Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, неделава учествуваше на сесија на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент и на министерски состанок на НАТО во Брисел. По овие настани, Муцунски даде кратко интервју за „360 степени“ во кое главна тема е обидот на новата влада да издејствува уставни измени со одложено дејство
360°: Какво е расположението во Брисел за владината иницијатива, план што се турка, за уставни измени со одложено дејство? Новата еврокомесарка за проширување Кос прати јасна порака, а на иста линија беа и европратениците од Бугарија кои се членови на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Муцунски: Ние никогаш, кога ја претставувавме таа позиција – и пред домашната македонска јавност, но и пред меѓународната јавност, не ветивме дека преку ноќ ќе се изнајде брзо решение, но велиме – имаме принципиелна позиција и тоа го аргументираме на еден сосема логичен начин и пред претставниците на меѓународната заедница. Тука мислам како на земјите членки така и на претставниците на европските институции дека со овој наш пристап го штитиме нашиот национален интерес. А тоа е повторно да не бидеме во иста ситуација како што сме биле во минатото, со едно ново неочекувано вето, а понатаму го штитиме и среднорочниот и долгорочниот кредибилитет на Европската Унија. Многу од соговорниците сметаат дека аргументацијата, односно пристапот, е логичен, коректен, па дури и соодветен, но факт е дека е пристап којшто бара и прифаќање од Бугарија како наш сосед и во таа смисла ќе продолжиме проактивно да работиме, да бидеме креативни, но да бидеме креативни во рамките на позициите со коишто сме сигурни дека повторно државата нема да ја донесеме во истиот ќорсокак во којшто се носиме повеќе од дваесет години.
360°: Зошто во настапот пред Комитетот за надворешни работи не ја спомнавте конкретно иницијативата за уставни измени со одложено дејство туку повеќе зборувавте со општи формулации за дијалог со Бугарија?
Муцунски: Решението на овој предизвик не е во Европскиот парламент, на нас ни е тоа апсолутно јасно и тоа истото ќе ви го кажат и сите членови на Европскиот парламент. Решението е во Советот, во Европската комисија и кај земјите членки. Но, нашиот став е апсолутно јасен, апсолутно недвосмислен, презентиран на билатералните средби со сите европарламентарци коишто работат на нашето досие, тука мислам на известувачот и известувачите во сенка и од таа гледна точка, тоа што кажав сосема јасно е дека – да, сме подготвени на компромис со Бугарија како наш сосед, но компромис којшто ќе обезбеди извесности. Затоа сметаме дека токму овој план којшто ,да не навлегувам во деталите, веќе повеќе пати е презентиран во јавноста, е план којшто носи извесност и за нас и за европските институции и за земјите членки.

360°: Можете ли да именувате конкретни земји членки на ЕУ коишто ја прифаќаат оваа идеја и колку се тие подготвени да разговараат со Бугарија?
Муцунски: Сакам да верувам дека Европа, фундаментот на Европската Унија, на вредносниот систем, е базиран на култура на компромиси и од таа гледна точка, би рекол дека кај огромно мнозинство на земјите членки исто така постои атмосфера за изнаоѓање на компромис. Би било несоодветно во моментот да говорам во име на други земји и затоа, за жал, не можам да ви набројам кои се тие земји членки од коишто добиваме позитивен однос кон ваквиот пристап, но факт е дека постојат.
360°: Дали тие разговараат со Бугарија, дали тие се обидуваат да ја претстават или да ја дополнат нашата позиција ако не сакате да ги именувате?
Муцунски: Сигурен сум дека има отворен ангажман од страна на повеќе земји членки и од лидерите на повеќе земји членки насочен кон изнаоѓање на принципиелно решение на овој спор којшто е очигледно базиран на билатерален предизвик помеѓу двете држави.
360°: До кога планирате да ја туркате оваа иницијатива? Си имате ли зададено некој рок до кога очекувате дека ќе даде некакви резултати?
Муцунски: Мислам дека би било грешка да си поставиме такви рокови затоа што од брзоплети односи базирани на апстрактни рокови сме тука каде што сме, од ветувања без сигурност и без некоја форма на правни и политички гаранции на секои две до три години ние се соочуваме со нова блокада и ново вето, така да нелогично е да работиме со рокови. Логично е да работиме со принципи и со јасен став базиран на аргументи, како и што го правиме тоа во моментот.
360°: Што ако не успее да се постигне компромис, решение? Премиерот веќе зборуваше за некои црвени линии, за црвени линии коишто се поставени. Која е идејата ако нема решение?
Муцунски: Лично сум убеден дека ќе има решение, затоа што не му е луксузот на вакуум политичко-безбедносен во нашиот регион е луксуз којшто самата Европска Унија го нема од геостратешки аспект. Што во меѓувреме? Земја сме којашто е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика, земја којашто усвои, во зборовите на претседателката на Комисијата фон дер лајен, одлична реформска агенда и земја којашто ќе ги води внатрешните реформи по сите области по насоки на реформската агенда изработена заедно со Европската комисија, со надзор на земјите членки. Така да остануваме ние стратешки таму каде што припаѓаме како држава, во рамките на европската надворешна и безбедносна политика, а ќе ставиме огромен фокус на домашните реформи, исто така низ призма на принципите коишто Европската Унија ги препорачува и во соработка со Европската Унија, нејзините институции и експертите коишто доаѓаат од нејзините земји членки

360°: Свесни сте дека и домашните реформи потешко се водат, се тераат, кога тоа не е под такво, да кажеме, будно око на Европската Унија, ако сте веќе влезени во отворени преговарачки кластери и поглавја.
Муцунски: Се согласувам дека реформската агенда не може да ги замени преговорите, но не значи дека нема будно око. Ние сме, сепак, земја кандидат, земја којашто има поминато некој степен на скрининг и самата реформска агенда во себе инкорпорира механизми за надзор, влијание и инпут на европските институции во начинот на којшто се водиме во реформската агенда. Не велам дека е тоа идеално решение, но велам дека е принципиелно решение и решение коешто ќе ни даде и се посилни аргументи, како што ќе поминува времето, бидејќи се потешко ќе станува доколку навистина се насочиме кон европските реформи, не апстрактно, како најголем дел од нашите претходници, туку проактивно, искрено, со конкретни мерки, ќе бидат тешки аргументите и на било која земја членка на подолг рок да не блокира, кога имате земја целосно усогласена со ЗНБП и земја којшто на дело спроведува реформи. Товарот на тоа сега припаѓа на Владата и товарот во најголема мера припаѓа на колегите, моите колеги министри, на носителите на јавни функции, но исто така на деловната заедница, товарот е и на невладиниот сектор, па товарот за европската реформа е и на вас како претставници на медиумите. Сите треба заеднички да се движиме низ тој процес, да ја реформираме државата и доколку тоа успешно го направиме, за мене нема никаква дилема дека ќе бидеме една од земјите коишто најбрзо ќе пристапи кон полноправно членство од регионот во моментот кога Европа ќе одлучи конечно да се отвори кон нови земји членки.