Основното и средното образование се задолжителни во Македонија, но, во ромските населби само три четвртини од децата на соодветна возраст тргнуваат во прво одделение, помалку од две третини продолжуваат во шесто, а околу една третина се запишуваат во средно. Поразителни се и податоците од пазарот на трудот.
Позитивните примери како Тефик Махмут, кој стигнал до стипендија од Универзитетот Оксфорд ги храбрат сонародниците да не се откажуваат и покрај сите пречки. Погледнете ја сторијата во продолжение.
Овој каллив пат, кој е секојдневние за младиот Сезѓун, го води до заработувачка колку да преживее. Има 17 години. Основното образование го заокружил во битолскиот Завод за рехабилитација и оттогаш се приклучил на татковата професија.
„Немал финансии да продолжи средно образование, нормално, бидејќи самите гледате како живее, од собирање флаши по контејнер што оди. И јас сум млад, сакам да се дружам со моите другари, да учам школо, да имам мој џепарац, да си имам моја девојка, но немам и затоа морам со мајка ми и татко ми да работам со канти и со ѓубришта“

И татко му би сакал Сезѓун да заврши повисоко образование. Но, приоритет на семејството, особено за време на полицискиот час поради коронавирусот, било да има барем еден оброк на ден.
„Се нема. Мора да признаам грешка дека дури и на тоа време излегувавме. Се пазевме, ама моравме да искачаме. Moрa. Оти нема јадење, нема пиење, а оди месецот да се плати кирија. Нема од каде.“

Во соседството, врсничка на Сезѓун, наместо во училишна клупа, денот го поминува, помагајќи и на својата мајка. Таа е посрамежлива пред камера.
–Зошто не оди во школо?
Немаме, од каде да ја школуваме? Немаме.

Во кумановската населбата Средорек повеќето млади денот го поминуваат во безделничење. Сите што ги прашавме, иако се на возраст за средно училиште, кажаа дека не се запишале.
Во невладината „Ромаверзитас“ одамна забележале дека многу деца не се запишуваат во средно, па директно помагаат да ги вратат во образовниот процес. Прво, почнале со стипендии за високо образование, а подоцна 100 средношколци завршиле средно образование со нивна парична помош, туторство и совети за кариерен развој. „Ромаверзитас“ се грижи средношколците да ја добијат соодветната пракса. Сепак…
„Го следевме уписот на средношколците Роми во средното образование и видовме дека афирмативната рамка за упис на средношколци Роми во актуелните училишта не секогаш и секаде се почитува. Ние дури имавме ситуации кога средношколци не можеа да се запишат во посакуваната струка и да се потенцира афирмативниот пристап на еднакви шанси и поради тоа се демотивирани“,
вели Сеара Сулејман-Османи од НВО „Ромаверзитас“.

Со помош на „Ромаверзитас“ младиот Надир годинава ги привршува студиите по дипломатија. И тој сведочи дека патот не бил лесен.
„Ми беше тешко да се социјализирам, не бев многу мотивиран, не бев доволно прифатен, но им докажав дека сум исто како и сите други. „Ромаверзитас“ многу ме мотивираше да го продолжам моето високо образование, видов дека не сум сам во оваа борба, дека има уште многу други како мене и дека заедно можеме уште повеќе“,
вели Надир Усеини.

Според податоците на УНИЦЕФ, кои ги користи „Ромаверзитас“:
Само 36,9% од Ромите успеваат да стигнат до диплома за завршено средно образование. Или, од секои 100 деца, петто одделение ќе завршат околу 79. Дел од нив или воопшто не го продолжуваат образованието или ќе се откажат во погорните одделенија, па деветолетка ќе завршат само 56 деца на секои 100 деца. Во средно не продолжуваат сите кои ќе завршат основно, па диплома за средна стручна спрема ќе земат само 37 на секои 100 Роми.

