Шефот на Енергетската заедница со седиште во Виена пред повеќе од еден месец побара образложение од Владата, по кој основ се извршени предвремените разрешувања во Регулаторната комисија за енергетика. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ тогаш за „360 степени“ изјави дека одговор веќе се подготвува во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
Сега, прашани до каде е одговорот кој пратеникот кажа дека го пишуваат, од Енергетика велат дека немаат ништо со предвременото разрешување, индиректно навестувајќи дека ниту пишуваат ниту имаат намера да напишат одговор до Лорковски
При крајот на февруари шефот на Енергетската заедница побара објаснување од Владата – врз која основа се предвреме разрешени два члена на Регулаторната комисија за енергетика.
„Што можеби ја поткопува независноста на ова тело и сакав ова отворено да ви го кажам – разрешувањето на двата члена се набљудува навистина внимателно од Секретаријатот и очекуваме Владата да ни даде образложение за таквото разрешување“,
кажа во Собранието на РСМ Артур Лорковски, директор на Енергетската заедница со седиште во Виена на 24 февруари 2025 година.

Пратеникот Бојан Стојановски, кој како претседател на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетика ја водеше седницата на која се обрати Лорковски кажа дека одговор ќе има.
„Информиран сум дека во Министерството за енергетика веќе се припрема писмениот одговор до господинот Лорковски и тоа ќе биде набрзо доставено“,
изјави пратеникот Бојан Стојановски на 27 февруари 2025 година.
Помина еден месец, па проверивме – прати ли Владата одговор до Енергетската заедница и дали ја убеди Виена дека разрешувањата биле врз основа на законот.
Разрешени, но по кој член
Функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика е неспоива со извршување функција во политичка партија, пишува во членот 17 од Законот за енергетика.
Тоа, сепак, никогаш не им преставувало пречка на партиите на власт да предлагаат и да именуваат лица кои речиси непосредно пред изборот, имале партиска функција.

Тоа, се разбира, не е оправдување за праксата да продолжи. Но, наместо да се постави нов стандард при именувањата, се случи обратното – нова пракса на предвремено разрешување.
На барање на Владата, Собранието пред Нова година почна постапка за предвремено разрешување на четири од вкупно седумте члена на Регулаторна. За двајца, постапката е завршена.
И немаше да има што многу да се дискутира, ако се беше согласно Законот за енергетика, на кој се повика и предлагачот на разрешувањето.

Членот 19, став 6, предвидува разрешување на член на комисијата пред истекот на мандатот ако:
- Несовесно и нестручно ја врши функцијата;
- Извршил повреда на обврските за непристрасност и независност;
- Ја злоупотребил функцијата;
- Или на друг начин работел спротивно на законот.
Но, ниту на собраниската седница, ниту во аргументацијата на владиниот предлог беше посочено според кој од овие ставови се бара предвремено разрешување. Наместо тоа, аргументација е мислењето на извршната власт дека законодавната ги избрала незаконски.
Судија не се менува среде натпревар
Прашани зошто користат образложение што го нема во член 19, став 6, од Владата не упатија до Министерството за енергетика. Од таму, пак, неформално ни објаснија дека само РКЕ има мандат да утврди дали нејзин член го прекршил членот 19, став 6 и на препратија кај регулаторот.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, беше дециден – тие не доставиле предлог за разрешување членови до ниту еден орган.
„Досега, откога постои Регулаторната комисија за енергетика, тоа е од 2004 година, таков член, таа можност никогаш не била искористена“,
изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, на 20 декември 2024 година.
Така и дојде до прашањето на шефот на Енергетската заедница Артур Лорковски од македонското Собрание до Владата – по кој основ се разрешени Мерита Дема и Андреј Тасев. Деновиве, кога го побаравме, немаше добиено одговор.
Иако беше резервиран за коментар се додека не го добие образложението, не се воздржа да говори за принципиелноста на почитувањето на законите.

