Ова е само едно од повеќето сведоштва кои граѓаните можеа да ги пријават на надлежните органи буквално на улиците во Битола и Прилеп. Во шатор, на плоштадите во двата града, иницијативи примаа Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција и локалните власти
Настаните ги организираа „Граѓаните против корупцијата“, име под здружено настапуваат неколку невладини организации, медиуми и Стопанската комора на Македонија. На последната акција, поддршка даде и Владата, преку вицепремиерот за добро владеење
Плоштадот „Магнолија“ во Битола два часа беше „под опсада“ на борци против корупцијата. Претставници на граѓански организации и институции ги информираа љубопитните посетители за тоа што се може да преземе обичниот граѓанин во борбата против рак раната на македонското општество – корупцијата.
На настанот важност му даде и централната власт. На „Магнолија“ беше и вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
„Ваквата иницијатива, каде што институциите доаѓаат и се среќаваат со граѓаните и ги информираат за начинот на кој тие работат, за начинот на кој граѓаните можат да комуницираат со институциите и да пријават случаи на корупција, нормално го зголемува знаењето што граѓаните го имаат за овие институции, како и довербата затоа што одиме, се среќаваме и им кажуваме дека сега е време да имаат верба, да ја вратат довербата во институциите, да информираат за случаите, за сомнежите што ги имаат за разни коруптивни афери“,
рече вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Покрај владиниот и претставниците на граѓанскиот сектор, учество зеде и Државната комисија за спречување на корупција. Примаа пртетставки на лице место.
„Она што ме радува е дека има доверба на граѓаните во нашата институција бидејќи се зголемува бројот на пристигнати пријави од граѓаните. Очекувам дека со вакви тековни активности ќе ја подигнеме свеста, а секако тоа ќе значи поголема одговорност за нас институциите во постапување по пријавите кои ги доставуваат граѓаните“,
изјави Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.
Во Битола граѓаните велат дека корупција има на секое ниво – од локална самоуправа до државни институции, од судовите до здравството. Имаа два часа да пријават лични примери, кога биле жртви на корупција.
По граѓанските постапки се соочив со некои беспотребни работи и тука има корупција, сето е воведено, има опасно нешто, вака никогаш не било.
Сосема случајно поминав пред ова и тврдам дека со ваквата акција треба да продолжите оти овој народ треба да се информира бидејќи информирањето вреди.
Пред камерата, граѓани сведочеа за случаи на корупција поврзани пред се со здравството.
Еден пред некое време вели одам на очно – абе докторе на оково не гледам… перде имаш, не е готово. По два месеци одам вели не е готово, не е стигнато за операција. Третиот пат велам докторе воопшто не гледам, тој вели што да ти правам нема термини. Велам докторе сам си? Сам си, колку ти кошта? 150 евра, му дадов 150 евра, по три дена ми направи операција.
Во медицински центар сакаше да му дадам пари за една обична потврда. Лично не ми кажа дека не може да заврши работа, но комшијата ми беше лекар и го прашав и ми каже дека може да ми даде. Но работата беше дека сите го знаеја човекот каков е подмитлив.
На посетителите им беше поделен информативен материјал преку кој имаа можност да научат нешто повеќе на темата корупција и борба против неа.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека до нив пристигнале бројни пријави од битолчани, во кои според него, има основа за понатамошно истражување од надлежните институции.
„Мислам дека отсекогаш во Битола имало една критична маса на луѓе кои посочувале отворено и кога нам ни укажувале на некакви сомневања секогаш тоа било со точни информации, никогаш не било само од гласини туку луѓето навистина се потрудиле да знаат нешто повеќе за тие случаи“,
рече Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Покрај активистите, антикорупционерите и владините претставници, во големиот шатор кој осамна на Широк Сокак беа распоредени и претставници на Финансиска полиција, битолското јавно обвинителство и вработени во локалната самоуправа.
Утредента, карванот се пресели четириесетина километри на север – во Прилеп, веднаш до препознатливиот симбол на градот – Саат кулата.
Активистите веднаш се обидоа да го привлечат вниманието на насобраните граѓани.
Не се добри настаните, некои многу се збогатија, некои многу осиромашија со положбава, затоа и младите избегаа од Македонија.
Интересот се зголемуваше како што минуваше времето, а како и во Битола, така и тука неколкумина се охрабрија да им пристапат на надлежните и да пријават случај.
Не ми побарале да им дадам за да ми завршат работа, ама ми викаат ќе дојдеш за една недела да завршиме работа. Одиш по една недела и ти викаат слушај ај дојди во вторник… за да се сетиш да му дадеш паричка.
Преку вакви едукативни програми и средби со граѓаните на лице место, не само јас туку и некои други кои имаат проблем треба јавно да го кажат, а не да го кријат оти со секое криење ние и помагаме на корупцијата.
За прилепчани, борбата против корупцијата е важна во сите сегменти, а иако во јавноста најчесто се разговара за случаи поврзани со висока корупција, граѓаните на своја кожа се почесто чувствуваат т.н ситна корупција.
„Нема не град, не село кај што нема ако не крупна, тогаш ситна има сигурно секаде. Во секој сегмент на живеењето, каде и да појдеш ако треба некоја работа да завршиш, додека не фрлиш нешто, ќе се одолговлечи завршувањето на работата.“
Еден од присутните на карванот беше и актерот и стенд-ап комичар, Марјан Георгиевски. Вели, за ваквите теми е потребно да се разговара јавно оти граѓаните во моментот се обесхрабрени поради нефункционалноста на системот која пак се должи на политичките поделби во земјава низ годините.
„Треба да се буди свеста не само за корупцијата која е една болна точка во нашето општество туку треба да се отвораат и општествени теми бидејќи покрај сите случувања ние во еден момент треба да се сплотиме како граѓани и да направиме нешто не само за нас туку и за нашите деца на кои треба да им вратиме некои здрави основи и здрави вредности во општеството“,
рече актерот Георгиевски.
Од Македонскиот центар за меѓународна соработка велат – очигледно е дека граѓаните веќе станале апатични кога станува збор за темата корупција и дека ретко кој е подготвен да разговара директно за овие прашања.
Се надеваат дека токму со директни активности на терен, состојбата би можела да се промени.
„Идејата на овие настани е да ги мотивираме граѓаните да пријавуваат корупција и да сфатат дека тие се дел од борбата, дека најголемата алатка за да имаме реална борба против корупцијата се токму граѓаните и притисокот кон институциите треба да дојде од нивна страна“,
вели Снежана Камиловска Трповска од МЦМС.
Карванот „Граѓаните против корупцијата“ ќе продолжи во март следната година, но другите активности не запираат.