Колку деца воопшто не почнуваат основно образование и колку од нив се Роми, прашавме и во Министерството за образование.
Од таму ни одговорија само дека знаат за 2 029 незапишани деца во основно образование и дека немаат статистичка евиденција за етничката припадност на децата. За средно нема податоци.
За тие 2 029 деца, кои по закон мора да посетуваат училиште, се поведени само 194 управни постапки, со кои родителите би можеле да добијат казни. Од ресорното министерство велат дека само во толку родителите го прекршиле законот со незапишување на децата во училиште. За останатите околу 1 800, според МОН, утврдени се причини како иселување, запишување порано во школо, или во друга општина, смртност итн.

Од ресорното министерство велат дека работат на проблемот со учениците Роми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Втора година по ред, со нив и со децата без документи, работат образовни медијатори кои практично објаснуваат зошто е важно да се посетува училиште.
„Образовните медијатори … спроведуваат редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработуваат со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, преземаат активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците“,
велат од МОН.
Но, во пракса, невладината „Ромаверзитас“ регистрира деца, кои иако веќе запишани, одлучуваат да ги напуштат училиштата.
„Сега не можам да кажам дека наставници и директори се дискриминаторски насочени кон учениците, меѓутоа не преземале ништо во врска со тоа. Тие деца немаа пристап до чиста вода, немаат услови секој ден да се тушираат, тоа им сметало на одреден дел на ученици. Знаете како се децата. Тоа влијае многу на самодовербата на тој што е дискриминиран и со тек на време детето не сака да оди во училиште“,
предупредува Сеара Сулејман-Османи од НВО „Ромаверзитас“.
Од Министерството велат дека работат со наставниците за да го олеснат образовниот процес за етничките заедници, особено кај Ромите кои имаат проблем да ја совладаат наставата поради бариери во јазикот.
„Пред сè, (наставникот) да организира дополнителна настава за тие ученици, во планирањето на наставата да предвиди посебни активности/методи за работа со тие ученици и да предвиди прилагодени техники, методи и начини за проверување на постигнувањата“,
велат од МОН.
„Не се стимулира и не се создава кадар, а со тоа и нови работни позиции за наставници Роми. Истотака не се работи на литература. Во неколку општини се изучува ромскиот јазик, но, само на факултативно ниво или како изборен предмет, а не задолжителен“,
предупредува и студентот Надир Усеин.
Решение на проблемот, МОН гледа во целосна инклузивност на образовниот систем, за што велат дека веќе се усвоени серија акти.
Дури и на оние што го поминале задолжителниот образовен процес не им било лесно да најдат работа. Ајсена Елези од Куманово имала услови да заврши средно медицинско. Работа по струка не нашла, иако заедно со другарка направила вистинска потрага по работно места. Сега е дел од невладината Национален ромски центар.
„Дојдовме тука во Националниот ромски центарот, паметам како денес, направивме CV, и одев од продавница до продавница, не знам, нема каде не побаравме работа и од цело Куманово ниту еден ми се нема јавено. Ниту еден, Јас мислам дека повеќе влијае скриената дискриминацијата и многу се поголеми стереотипите и предрасудите отколку дискриминацијата. На пример, нас не ни рекоа не ве примаме зошто не сте убаво облечени, затоа што имате друга боја на кожа или затоа што сте Роми, тие така индиректно само ни кажуваат ќе ви се јавиме, а ние не добиваме никаков одговор“,
вели Елези.

Националниот ромски центар е навладина организација која пружила заштита на околу 250 млади Роми. Ги учат на основните јазични и компјутерски вештини за полесно снаоѓање во животот, а ги поттикнуваат и на младински активизам. Добар дел од активностите сега се на пауза поради пандемијата. Но, и претходно исходот не бил секогаш пријатен.
„Младите се тотално во една блокада на размислување на позитивност, ние имаме млади каде често сме принудени да разговараме по скајп и по неколку часа, за да ги вратиме во волја. Ни се случи и заминување во некои од блиските земји, има млади кои заминуваат во Босна и викаат дека подобро живеат во Босна отколку да останат тука“,
вели Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар.

