се околу 24 милиони денари“,
вели Тони Ангеловски од МВР.

Ангеловски додава и дека документацијата за тендерот веќе им била побарана од Антикорупциската комисија.
„Да, вршени се проверки и она што е потребно како документација е доставено“.
Овие огромни разлики во цени, според Герман Филков, можеле делумно да се надминат ако имало подобри насоки од надлежните институции. Поголема рационалност, според него, би се постигнала и доколку се спроведувале групни набавки, на пример, за сите здравствени установи.
„Не оние специфични кои и требаат на болницата во Битола, а не и на болницата во Штип. Но, оние заеднички можеа да се направи да се обезбеди една набавка и да им се даде насоки на тие институции што да набават, некакви ориентациони цени да им се даде, за да се знае дека над таа цена можеби се преплаќа. Имавме и консултативна средба со претставниците на јавни набавки на 50 институции во земјава, сите ја истакнаа потребата ќе им користеле едни такви насоки дадени било од која надлежна институција, за да знаат како да се движат со набавките, а не да бидат оставени сами на себе каде уште поголем ризик од корупција има плодна почва“,
вели Филков.
Истражувањата на Центарот за граѓански комуникации веќе го привлекоа интересот на Антикорупциската комисија, која уште во средината на април најави мониторинг на ковид-19 тендерите. Причината беше зголемениот ризик од корупција. Подоцна, им се приклучи и Државниот завод за ревизија, кој го додаде следењето на тендерите и распределбата на донациите во својата годишна програма.
Од ДКСК велат дека имаат неколку оформени предмети и дека ги работат заедно со Државниот завод за ревизија.
„Со цел проверка на наводите и утврдување на фактичката состојба во конкретниот предмет, ДКСК побара податоци и информации со прилог документација во врска со посочените постапки од повеќе државни институции, при што во законски утврдениот рок тие беа доставени до ДКСК. Во тек е постапката на анализирање на прибавените информации и документација во соработка со Државниот завод за ревизија“,
велат од ДКСК.
Во Државниот завод за ревизија не откриваат детали за конкретни предмети. Но, велат дека под ревизија се набавките и донациите на 42 институции, меѓу кои, на Генералниот секретаријат на Владата, министерства, општини и акционерски друштва во државна сопственост, но и 23 јавни здравствени установи и ковид-центри.
Во пари, предмет на работа на ревизорите се тендери во вкупна вредност од 5 и пол милиони евра, што е околу 80% од вкупно доделените договори. Кај донациите, се чешла нефинансиската помош која е во висина од над 1 милион евра.
Одлуката на Ревизија да провери, а Антикорупциска потоа потенцијално и да постапува, не е релевантна само за периодот што помина. Ковид-19 кризата постојано носи нови ризици кога е во прашање транспарентноста и корупцијата.
Последниот голем „врел“ договор, е оној за чувањето на вакцините. Министерството за здравство, во постапка без објавување на јавен оглас, одлучи работата да им ја даде на пет компании.
„Нема ништо нетранспарентно, ние ги објавуваме состаноци, објавуваме и слики од нашите посети и сакам да изразам благодарност, бидејќи сите компании коишто се практично во овој систем на чување и дистрибуција на вакцините дадоа согласност да го прават тоа апсолутно без никаков надомест“,
рече Филипче.
Дилемата и во овој случај е иста – законот дозволува директно договарање во итни ситуации, но дали средби и консултации во тесен круг се доволни за една набавка да биде наречена транспарентна?