Пред Владата почна најавениот протест на музичарите, сопствениците на ноќните клубови и угостителите од рестораните за семејни прослави „против уништувањето на ноќните клубови“.
Пред владината зграда тие поставија импровизиран ноќен клуб на кој стои натпис „затворено“. Седум месеци откако се затворени, тие денеска побараа финансиска поддршка и да се донесат протоколи за да можат да работат.

Даниел Сидовски, како претставник на музичарите и организатор на протестот, рече дека бараат во рок од два дена премиерот Зоран Заев да ги прими и да ги слушне нивните барања. Вели, околу 20 000 работници од рестораните за свадби и музичари се засегнати од кризата, а покрај музичарите и угостителите, ги наброја салоните за венчаници, за свадбени декорации, фотостудијата и менаџерите.

„Ние не го шириме коронавирусот, ние не сме главни преносители на вирусот. Има многу посериозни пренесувачи кои вие ги одобривте по нивно барање за тековно работење… Тврдиме, со потпис и печат дека, не бегаме од тоа да работиме по протоколи, а нивните протоколи се многу повредни од тоа да се работи на диво, во заднина на прослави и настани без да се знае. Ние немаме веќе сили, немаме ниту како ниту со што да работиме и да издржуваме семејства ако продолжите вака“,
рече Сидовски.
По неговото обраќање, од бината соопштија дека од кабинетот на Зоран Заев ги поканиле в петок на средба со премерот.

Во име на угостителските објекти за семејни прослави, пак, зборуваше Екрем Мимиши, кој рече дека не бараат да заработуваат во оваа тешка ситуација, туку помош да опстанат како економски оператори.

„Во моментов единствено што бараме е итно да се донесе протокол за организирање настани, свадби и други семејни прослави. Протоколите во соседните земји вклучуваат дистанца, повисоки санитарно-хигиенски услови, намален број на гости на маса, дозволен музички настап и дозволен број гости соодветен на капацитетот на угостителскиот објект“,
вели Мимиши.
Финансискиот грант што им го обезбедила Владата, вели тој, е симболична сума со која не успеваат да ги покријат месечните трошоци за период од речиси една година неработење.

Сметаат дека критериумот за доделување финансиски грант треба да биде сразмерен на ланскиот прикажан промет на економските оператори, каде што фиксните месечни трошоци за одржување на рестораните се огромни во сооднос на понудената помош.
Горан Арсовски, пак, зборуваше во име на ноќните клубови и рече дека и нивните барања се носење финансиски пакет за помош околу нивните долгови, но и протоколи за работа. Арсовски вели дека нивните објекти исполнуваат и подобри услови од некои што работат, бидејќи имаат поголема висина на таваните и подобра вентилација.

Тој предлага во протоколот да биде пропишано да има столче за секој посетител во ноќните клубови, да има максимум по четворица на маса, да се мери температура на влез, а билетите да се продаваат електронски или да се вклучат во сметката.