Младите полесно поминуваат со ковид-19, барем на здравствен план, што не значи дека ги одминува епидемијата. Многумина преживуваат психолошки драми, а стручна поддршка не е достапна во сите училишта. Истражување на ЗМАИ покажа дека младите се први за намалување плата и промена на договорот за вработување. Погледнете го видеото
Живот во четири ѕида. Простор за одмор, учење, настава и, колку што се може, за лична приватност. Средношколката Бисера собата ја дели со својата постара сестра, со која заедно биле и изолирани поради ковид-19. Престанала и со одбојка оти е групен спорт. Таа е прва година средно и лично не се знае ниту со професорите ниту со соучениците.
„Многу ме фаќа паника, иако не препишувам, се чувствувам како да ќе мислат дека ќе препишувам, сѐ ми е тргнато настрана, телефонот ми е во кујна, а јас во соба, за да не се слушне нешто, да не мислат дека препишувам, бидејќи сега многу потешко е да докажеш дека не препишуваш. Сите ќутат и професорите мислат дека никој не ги слуша, кога, всушност, зависно од детето, некој не може да се ‘мјутне’, бидејќи му лае кучето, на некој му вика братот во позадина. Значи, родители може да се расправаат позади, а на детето му е срам да вклучи микрофон.
360°: Бисера, дали имате контакт со училишните психолози, дали ве следат на некој начин вака и онлајн или можеби лично сте ги побарале?
Досега се нема случено, барем кај нас, се гледа кој е на ‘митингот’, на часот моментално. Не знам како ми се викаат педагогот и психологот, за жал, со тоа што ги немам запознаено, што малце е тажно за ново искуство во средно училиште: ‘како си помина’, ‘па ништо, си седев на часови згрбавена пред компјутер цел ден и потоа си пишував домашна уште толку време и си легнав’“,
вели средношколката Бисера Стојкоска.
Ова е нов тип анксиозност, последица на виртуелната настава, вели училишниот психолог Ана Попризова. Училиштата, како примарни места за социјализација на младите, се празни, но Попризова им е достапна на учениците и телефонски, и онлајн, и физички, оти во одредена ситуација проценува дека е неопходна лична средба.
„Неколкупати кога дошле учениците во училиште, само да им ја видите емотивната реакција. Значи, буквално се преплавени од она чувство на носталгија, како си поминувале тука, самиот простор што го доживуваат за нив е многу значаен“,
опишува Попризова.

Психологот е дел од стручната служба која треба да е стожер во секое училиште, особено во кризни времиња. Покрај психолог, службата подразбира и специјален едукатор, социолог, социјален работник итн. Треба да ги следат и оценките и поведението на учениците и на наставниците.
„Она што е значајно, јас верувам дека сите колеги го направиле тоа, е јавно да ги објават своите податоци, електронски адреса, телефон, за да бидат достапни до сите родители и ученици. Учениците и родителите може да нѐ контактираат преку класните раководители и, секако, нас по потреба. Во зависност од целта, се вклучуваме на некои часови“,
вели психологот Попризова.
Ги отворивме веб-страниците на неколку средни училишта. Сите се со различен дизајн, некаде е видливо кој е дел од стручната служба и има електронска адреса за контакт. Некаде, пак, ништо од тоа.
Од Државниот просветен инспекторат тврдат дека не седеле со скрстени раце.

360° Министерке, како сте убедени дека стручните служби навистина се на висина на задачата, дека постапуваат?
– Тоа е процес на воспоставување поддршка. Некаде се на висина на задачата, некаде не се.
360°: Тоа е проблем сепак…
Истото се однесува на сите процеси што се случуваат во образованието. Затоа засилено работиме на нивна поддршка, засилено работиме на заемна соработка, за да се зајакнат. Преку ноќ ниту еден систем не станува совршен, и ако нешто сте заборавиле дека постои 15 години, како за 4, 5, 6 месеци тоа ќе стане совршено? Не, тие немале ниту соодветна обука, но имаме експерти во овие области кои се во училиштата и сега тие им даваат поддршка на своите колеги онаму каде што се јавува проблем. Но, секако дека Државниот просветен инспекторат е на терен и ова се елементи коишто биле заборавани и во инспекциската служба.
360°: Но, факт е дека сега оваа генерација која следи онлајн настава е во ризик.
Оваа генерација е во ризик од различни елементи, не само од менталното здравје. Но, не цела. Има училишта кои интензивно работеа со учениците, држеа онлајн средби и средби со физичко присуство со одредени ученици, со наставници, родители, така што сегменти од образованието секако се во ризик. Да не зборуваме за оние ученици што следеа настава на телевизија, секако, квалитетот таму е понизок, но, како држава се справуваме на начин како најдобро можеме и со ресурсите коишто ги имаме на располагање. Секако, би сакала да бевме држава којашто е целосно развиена и има развиен образовен систем. Но, ние сме држава во развој и сите овие предизвици ги надминуваме на дневно ниво,
тврди министерката за образование Мила Царовска.
Царовска вели дека е во тек екипирање на психолошко-педагошката служба во рамки на Министерството, за секој член на училишните стручни служби да има кому да се обрати за совет при работењето.
Ништо подобро со пандемијата не се справуваат и малку повозрасните – студентите. Оние во прва година, бруцошите, ја пропуштија матурската вечер, а под маски го поминаа и првиот академски час.
Ниту најголемиот државен универзитет УКИМ нема протоколи за менталното здравје на младите во време на ковид-19.
„Само неколку невладини организации се залагаат за тоа прашања, но сепак психолошката помош и советот, можеби, нели, табу-тема е да се зборува за менталното здравје, но сепак мислам дека е навистина потребно“,
вели студентката Елена Савеска.

