Со 97 дуални паралелки од следната учебна година и стипендии од 3 500 денари месечно во текот на учебната година, Министерството за образование преку училиштата сака да ги поттикне полуматурантите да изберат средно стручно образование. Дуалните паралелки се резултат на барањата на локалните компании за стручен кадар
Ако волјата на учениците и интересите на фирмите се совпаднат, тоа би значело дека за три до четири години, учениците ќе ги чекаат работни места, компаниите ќе добијат нов стручен кадар, а регионите ќе имаат шанса за развој наместо да сведочат на егзодус на младите
Прво нешто, не ставаме материјал. Види ја машината што прави. Гледаш? Многу страшна. Ај сега пробај ногата. Ај сега малку контролирано притискај на таа машина. Нежна. Оваа машина е многу нежна. Одлично, ајде сега. Ова раче ти држи правец, ајде. Нежно. Значи штом вака можеш да работиш ти си само за прецизни работи. Одлично.Пушти, пушти рачињата, пушти. Одлично, ајде сега скини го конецот. Одлично. Ако нешто не се скине, секогаш имаме ножиче.
Ова е единствениот ден поминат во компанија за време на ковид-учебната година, на ученички од текстилно-кожарската насока во средното училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп.
Со практичната работа ги запознава вработена во текстилната фирма „Комфи ангел“.
Секогаш измерените параметри треба да ги внесеме во извештај, односно да ни бидат забележани.

Компанијата соработува со училиштето и стипендира солидни ученици во текстилно-кожарската струка со надеж дека однапред инвестираат во освежување на тимот. Учениците добиваат по 3 000 денари стимул, 15 дена летна пракса, како и материјали и машини за шиење во текот на наставата. Една од стипендистите на „Комфи Ангел“ е Мартина, која е трета година во текстилно-кожарската струка.
„Дали би го работела ова во иднина?
Се разбира, многу ми е убаво.
Каде се гледаш, на која позиција?
Се гледам и на машина да шијам на оверлак, ама и моден дизајнер.
Ќе го продолжуваш образованието?
Па, да.
Што би се запишала на факултет?
Моден дизајнер“,
вели Мартина Крстевска– ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

И други ученички во втора година иднината ја гледаат во текстилниот сектор.
„Оваа струка ја избрав бидејќи отсекогаш сакав да цртам и сум фасцинирана од процесот како од цртеж се доаѓа до производот“,
вели Викторија Николоска – ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

„Од мала имам желба да работам во некоја компанија, или да основам некоја компанија во иднина и ме интересира многу цртањето, дизајнирањето, создавање на нови работи и слично“,
вели Ангела Крајческа – ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

„Комфи ангел“ има 800 вработени во повеќе погони. Произведуваат перници, јоргани, заштитници за душеци, торби, за домашниот и странскиот пазар. Традицијата да се стипендираат ученици, според директорката Ирена Јакимовска, е влог во иднината.
„Ние не би биле ништо доколку го немаме моторот на компаниите, а тоа е работната сила и, навистина, фокусот треба да се стави таму. Да покажеме на младите дека секоја професија си има свое достоинство и своја нишка. Да сте шнајдер, тоа не значи да бидете омаловажувани, тоа е достоинствена работна задача, каде што можете да си добиете надомест, за да имате достоинствен животен стил“,
вели Ирина Јакимовска – директорка на „Комфи Ангел“.
Вработувањето во „Комфи ангел“ не мора да значи и останување на иста позиција цел работен век, вели Јакимовска.
„Независно од тоа што сте биле оперативец и сте работеле на машина. Доколку сакате вашето знаење да го надоградувате и да одите подалеку во компанијата, секако дека приоритет им даваме на нашите вработени“,
вели Јакимовска.

Оваа соработка од следната учебна година треба да добие на интензитет. Прилепското средно „Ѓорче Петров“, освен од „Комфи Ангел“, добило информација за кадарот што им е потребен уште од две други фирми. Па, од септември, во соработка со Министерството за образование, училиштето отвора дуална паралелка за профилите: техничар за изработка и техничар за моделирање на облека.
„Ново е што во ова дуално образование учениците стекнуваат повеќе знаење, повеќе вештини и поголем дел од учењето ќе им биде во практична настава, односно 70 посто од наставата ќе ја изведуваат во компаниите а, додека другиот дел си оди наставата во нашето училиште“,
вели Наташа Мирчевска – професорка по стручни предмети во СОУ „Ѓорче Петров“.

Фармацевтско-хемискиот гигант „Алкалоид“, пак, спровел обука на кандидати со средна стручна подготовка на возраст од 18 до 29 години како дел од проектот „Образование за вработување“, поддржан од Швајцарија. Соработувале со скопското средно медицинско училиште „Панче Караѓозов“ и Фармацевскиот факултет при УКИМ. 18 кандидати станале дел од програмата.
„Со завршување на првиот циклус, првата фаза од овој проект, 5 од кандидатите веќе се вработени и се наши колеги во „Алкалоид“. Согласно нашето досегашно искуство со учество во вакви проекти, сметаме дека овој модел на соработка помеѓу компанијата и образовните институции навистина е еден ефикасен модел за креирање на кадар којшто е конкурентен на пазарот на трудот и којшто одговара на потребите на нашата компанија“,
вели Јана Величковска – постар специјалист за регрутација и селекција во „Алкалоид“.
А токму поради потребите на компанијата, од септември во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје се отвора парцијално дуална паралелка. Што значи учење и интензивна практична работа во „Алкалоид“ во трета и четврта година.
„Ние во моменот сме во комплетна подготовка на наставната програма која што ќе се изучува во новата паралелка. Треба да биде готова веќе до крајот на овој месец и треба да почнеме со процес на запишување на ученици во таа паралелка“,
вели Величковска.

