Според сегашното раководство на ЕСМ, по смената на власта затекнале просечна производствена цена на електричната енергија на ниво на РЕК „Битола“ од 133 евра за мегават-час. Само за споредба, производната цена на електричната енергија во РЕК во 2020 година беше 50 евра за мегават-час
Од државната фирма велат прават ревизија на работењето на претходното раководство на компанијата, а на барање на МВР и на Финансиската полиција веќе предале дел од документацијата
Министерката за финансии во понеделникот го повтори она што во неколку наврати го кажуваа и нејзините колеги. Ниту ќе се менува цената на струјата, ниту Владата ќе продолжи финансиски да ги помага „Електрани на Северна Македонија“.
„Битно е дека треба (граѓаните н.з.) да бидат спокојни дека нема да има проблем апсолутно никаков во делот со електричната енергија и нема да има апсолутно никакви трансфери кон ЕСМ“,
изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска во интервју за „360 степени“ на 11 ноември 2014 година.
Ваквиот став е добра вест за Буџетот, па и за граѓаните, но има еден голем прашалник. Просечната производствена цена на струјата на ЕСМ за годинава, според компанијата, е 118 евра за мегават-час. А за струјата да не поскапи за домаќинствата, ЕСМ треба од јануари да ја продава истата таа струја на ЕВН двојно поевтино, за околу 60 евра за мегават-час.
Како е можно ЕСМ ем да продава под цена, ем да не добива субвенции, беше прашан и премиерот.
„Седум години ја ограбуваа ЕСМ и сега во четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување (на цената на струјата) или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски на 12 ноември 2024-тата година.
Чудото за кое зборува премиерот е дека новото раководство на ЕСМ е на пат да ја намали производната цена на струјата, пред се во РЕК „Битола“. Но, ни тој не објасни прецизно, со кои точно мерки – колку точно ќе се штеди.
Па, се обидовме да дознаеме – како ЕСМ планира да ја намали производната цена на струјата за половина и ако им успее, кој е одговорен што таа била двојно поголема.
„Новиот“ извештај за 2023 година
„Годишен извештај за работата на АД ‘Електрани на Северна Македонија’ за 2023 година“. Тоа е целото име на документот кој, иако се однесува на ланското работење на државната енергетска компанија, е новост.
Наместо, како што е вообичаено, во мај или јуни, ЕСМ го обзнани завчера, на наше барање.
А внатре, на страница 78 пишува дека трошоците на компанијата лани биле околу 495 милиони евра, што е мало намалување споредено со 513 милиони евра колку што биле трошоците во 2022 година.
Ако се разгледаат старите извештаи, лесно е воочливо дека во 2021 трошоците биле далеку пониски – 288 милиони евра. А сите претходни години, до 2014, се движеле околу 200 милиони евра плус-минус.
Ваквиот драматичен раст на трошоците се должи на енергетската криза која почна во 2021 година, а се засили со руската инвазија на Украина во 2022. ЕСМ во тие години доби повеќе задолженија – и да произведува и да увезува повеќе струја, а за возврат Владата им доделуваше субвенции од државниот буџет.
Вкупно, од 2021 до 2023, Владата префрли околу 400 милиони евра на сметката на ЕСМ со цел да не поскапи струјата за домаќинствата и малите бизниси. Но, вели сега министерката за финансии и екс финансова директорка на „Електрани“, Гордана Димитриеска–Кочоска, новата влада повеќе нема да го субвенционира ЕСМ.
„ЕСМ во изминатите години имаше проблеми заради лошото менаџирање и во исто време одредени работи за коишто сега надлежна институции работат, а тоа е нели во насока на одредени злоупотреби. Како резултат на тоа…
– Имаше и енергетски кризи… имаше и енергетска криза по војната во Украина, цената на енергенсите скокна прилично
Да. И во тие години имавме рекордно најниско производство на електрична енергија за коешто ние како опозиција секако не бевме одговорни, туку беше власта. Така?“,
одговори Димитриеска – Кочоска.
Повеќе трошоци, помалку произведена енергија
Како што покажуваат годишните извештаи, точно е дека производството во годините на енергетската криза е меѓу најниските во последниве две децении. Каде отишле тогаш парите?
Еден од одговорите е во драматичниот раст на трошоците за производство на електрична енергија во најголемиот капацитет – РЕК „Битола“.
Сегашното раководство на државната компанија ни сподели информација дека од 2013 до 2020 година, производната цена за мегават-час електрична енергија во РЕК „Битола“ се движела до највисоки 50 евра. Во 2021, цената расте на 69 евра, следната година се намалува на 61 евро, за во 2023 да скокне на 103 евра за мегават-час. При смената на власта годинава, велат од ЕСМ, затекнале просечна цена од 133 евра за мегават-час.
„Повторно ќе кажам, надлежните институции се тие коишто ќе треба да одговорат на овие прашања.
– Мислите дека е нереална таа цена?
Не. Најверојатно е реална, но зад тоа се крие нешто друго. Некој друг треба да испита“,
изјава Гордана Димитриеска Кочоска.
Каде и што се крие во драматичниот раст на цената на производството во РЕК „Битола“, прашавме во ЕСМ.
„Сметаме дека надлежните институции треба да ги потврдат нашите сомнежи за тоа како се воделе одредени постапки. Дел од документацијата е предмет на ревизија, а дел веќе ја доставивме до МВР и до Управата за финансиска полиција, на нивно барање. Секој што се огрешил пред законот, треба да одговара“,
тврдат од „Електрани на Северна Македонија“ за „360 степени“.