„Да ја споредиме ситуацијата со фудбалски натпревар. Значи, Регулаторната комисија е судија на пазарот. Тоа е причината поради која, според европските правила, Регулаторната комисија за енергетика треба да биде независна, како што при фудбалските натпревари судиите се независни. Значи, тие треба да бидат соодветно квалификувани кога ги избираат за таа позиција, но, откако ќе почнат да судат, за време на еден натпревар, не може да го разрешите судијата. Бидејќи, ако го разрешите судијата за време на натпреварот, тоа е мешање во независноста на судијата“,
вели Артур Лорковски, директор на Енергетската заедница во интервју за „360 степени“.
Продолжувајќи со аналогијата за регулаторот како фудбалски судија, тој појасни дека и во ЕУ има механизам да се сменат судиите. Но, согласно закон.
Исклучок може да биде ако судијата направил криминал и судот го осудил за криминалните дела што ги сторил. Мора да го провериме тоа и затоа ни се потребни повеќе информации од администрацијата во Северна Македонија, за да можеме да провериме дали имало вонредни околности кои би можеле да ја оправдаат таа одлука. Засега немаме добиено никаква информација за тоа, но трпеливо ја чекаме.
вели Лорковски.
Кој си ја има мувата…
Зошто Владата се уште нема одговор, прашавме во Министерството за енергетика. Но, во нивниот повратен допис нема ниту збор дека работат на такво нешто, иако пратеникот Бојан Стојановски уште еден месец кажа дека одговорот се изготвува таму.

„Одлуката за разрешување на дел од членовите на РКЕ е донесена од страна на Собранието, на предлог на Владата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нема законска надлежност и не е дел од постапката за избор или разрешување на членови на РКЕ“,
ни одговорија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Иако велат дека не се надлежни, во одговорот до „360 степени“ од Енергетика тврдат дека „разрешувањето на членовите на РКЕ е спроведено од надлежните институции, согласно законските процедури“. Сепак, не добивме одговор по кој став од Законот за енергетика е направено тоа. На прашањето за коментар за критиките од Лорковски, пак, наместо директна реплика, од владиниот ресор велат дека во говорот во Собранието тој искажал и пофалби.
„Сакаме да потенцираме дека Министерството има одлична и континуирана соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница и директорот Артур Лорковски. Нашиот ангажман во спроведувањето на енергетските реформи е препознаен на регионално ниво, што е потврдено и во извештаите на Енергетската заедница“,
одговорија од Енергетика.
Додека се чека одговор за разрешените, се избраа нови
А додека да се напише одговорот, ако воопшто се напише, Владата веќе избра кандидати за двете испразнети места во РКЕ. Од седум пријавени, изборот паднал на:
„Д-р Ирфан Шаќири и проф. д-р Атанаско Тунески кои се со богато академско и стручно искуство“,
ни одговорија од Владата.
Шаќири, во јавноста, е познат како автор на вештачењето од областа на електротехниката за пожарот во модуларната болница во Тетово. Меѓу другото, има работно искуство и во компанијата „Еколог“ и како вонреден професор на Тетовскиот и универзитетот на Југоисточна Европа.

Атанаско Тунески е универзитетски професор на Машинскиот факултет во Скопје, но има и долга политичка кариера.
Во 2000-тите ја водеше комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, но откако го разрешија, замина во СДСМ.
„Господинот Тунески освен по фактот дека има сменето најмалку четири политички партии, тој е првиот и единствен човек на кого му се случи колапс и пад на целиот систем, додека тој беше директор на МЕПСО“
изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, на 18 мај 2011
Како член на СДСМ, низ годините, се појавуваше и на партиската говорница и на дебати, дури и наспроти сегашниот премиер, а тогаш директор на ЕСМ, Христијан Мицкоски.

А кога една година по оваа дебата Атанаско Тунески беше предложен за член на Регулаторната комисија за енергетика, ВМРО-ДПМНЕ не гласаше обвинувајќи го СДСМ дека ја партизира институцијата.
Мандатот на Тунески во РКЕ заврши во 2023. На парламентарните изборите лани, тој беше на листата за пратеници на ЗНАМ. Не стигна до столче во Собранието, но се чини, преку Собранието, сега со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, повторно ќе дојде до столче во Регулаторната комисија за енергетика.
„Како што кажав на почетокот, клучен принцип е независноста на Регулаторната комисија. Независност од Владата, од политичките партии, независност од актерите во секторот, вклучувајќи ги производителите на електрична енергија и операторот за пренос. Независноста е преовладувачкиот принцип. Секретаријатот ќе го следи случајот и ќе реагира соодветно на развојот на настаните во Северна Македонија“,
вели Артур Лорковски за „360 степени“.