Наташа Савовска-Димитровска веројатно ќе биде првата разрешена судијка која ќе добие право на жалба и во повторената постапка за нејзино разрешување која ја спроведе Судскиот совет. Епилогот се должи на неодамнешна пресуда на Судот во Стразбур во корист на судии од земјава разрешени во иста постапка
Според доскорешниот Закон за судскиот совет донесен во 2019 година, судиите ги разрешува Судскиот совет, а тие имаа право на жалба до Совет за жалби во Врховниот суд. Второстепениот совет имаше право да го потврди разрешувањето или да го укине. Укинатите решенија се враќаа на повторно одлучување пред Судскиот совет, со обврска да се следат упатствата на повисокиот суд, но без право на жалба на второто решение од страна на судијата
Не беше толку одамна кога Судот во Стразбур донесе уште една пресуда во полза на разрешени судии од земјава.
„Европскиот суд за човекови права во Стразбур едногласно ги усвои тужбите на врховниот судија Стојанче Рибарев, штипската апелациска судијка Сузана Здрава и битолската судијка Силвана Илиевска и одлучи дека им било повредено правото на фер судење“
извести ТВ24 на 14 ноември 2025 година.
Поедноставено – основната причина за ваквата пресуда е што според Стразбур оштетените немале вистинско право на жалба. Па, Судот за човекови права практично наложи да се спроведува таква процедура при разрешување судии.
И речиси веднаш, на дневен ред дојдоа нови разрешувања на судии кои го ставаат системот на тест.

Се надевам дека Врховниот суд ќе се одважи како највисок суд во оваа земја мериторно да одлучи по жалбата
вели Наташа Савовска-Димитровска.
Кадија те тужи, кадија…
Кога некој еднаш ќе биде избран за судија во Македонија, тоа останува да биде цел работен век. Освен, ако самиот не си замине од функцијата или не го разреши Судскиот совет.
Судскиот совет, пак, разрешува ако судија е правосилно осуден, ако направи потешка дисциплинска повреда или поради нестручно вршење на судиската функција.

Според годишните извештаи на Судскиот совет, во 2020-та имало пет такви случаи. Во 21-та седум, во 22-та шест, во 23-та ниту еден и во 2024 двајца разрешени судии.
Проблемот со разрешувањето на судии во земјава не е толку во бројот на разрешени судии, колку во бројот на разрешени судии кои потоа добиваат пресуди во Судот за човекови права во Стразбур – дека постапката во која им е прекината кариерата е фалична.
Списокот со имиња на такви судии е едвај малку пократок од списокот со имиња на разрешени судии. Митриновски, Дума, Геровска-Попчевска, Попоски, Јакшоски, Трифуновски, Рибарев, Здравева, Илиевска се некои од нив.

За оваа сторија, како пример, најважен е еден од последните, случајот на Стојанче Рибарев.
Таму, Судот во Стразбур едногласно…
- Ја прогласи жалбата на апликантот во врска со неговата неможност да поднесе жалба против одлука на Државниот судски совет (ДСС) донесена по враќањето на неговиот случај на повторно разгледување за допуштена;
- Одлучи дека имало повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата по овој основ.
Звучи сложено, но не е.

Според Закон за Судскиот совет по кој се водеше и случајот за Рибарев, судиите ги разрешува Судскиот совет. Разрешениот има право на жалба до Врховниот суд, кој формира жалбен совет од девет судии – тројца врховни судии, по еден судија од секој од четирите Апелациски судови и двајца судии од судот во кој работел разрешениот судија.
Според членот 72, став 4 од законот, жалбениот совет при Врховниот суд може да го потврди или да го укине решението за разрешување на Судскиот совет.
Доколку советот за жалба го укине решението, (Судскиот н.з.) Советот ќе ја повтори постапката, задолжително почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и истата јавно ќе ја објави на својата веб-страница.
пропишува член 72, став 5, од Законот за судски совет од 2019 година.
Назад на случајот Рибарев, тој бил разрешен во прв степен од Судскиот совет, се жалел и го добил случајот пред советот во Врховниот суд. До тука, се е како што предвидува законот.
Но, и покрај одлуката на Врховен и законската обврска да се следи ставот на повисокиот совет, во повторената постапка Судскиот совет пак донел решение за разрешување. Вториот пат, не му дал право да се жали бидејќи и не постои таква можност според законот.
Дежа ви
Додека Рибарев се жалеше пред Стразбур, во земјава се случија други постапки за разрешување судии кои го следеа истиот пат и закон.

