Лиценца за испитен центар се издава за секој плански регион одделно и има важност од пет години. Во тие години избраната фирма практично добива монопол бидејќи не може да има повеќе од еден испитен центар во еден плански регион
Битолската фирма каде следните пет години ќе полагаат возачки испити жителите од Пелагонискиот регион е регистрирана во август 2024 година и е во сопственост на кичевска фирма регистрирана само неколку дена претходно. Газда на кичевската фирма и управител на битолската е советник во Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вели, партиската припадност не била пресудна за да го добие бизнисот. Инаку, фирмите ги регистрирал околу четири месеци пред МВР да го распише огласот за испитен центар
Кандидати за идни возачи активно вежбаат на полигонот во Битола. Имаат среќа затоа што веднаш откако ќе ја завршат обуката, ќе можат да ги полагаат и возачките испити. Тоа не беше случај до неодамна.
Повеќе од 5 месеци, кандидатите за возачи во Битола и околните општини не можеа да ги полагаат возачките испити оти целиот Пелагониски регион остана без оператор за испитниот центар.
На дел од кандидатите им пропаднале некои од положените тестови, членови на комисиите останале без работа, а автошколите – без промет. Од кандидатите, кој-како можел се снашол да полага во најблиските општини каде има лиценциран испитен центар, што е отстапка поради настанатата ситуација. Сепак, ретко кој зборува пред камера за овој проблем.
„За кандидатите беше штета што тие чекаа и мораа да полагаа во други средини и други градови, каде што не познаваа ништо... Секако, во одреден период се осети и кај нас“,
ни кажа еден од инструкторите.
Се обративме до сите шест автошколи во Битола. Сите што ни одговорија, иако зад камера, ни кажаа дека претрпеле штета поради застојот.
По население, Пелагонискиот регион е трет од осумте плански региони во земјава. Во просек, тоа значи годишен прилив на околу 3 000 кандидати за возачи, а секој што сака да добие возачка довола почетно треба да издвои 42 000 денари.
Сепак, ретко кој ги положува сите испити „од прва“, па вкупно во просек годишно има и до 10 000 тестирања, што го прави бизнисот доходовен.
Подготовката за полагање ја вршат автошколите и во тој сектор има конкуренција. Но, полагањето во секој плански регион се одвива пред само една фирма – која добива лиценца од Министерството за внатрешни работи.
Лиценцата на претходниот оператор во Пелагонискиот регион истекла на 15 декември 2024 година. Уште кон крајот на ноември истата година се распишал конкурс за избор на фирма што ќе раководи со Испитниот центар, но обидот пропаднал оти според МВР, никој од пријавените не ги исполнувал критериумите.