Успешните приказни, Министерството за образование и наука сака да ги мултиплицира од следната учебна година. По серијата трибини низ државава, заедно со општините, училиштата и компаниите, Министерството го слушна бизнис-секторот и распиша конкурс за упис во средните училишта според реалните потреби на пазарот на трудот. Зголемен е бројот на дуални паралелки преку кои учениците истовремено работат и учат. Предвиден е стимул и за постоечките тригодишни средни стручни струки.
Сега, низ отворени настани, како овој во училиштето „Љупчо Сантов“ во Кочани, намерата е на деветоодделенците да им се објасни зошто е добро да изберат средно стручно образование. Овде училиштето се обидува да екипира две дуални паралелки за квалификациите: бизнис-администратор и хемиско-лабораториски техничар, по барање на локалните компании.

„Вашето докажување додека учите средно образование ќе ви придонесе полесно да дојдете до работа утре.“
„Да, ќе бидете значи како на работа, со мантил, со ракавици, со заштитни опреми. Значи, целиот процес е замислен како вие сте во лабораторија и го работите секој дел и практично и теоретски. Значи и вежби.“
Дали ви се допаѓа овој концепт на учење?
Да, многу убаво смислено и ќе се потрудиме да научиме.
Би се запишале на оваа насока?
Па, ќе размислам.
Како ви се чини овој предлог?
Па интересно.
Би се запишале стручно?
Па да. да. да.
Каде да се запишат во средно е првата важна животна одлука пред која се исправени деветоодделенците.
„Дали би избрале средно стручно образование?
Па. да.
Што би сакале да учите?
Па, хемиско.
Зошто?
Па интересно ми е.
Дали би избрале средно стручно образование?
Паа , не знам. Можеби. Не сум сигурен. Немам се уште одлучено, не“,
Компаниите во кои ќе се изведува практичната настава во дуалните паралелки се обидуваат да ги доближат бизнисите до младите.
„Многу ни значи, бидејќи кај нас многу е намален стручниот кадар и со оваа соработка се надевам дека ќе биде се во ред за понатаму“,
вели Татјана Стоимировски – маркетинг-менаџeр во „Аграр Ко“.

„Нам ни требаат стручни кадри и секако би задржале ученици кои би покажале иницијатива и желба за понатамошна работа да се развиваат кај нас во нашата фирма“,
вели Радмила Миленковска – „Ексклузив“ – Кочани.

На штандовите за промоција на училиштето и локалните работодавци, застанаа и министерката за образование Мила Царовска и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев. Министерката вели дека и досегашните примери на дуално обрзование дале резултати, но дека првпат се прави системски обид.
„Следниот чекор што е уште позахтевен како процес е да ги мотивираме учениците да се запишат во тие отворени струки. Затоа, како министерство, еден од мотивациските фактори го земавме стипендирањето и таа стипендирачка политика ја поврзавме со политиката за упис. Секој ученик којшто ќе се запише и ќе достигне одредено ниво во дуалните паралелки и тригодишните струки, ќе може да добие стипендија од 3 500 денари и тоа е за околу 2 000 ученици кои ќе се запишат во овие паралелки и за тригодишните, исто така. Но, значајно е дека ако сега училиштата не се доволно мотивирани да ги мотивираат учениците да ги пласираат своите струки, тогаш можеби нема да стигнеме до секој родител и секое дете и ќе пропуштиме одреден потенцијал или капацитет во општините. Затоа, ги поттикнувам да ми кажат, што е тоа што тие би им го кажале за да видиме колку е мотивираноста на наставниците“,
вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
Царовска се надева на добар одзив на полуматуранти.
„97 дуални паралелки отворивме, во споредба со минатата година сме имале 11 паралелки и ова е голема гордост. Сега да видиме колку ученици ќе запишеме во овие дуални паралелки на крајот на уписниот период. Компаниите не мора да основаат работен однос, ниту учениците на почетокот. Во прва година имаат само феријална пракса, во втора година почнува и онаа училишна пракса која треба да се одвива во компании, за во четврта година да завршат со осум часа неделно присуство во компанија и на тој начин тие понатаму ќе видат дали си одговараат со компанијата или, можеби, ќе бидат во друга компанија каде што немале пракса, а сепак е во таа струка во којашто тие завршиле и добиле диплома.
360°: Но, не е задолжително.
Не е задолжително, не, не. Секој има право на избор и тоа би било премногу обврзувачки. Но, државата ги стипендира во процесот на образованието, а компаниите веќе во четврта година понатаму може и да им нудат договори, секако, согласно волјата на учениците“,
вели Царовска.

Ако волјата и интересите се совпаднат, тоа би значело дека за три до четири години, учениците ќе ги чекаат работни места, компаниите ќе добијат нов стручен кадар, а регионите ќе имаат шанса за развој наместо да сведочат на егзодус на младите.