Наташа Савовска – Димитровска, судијка во Апелацискиот суд во Скопје, Судскиот совет ја разреши во април 2025 година. Таа била известител во совет од тројца судии кои пресудуваат дека голема компанија од земјава треба да исплати 2 милиони евра како штета на помала фирма бидејќи ја оневозможила да работи со злоупотреба на монополска положба. Злоупотребата веќе била утврдена од управните судови, но основниот граѓански суд во Скопје во прв степен го отфрлил отштетното побарување.
Меѓу повеќето причини за разрешувањето на Савовска-Димитровска, Судскиот совет забележал:
„За да утврди поинаква фактичка состојба, второстепениот суд задолжително морал да закаже расправа…
Во списите на предметот здружена е вонсудска спогодба, а во истите тие списи и спогодба за порамнување… кои се од доверлив карактер и не се изведени како докази во првостепената постапка…“
пишува во дел од Решението на Судскиот совет во врска со основните за разрешување на Наташа Савовска-Димитровска во кое „360 степени“ имаше увид.
Откако го добила решението, Савовска – Димитровска изготвила жалба до повисоката инстанца.
„Во конкретниот случај, нема никаква повреда на фер и правично судење за странката која го изгуби спорот бидејќи тие и немаат жалба и немаат предложено оддржување на јавна седница...
При донесувањето на пресудата од страна на жалбениот совет, се додека со списите во предметот располагам јас како судија известител такви вонсудски спогодби не биле дел од списите на предметот и ова се потврдува со попис на списи при предавањето на предметот до архивата на одделението на судот“,
изјави Савовска-Димитровска за „360 степени“.
Аргументите на двете страни ги разгледал Жалбениот совет при Врховниот суд составен за случајот. На седница во јули 2025 година донел одлука со која ја поништил одлуката на првостепениот орган, во случајот Судскиот совет.
„Овие дадени заклучоци и сите останати истакнати во сопреното решение во однос на процесно правни и материјално правни прашања кои се однесуваат на законитоста на донесената одлука по оценка на жалбениот совет е надвор од опфатот а надлежностите за оценката на работата на судијата од страна на Судскиот свет… … имено, незадоволната страна има законско право да ја оспорува донесената одлука од пониските судовите со вложување на правен лек, а повисоките судови се законски овластени да ценат материјалноправно и процесноправни прашања“,
Пишува во Решението на Советот за жалба при Врховниот суд.
Сепак, иако жалбениот совет практично му укажал на Судскиот совет дека не е негова работа да ги цени работите врз основа на што ја разрешиле Наташа Савовска-Димитровска, во повторената постапка Судскиот совет повторно донесе иста одлука.

„Кога Врховниот суд ќе ви укаже дека сте излегле надвор од законски надлежности, тоа во суштина значи кршење на законот за Судски совет. А, секое кршење на законот претставува самоволие и злоупотреба на службената положба. Во конкретниот случај, со ваквата одлука на Судскиот совет мене незаконски ми е прекината судиската кариера во која во континуитет сум позитивно оценувана и, не знам колку сте запознаени, непосредно пред разрешувањето бев на кандидатска листа за избор на судија во Врховниот суд“,
вели Наташа Савовска-Димитровска.
Формално, Наташа Савовска-Димитровска е разрешена и по втор пат од Судскиот совет. Но, по пресудата на Судот во Стразбур за разрешениот судија Рибарев, која практично вели дека мора да постои право на жалба, целиот систем е на тест.

Прво, Судскиот совет ќе треба да одлучи – дали овој пат ќе дозволи жалба во повторена постапка. Ни одговорија недвосмислено:
„Против оваа одлука на Советот ќе биде дозволена жалба до Советот за одлучување по жалби“,
одговорија од Судскиот совет на прашањето на „360 степени“ – дали ќе биде дозволена жалба во повторената постапка за разрешувањето на Савовска-Димитровска и други, со оглед на пресудата на ЕСЧП во Стразбур во случајот „Рибарев против РСМ“.
Јасен беше одговорот и на прашањето – кој треба да ја разгледува жалбата во повторената постапка бидејќи нема законска процедура за такво нешто – жалбениот совет при Врховниот суд. На прашањето, пак, дали повисокиот совет би требало да има моќ да одлучи мериторно, од Судски одговорија:
„Судскиот совет смета дека согласно на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија (“Сл. весник на РСМ“ бр.102/19) Советот за одлучување по жалби може само да утврди дали во случајот има повреда на постапката“,
одговорија од Судскиот совет.
Од Врховниот суд, пак, ни одговорија дека уште во 2023 година имаат донесено Начелен став кој практично значи дека разрешениот судија треба да има право на жалба и во повторената постапка. Но, тогаш, Судскиот совет не ги следел нивните насоки.

„По утврдување на горенаведениот Начелен став, во постапување по изјавената жалба од судијата Рибарев против решението на Судскиот совет донесено во повторена постапка, со кое судијата се разрешува од вршење на судската функција, Врховниот суд на РСМ поднесе барање до Судскиот совет за доставување на списите по наведениот предмет.
Судскиот совет достави одлука со која известува да не се доставуваат до Врховниот суд на Република Северна Македонија бараните списи по наведениот предмет“,
одговорија за „360 степени“ од Врховниот суд.
На крај, дури и ако Врховниот суд формира совет прашањето е – дали ќе донесе конечна одлука или со решението повторно ќе го врати предметот пред Судскиот совет?
На ова прашање не добивме конкретен одговор. Наместо тоа, од највисокиот суд посочија дека според новиот Закон за судски совет..
„…Согласно член 77, судија или претседател на суд, против одлуката за утврдување на одговорност може да поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката“,
посочија од Врховниот суд.
Сепак, во новиот Закон за Судскиот совет на кој упатуваат од Врховен, е пропишано дека дисциплинските постапки почнати според стариот закон од 2019 година треба и да завршат по него, а не да продолжат по новиот закон од 2025 година.

Кај судијката Наташа Савовска-Димитровска нема двојби. За да нема евентуални нови вртења во круг, јазолот треба да го пресече Врховниот суд.
„Судскиот совет е првостепениот орган. Жалбениот совет на Врховниот суд е второстепениот орган којшто одлучува по жалбата. Судот во Стразбур во неколку пресуди укажува дека ефиканоста на правниот лек и двостепеноста на постапката значи правото на Врховниот суд да одлучи мериторно по втората жалба којашто Судскиот совет е должен да ја даде на странката, во случајот судијата.“