А пријавени биле тогашниот оператор, Сообраќаен испитен центар АМ и фирмата „Супер возач“. На повторениот конкурс, МВР се одлучиле за втората компанија.
„Избраното правно лице има добиени лиценца од 13.5.2025 г. од страна на Министерството за внатрешни работи – да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит за кандидати за возачи во седиштето во Битола и подружниците во Прилеп и Ресен и истото има извршено упис на лиценцата во Централниот регистар на Република Северна Македонија со што практично може да почне со организирање и спроведување на возачките испити на подрачјето под надлежност на СВР Битола“,
велат од МВР.
Логичното прашање кое се отвора од овој одговор е – како е можно досегашниoт оператор да не ги исполнувал условите на конкурсот кога 10 години непречено спроведувале испити во Пелагонискиот регион? МВР не ни одговори на ова прашање.
Дека не добиле одговор тврдат и од испитниот центар СИЦ АМ.
„СИЦ АМ дооел Битола се пријави и на првиот јавен конкурс и на вториот. На првата објава, СИЦ АМ ДООЕЛ Битола во целост ги исполнуваше сите критериуми за избор, за разлика од второпријавениот, кој не исполнуваше голем дел од условите. Но, сепак МВР одлучи да го поништи конкурсот, без никакво образложение, се со цел да овозможи простор и време на второпријавениот да се спреми за повторна објава“,
ни одговорија од Сообраќаен испитен центар АМ Битола.
Фирмата која сега влегува во бизнисот со возачките испити во Пелагонија, „Супер возач“, е нова. Основана е во август минатата година или само три месеци пред да се распише првиот конкурс за избор на компанија што ќе го води Испитниот центар. Сопственик на „Супер возач“ e фирмата „Стрит рајд“ од Кичево, формирана неколку дена пред „Супер возач“, со единствен сопственик и управител – извесен Филип Митрески. Тој е управител и во „Супер возач“.
Кога се јавивме да го побараме Митрески во Испитниот центар во Битола, ни кажаа дека воопшто не се појавил таму. Филип Митрески, родум е од Кичево. Од неговиот фејсбук-профил, веднаш се доаѓа до заклучокот дека станува збор за поддржувач на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кој ревносно споделува објави за партиски активности. Бил и во Унијата на млади сили на партијата во Кичево.
Дополнително пребарување не однесе до податокот дека тој е и локален партиски функционер – член е на Советот на Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На интернет-страницата на општината го најдовме и неговиот контакт телефон.
Му објаснивме на Митрески зошто го бараме и дека би сакале да снимиме интервју во камера. Во ниту еден момент не не одби, но објаснуваше дека многу патува.
Иако првично рече дека ќе ни јави дали утредента би можел да се види со нас во Битола, не се прејави. Но, ние следниот ден заминавме за Битола. Штом стигнавме, го побаравме на телефон. Не ни крена, но ни испрати порака дека вози и дека ќе не побара штом може.
Почекавме некое време, тој не се јави, па се упативме во Испитниот центар. „Супер возач“ се сместени спроти доскорешниот оператор и веднаш до познатото битолско кабаре „Голд Фелиција“.

Во Испитниот центар имаше работна атмосфера, но газдата Митрески го немаше.

Поминаа часови откако ни кажа дека вози и дека ќе ни се јави, а не ни се јави, па повторно го побаравме самите.
Ни кажа дека се уште возел, но и дека сака прашања по електронска пошта бидејќи немал искуство пред камера. А потоа, и дека воопшто не оди за Битола.

Иако интернет пребарувачите откриваат дека Филип Митрески и не е баш неискусен во настапи пред камера, му испративме прашања по електронска пошта: Во чии простории е сместен испитниот центар Супервозач во Битола? Какво искуство има Филип Митревски во областа, со оглед на тоа што фирмата е основана само неколку месеци пред да добие лиценца за работа? Како го коментира тврдењето на МВР дека конкуренцијата не исполнувала услови, а досега раководеле со испитниот центар? Како и – дали политичкиот ангажман на Филип Митрески имал улога тој да ја добие лиценцата?
Добивме е-пошта дека Митрески не може да ни одговори веднаш, туку треба да почекаме уште еден ден. По два дена застој, конечно одговори.
За просториите на Испитниот Центар напиша дека се земени под закуп од Меѓународниот Славјански универзитет. А за претходното искуство…
„Иако компанијата формално е регистрирана во 2024 година, тимот кој стои зад неа е составен од професионалци со долгогодишно искуство во областа на возачки обуки, организација на испити и работа со институции од јавниот и приватниот сектор. Нашите раководители, контролори и претседатели на комисии поседуваат соодветни квалификации и практична експертиза, во согласност со законските критериуми за спроведување на испити за возачи“,
одговори Митрески.
Тој, во одговорите, ни кажа и дека не сака да коментира зошто е одбиена конкуренцијата. За неговата фирма, вели, навремено ги исполнила сите услови што се потврдило со добивањето на лиценцата.
А, на прашањето – дали неговиот политички ангажман во владејачката ВМРО-ДПМНЕ има улога во добивањето на лиценцата, тој вели:
Сметаме дека секој граѓанин, независно од политичките убедувања или општествени активности, има право да основа и води деловен субјект, доколку ги исполнува законските услови. Ние настапуваме како легитимен правен субјект, кој своето работење го базира исклучиво врз стручност, законитост и транспарентност. Веруваме дека професионализмот треба да биде мерило, а не личната политичка определба.
Што и да било пресудно останува фактот дека „Супер возач“ успеа да добие милионски бизнис како тазе фирма. Следните 5 години, сите возачки испити во Пелагонискиот регион, полагања и преполагање, ќе одат на нејзина сметка.