Студентите бараат сите универзитети да воспостават служби за поддршка.
„Ја покренавме како иницијатива и кон УКИМ, како барање и од страна на Собранието на студенти, и поднесовме официјално, ги повикавме и ректорите да поднесат барање. Сѐ уште немаме добиено одговор од нивна страна, но секако сме волни да ги поддржиме и универзитетите да воспостават вакви служби за поддршка“,
вели министерката Царовска.
Ниту УКИМ нема коментар на оваа тема. А кога е селективна помошта во образовните институции, дел од младите бараат помош на телефонската линија за психолошка поддршка на деца, адолесценти и нивните родители на Клиниката за психијатрија во Скопје.
Од почетокот на пандемијата до февруари, телефонски, на Клиниката се реализирани 482 психолошки советувања, најголемиот дел за деца или млади до 19 години. 40 % од вкупниот број јавувања отпаѓа на родители кои барале совет за своето дете, а во дополнителни 6 % контактот директно го почнале млади луѓе. Во 11 % од случаите возрасни лица побарале советување за правата на децата. 30 % отсто од јавувањата биле од возрасни лица кои барале советување за себе и 13 % се од лица вклучени во психијатриски третман.

Младите најчесто се обраќале за помош поради проблеми со биоритамот, намалена училишна ефикасност, агресивност, пад на расположение. Родителите, пак, барале совет како да постапуваат со децата при загуба на блиска личност од ковид-19. Прашање е колкумина имале потреба, но останале ’на дистанца’ и од стручна помош.
„Состојбата е многу комплексна, и што ќе излезе, какви ќе бидат последиците врз менталното здравје на младите, ние допрва ќе анализираме и допрва ќе воочуваме“,
алармира психологот Попризова.
Дел од младите во екот на пандемијата беа и мета на критика поради несовесно однесување. Други, пак, се ставија на располагање на јавните служби за да помогнат во кризата. Коронавирусот не ги поштеди и лично. Меѓу починатите се и млади, со и без коморбидитети.
Младите се меѓу најранливите групи и на пазарот на трудот. Од почетокот на кризата, заклучно со јануари, Агенцијата за вработување регистрирала 18 000 одјавени работници, од кои близу 4 000 млади.
Од Здружението за истражувања и анализи (ЗМАИ), пак, собрале анонимизирани обрасци за плати што фирмите се должни на месечно ниво да ги доставуваат до Управата за јавни приходи. Заклучокот е дека младите се најмногу на удар уште на почетокот на пандемијата.
„Ако направиме различни споредби, каде што анализираме и регионална структура, знаеме дека регионите се различно структуирани во државата, ако направиме полова, мажи, жени, пак младите испаѓаат многу попогодени во однос на останатите ранливи групи што се појавуваат“,
вели Виктор Стојкоски, истражувач во ЗМАИ.

Според Здружението, лани во февруари имало 86 000 луѓе на возраст до 29 години кои редовно земале плата. Во април 3 000 млади исчезнале од евиденцијата на УЈП. Во јуни бројката повторно се искачила на 86 000, што значи дека младите се вратиле на работните места, но по нови правила. Ако до пред корона-кризата 30 отсто од младите добивале плата под минималниот праг, тој процент во јуни се искачил на 36 отсто.
„Мислам дека таа разлика се должи затоа што младите работат на временски договори и во меѓувреме им завршиле, потпишале некои нови временски договори кои биле со помали примања, тоа е едното, а другото е дека ја изгубиле работата, а потоа да нашле работа која е помалку платена. Трето е да преминале од работа на полно работно време – работа на пола работно време или слично“,
објаснува Стојкоски.
Како и кој да ги заштити?
„Ако забележат дека имаат некои промени во смисла на поголема напнатост или поголема депресивност, безволност, не сакаат да се дружат, се повлекуваат комплетно, тотално губат интерес и за учење, промена во спиење, промена во исхрана, сѐ се тоа некои првични сигнали, исто и на родителите им го препорачувам, значи да обрнат внимание, тоа значи дека е добро да се побара стручна помош“,
советува психологот Ана Попризова.

„Ако некој е на времена работа, ако на секои три месеци му се обновува работата, тој треба да има некоја клаузула под кои услови ќе му се обнови договорот, да не биде под намален услов. Доколку тие ги губат работите, треба да бидат поподдржани од државата. Од една страна, од едно поголемо истражување кое го имаме правено на ниво на цела Македонија, таму даваме претпоставка дека државните политики во кризата и мерките кои ги создаваат треба да имаат многу поголемо влијание за да ги заштитат маргинализираните групи, меѓу кои се и помладите, а не тие да бидат во насока на штитење на моќните лица“,
предупредува истражувачот Виктор Стојкоски од ЗМАИ.
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