Од компанијата, во оваа фаза, не излегоа со повеќе детали – како и каде точно сметаат дека се направени злоупотреби или, пак, се работело недомаќински. А без директен одговор, само посредно можевме да извлечеме заклучоци.
Сомнежи за увезениот јаглен
Еден аспект што го спомнуваат и од ЕСМ и владините претставници е квалитетот на јагленот, кој во последниве три години „Електрани“ почнаа и да го увезуваат, наместо праксата целосно да се покрива од сопствен ископ.
„Убедени сме дека со употреба на квалитетен јаглен за термоблоковите во РЕК ‘Битола’, со соодветна калорична вредност, придонесуваме кон намалување на употребата на мазут што како енергент го користиме за поддршка на термоблоковите, особено во случај на јаглен со пониска калорична вредност“,
ни одговорија од ЕСМ.
„Видете, кога станува збор за јагленот има два моменти. Првиот момент е количината којашто ја испорачуваат да биде таа, значи да не се плаќа на фиктивно и второ, да испорачаат јаглен, а не земја. Затоа што вие со одредено потрошено количество на јаглен треба да произведете одредено количество на струја“,
изјави Гордана Димитриеска – Кочоска.
Сомнежите дека увезениот јаглен не бил со соодветен квалитет или дека се плаќало фиктивно, не можеме независно да ги потврдиме. Но, дека увозот на јаглен сериозно влијаел на трошоците на ЕСМ, а со тоа и на цената на струјата, покажуваат годишните извештаи.
Во 2023 г. за увоз на јаглен се потрошени 102 милиона евра, плус 28 милиони за мазут со кој се прска јагленот, кога тој е со ниска калорична вредност. Претходната, 2022 бил увезен јаглен за околу 44 милиони евра, а мазут за 26 милиони евра. Во 2021 бил увезен јаглен за околу 11 милиони евра и мазут за 14 милиони. До 2020 година, воопшто не бил увезуван јаглен, а мазутот се користел три или повеќе пати помалку.
Се повеќе јаглен и мазут за еден киловат-час
Еден од клучните резултати од таквиот пристап е следниот:
За производство на еден киловат-час енергија, во 2023 биле потребни 2,03 килограми јаглен и 17,24 грама мазут. За споредба, во годините кога производната цена била ниска, на пример 2018, за еден киловат-час се трошеле 1,79 килограми јаглен или 12% помалку од 2023 и 5,19 грама мазут што е 70% помалку споредено со 2023 година.
Најверојатно имајќи ги и овие бројки во предвид, премиерот тврдеше дека може да се заштеди на повеќе фронтови.
„Во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што се е правено. За помалку пет месеци, за четири и пол месеци да ја консолидирате, на депонија да имате околу 200 до 250 илјади тони јаглен, да имате околу половина милион тони јаглен коишто сте ги договориле по цена којашто е наместо 63, да биде 43 евра по тон. Да имате парче коешто е откриено од милион и пол тони, ми дава за пра… да договорите цена за гас којашто нема да биде берза +11 евра, туку ќе биде берза +4 евра, а очекувам од јануари и тоа да поевтини“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски.
И, кога ќе се соберат фактите дека РЕК „Битола“ ем купувала и трошела се повеќе јаглен и мазут, а производството било горе-долу исто како претходните години, се поставува прашањето – каде се потрошени десетиците милиони евра годишно кои се даваат на приватни фирми за ископ и транспорт на сопствен јаглен?
Извештаите покажуваат дека се ископувал јаглен, но…
Од 2016 до 2019 година, годишно биле ископувани околу пет милиони тони јаглен. Од 2020 до 2022, таа бројка паѓа на околу 4,5 милиони тони. Во 2023, ископот паѓа дополнително, на 3,9 милиони тони. Па, бидејќи немало доволно домашен, морало да се увезува јагленот од странство за кој лани се платени 102 милиона евра.
Ама…
И додека сите овие бројки упатуваат на неефикасно работење, па и на сомнежи за злоупотреби, не треба да се заборават неколку „олеснителни“ околности.
РЕК „Битола“ старее, а со тоа станува се поскапо и потешко производството на електричната енергија. А и јагленот не е обновлив ресурс, го има се помалку во домашните рудници и до него се доаѓа со ископ на се повеќе јаловина.
И покрај се, министерката е уверена дека новиот менаџмент може да го врати комбинатот на многу поевтино производство.
„Премиерот на дневна основа ги контролира овие работи и јас на него му верувам многу, а го темелам на тоа што работев со него и знам колку може и колку е способен да направи, така што апсолутно немам дилема“,
изјави Гордана Димитриеска – Кочоска.
Уверени дека ќе можат да понудат цена која нема да ја поскапи струјата за домаќинствата, а притоа да не трпат загуби, се и раководните структури на ЕСМ.
„Со професионален корпоративен пристап, новиот менаџерски тим презеде мерки за намалување на тековните и непродуктивните трошоци, зголемување на производството на електрична енергија и овозможување на зголемен приход и иден профит“,
одговорија од „Електрани на Северна Македонија“.
А за воопшто да може да тргне кон таа цел, новото раководство на „Електрани“ мораше да ги отплати долговите. Бидејќи Владата рече дека нема да им дава пари, дупката ја покрија со кредит.
За „360 степени“ од ЕСМ велат дека позајмиле 82 милиона евра преку т.н. синдициран кредит, кој го одобриле четири банки – Стопанска банка-Скопје, Комерцијална банка, Халк банка и Уни банка. Кредитот е со рок на отплата од 10 години, со две години грејс-период.