Во базата на Агенцијата за вработување, само годинава, како невработени се водат 14 208 Роми. Споредено со другите помали етнички заедници, Ромите се најбројни по невработеност и покрај тоа што според последниот попис, не се најбројната помала етничка заедница.
Како ранлива група, Ромите се квалификуваат за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување на Агенцијата за вработување. А за фирмите да вработат луѓе од ранливи категории, државата ги стимулира со неколку мерки:

Агенцијата, пред пандемијата, организирала и обуки за зајакнување на капацитетите на активните баратели на работа. Директорот на АВРМ, Абдуш Демири, вели дека не ги чекаат припадниците на ранливите групи сами да побараат помош, туку и институцијата со помош на УНДП ги информира на терен, за опциите на пазарот на трудот.
„Нивната улога е да ги мотивират и редовно да ги информираат за можностите за вработувања или за подобрување на професионалните капацитети“,
вели Абдуш Демири, директор на Агенцијата за вработување.

Но, невладините обвинуваат и за друга појава.
„Има и такви случаи што на ромските места се вработуват други лица кои се декларираат како Роми и тоа е изгубена доверба“,
обвинува Елезовски.
И покрај сите премрежја, упорноста може да даде резултати.

Ова е Тефик Махмут од Шуто Оризари, кој добил стипендија од престижниот универзитет Оксфорд и станал магистер за миграции. Махмут вели дека клучна улога во неговиот развој имале родителите, иако починале кога имал 8 години.
„Mи дадоа и тоа како примарна социјализација и, врз основа на таа социјализација, всушност, тоа ми беше импетусот поради се што имам направено во делот на образованието во мојот живот“,
вели Махмут за „360 степени“.
Образованието го започнал во основно училиште во Шуто Оризари, но основното образование го завршил во училиштето „Кирил и Методиј“. Продолжил во гимназија, а потоа добил стипендија на Европскиот Универзитет во Скопје.
„После моето дипломирање работев во меѓународна јавно-правна организација и откако се стекнав со некое меѓународно искуство, аплицирав во Оксфорд.
-А државата?
Искрено, ја немав ни како алтернатива. На пример, ако не добиеш стипендија од Оксфорд, ќе отидеш, не знам, во невладина организација или фондација ќе бараш или како трета, четврта алтернатива ќе ти биде државата од каде што доаѓаш. Не ја ни инкорпорирав во таа некоја алтернативна листа што ја имав.
–Зошто?
Имајќи ја предвид политичката култура што ја имаме во државата. Знаете, ако државата како таква, каде што може да ти помогне не ти помага, замислете за нешто што е дополнителен товар за нејзиниот буџет. Секако дека за такво нешто ќе ти требаат и врски, луѓе на висока позиција во државната власт, што јас како дете без родители од Шуто Оризари секако дека ги немав“,
вели Махмут.
Поради пандемијата и тој моментално е во татковината. Работи за меѓународна организација, а гласен е и во борбата за правата на својата етничка заедница. Пред Уставниот суд ги спори амандманите со кои се озакони далечинско учење оти сите деца немаат пристап до потребната технологија. До Народниот правобранител, пак, реагира што министерството за култура нема вработено ниту еден Ром.
„Соодветната застапеност и правична застапеност е законска и уставна обврска. Бидејќи е законска и уставна обврска, не може и не смее да биде предмет на индивидуален избор или политичка одлука на некој што формира администрација да му текне дека не треба да ги инкорпорира Ромите. Сите треба да бидеме инкорпорирани, особено ако станува збор нели за мултиетничко или мултикултурно општество какво што сме ние. Од една страна и од друга страна, особено ако Македонија сака да биде дел од ЕУ, треба да исполнува неколку услови. Еден од условите се и Копенхашките критериуми каде што децидно вели дека треба да се почитуваат и подобрува ситуацијата на малцинствата меѓу кои се и Ромите во нашата држава“,
вели тој.
Тефик ги мотивира младите да не се откажуваат оти алтернативен пат за успех, освен образованието, вели – нема.
„Ако навистина посакуваш нешто да направиш, мислам дека не постои бариера што не можеш да ја отстраниш во твојот живот.“
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
