Осуммина членови на Советот, вклучувајќи го и претседателот Александар Камбовски, гласаа против иницијативата на новоизбраната членка Сузана Јошевска-Анастасовска поднесен во рамките на пакетот измени на Деловникот за работа на ова тело
Предлогот не го поддржа и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, која неодамна стана членка на Судскиот совет заедно со Сузана Јошевска-Анастасовска како предлог на претседателката на државата. Кога ги најави како кандидатки за членови на Советот, Гордана Сиљановска-Давкова ги опиша како реформаторки и бунтовнички
4 февруари, среда. Членовите на Судскиот совет одржуваат седница. Најава немаше, но сепак седницата се емитуваше во живо на Јутјуб–каналот на Судскиот совет. Еден сегмент од заседанието се одржа „зад затворени врати“, но другиот – за измена на Деловникот, беше отворен за јавност. Точката гласеше:
Изменување и дополнување на Деловникот за работа на Судскиот совет, поточно делот кој ја уредува постапката за утврдување предлог на избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Ваква точка се најде на дневен ред откако Собранието неодамна донесе нов Закон за Судски совет, а и по пресудата на Управниот суд со која беше поништен изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка, Образложението на Управен беше дека Судскиот совет на се произнел за сите спомнати потенцијални кандидати туку ја завршил постапката откако Дуковска прва го добила потребното мнозинство.
И веднаш стигна идеја за измена – новата членка на Судскиот совет Сузана Јошевска-Анастасовска предложи при утврдување кандидат за уставен судија од редот на судиите, Судски совет да спроведува и интервјуа – со утврден прашалник еднаков за сите кандидати и директен пренос за јавноста.
„Kога процесот е затворен, односно кога би одлучиле да нема јавно интервју како и досега што се избираше, дури и најдобриот избор може лесно да биде протолкуван или да изгледа како договор позади сцена. И затоа сметам дека јавното интервју ќе ја направи видлива логиката на изборот, ќе ја намали перцепцијата на јавноста за договарање и ќе гради доверба дека кандидатот е избран по мерит систем, а не по подобност“,
кажа на седницата Јошевска-Анастасовска.

Предлогот првично доби „ветер во грб“.
„Навистина ни јас не можам да најдам ниту еден аргумент зошто би била против јавно интервју. Мислам дека тоа не само што ќе ја зголеми довербата во Судскиот совет и судството туку и ќе нè доведе до најдобриот кандидат што можеме во тој момент да го утврдиме. Јас го поддржувам во целост таквиот предлог“,
посочи Антоанета Димовска, членка на Судскиот совет.

Иницијаторката за воведување интервју Јошевска-Анастасовска неодамна беше избрана од парламентот за членка на Судски совет на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Втората членка на Советот избрана на предлог на шефицата на државата, Арлинда Кадри-Шахиновиќ, не го поддржа предлогот на Јошевска-Анастасовска.
„Се плашам, резултатот може да биде селекција на оние што најдобро зборуваат, а уствари не знаат или најдобро мислат“,
рече Кадри-Шахиновиќ.

Се редеа и други дискусии против.
„Сметам дека со воведувањето на овој повисок правен стандард би се повредило начелото на еднаквост во однос на другите кандидати коишто ги избира Собранието за судии на Уставниот суд“,
кажа Џенета Бектовиќ.

„Не дека ние не сакаме да бидеме транспарентни, задкулисани, не знам што… Не можеме надвор од законот да предвидуваме со Деловник критериуми, услови дополнителни кога е тоа законска материја“,
уверуваше Исамедин Лимани.

„Законодавецот предвиде законски услов: тоа е 20 години – сложен услов – и вториот услов е по претходно утврдена оцена на нивните вкупни резултати. Ние имаме материјал, најмалку интервјуто е потребно и најмалку со едно интервју ние генерално како тело може да кажеме овој кандидат е подобар, а овој е помалку добар“,
порача Ивица Николовски.

Двете членки на Советот, иако малцинство, продолжија да го бранат предлогот.
„Во случај кога кандидатите ќе ги исполнуваат законските услови – тоа се 20 години стаж и имаат некаков придонес во теоретска и правна мисла – врз основа, јас ве прашувам вас како членови: тие ќе ги исполнуваат и ќе бидат еднакви, на кој начин, ако не врз основа на слушање на нивната правна логика, би можеле ние да избираме? Според тоа, и дури и да има начин, нели е подобро да ги слушнеме за да можеме да видиме, да донесеме некоја одлука на основа на мерит, на основа на правно образложение и после да си помогнеме самите на себе кога ги образложуваме одлуките за и против“,
ги убедуваше своите колеги, Јошевска-Анастасовска.
„Колегите коишто доаѓаат од другата бранша не ги познаваат сите судии, ни јас не ги познавам сите судии, не ги познавам лично, друго е кога ќе го видам тука судијата“,
дополни Антоанета Димовска.
Безмалку еден час, репликите на истите членови станаа повторувачки, никој друг не се јави за збор, па претседателот на Советот предложи да се премине на гласање за измена на Деловникот.
„Кој е „за“ да нема интервју? Констатирам дека со осум гласа ЗА е донесена измената на Деловникот“,
кажа Александар Камбовски – претседател на Судскиот совет.

Со оглед на тоа што претседателот на Судскиот совет не зема збор за време на дискусијата, се обидовме да дознаеме зошто е против јавно интервју.
„360 Степени“: Ќе може ли ваша изјава, не чувме ваш став, зошто сте против или за?
Камбовски: Не.
„360 Степени“: Зошто?
Камбовски: Уживај. Уживајте.
Јошевска-Анастасовска жали што нејзиниот предлог не го поддржаа мнозинство членови на Советот. Но, во контекст на транспарентноста, изјави дека тоа што седницата била јавна, овозможило секој да ги цени тезите на членовите кои иако не беа обврзани, избраа јавно да аргументираат.
Јошевска-Анастасовска: Никакво интервју нема да има, ниту затворено ниту отворено, останува само предлогот дека врз основа на биографиите и евентуално докази за придонес во стручната мисла како и материјалите кои ги има Судскиот совет од позитивни оценувања на кандидатите, од тие ќе одбираме. Тоа ќе биде начинот.
„360 степени“: Интервјуто не е предвидено ниту во законот. Што мислите, зошто е тоа така?
Јошевска- Анастасовска: Интервјуто не е предвидено во законот заради тоа што законот предвиде упатувачка норма со која е дозволено Деловникот да го регулира тоа прашање. Јас не знам комисијата зошто не го предвидела во законот за да немаме сега евентуално такви загрижености и прашања. Тоа најдобро е да ја прашате комисијата, но сметам дека треба да се држиме до мислењето на Венецијанската комисија којашто смета дека не треба законите да се пребирократизирани или „over-regulating“, што се вика, значи дека некои работи коишто се однесуваат на постапки и детали од постапката треба да се уредуваат со подзаконски акти и оттука сметам дека не излегуваме надвор од законот.
Според Уставот, Судскиот совет номинира двајца кандидати за уставни судии до Собранието, кое ги избира. Како ќе ги утврди кандидатите, се определува со Деловникот за работа, пропишува Законот за Судски совет. Со оглед на тоа што немаше расположение за прифаќање на предлогот, номинирањето на двајца кандидати за уставни судии преку Судски совет ќе продолжи без интервјуа, па сликата за нивниот капацитет и сатручност ќе може да се оформи преку јавните седници откако ќе станат уставни судии, што може да биде доцна.
