Опозицискиот лидер порача и дека ова ВМРО-ДПМНЕ е ново и поискусно, како и дека ќе го има почесто по улиците, селата и градовите бидејќи ова се одлучувајќи мигови за земјата
Точно е тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира околку обезбедувањето на нашата иднина. И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам: Преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање по повод Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, кој партијата го одбележа со настан на Могила на непобедените во Прилеп.
Во однос на европските интеграции тој рече дека Македонија 30 години прави отстапки и ја критикуваше актуелната власт за договорите со Грција и Бугарија. За возврат, вели Мицкоски, од Европа добивме само тапкање по рамо.
„Сменивме знаме, Устав во повеќе наврати, добивме пресуда во Меѓународниот суд во Хаг, па не убедуваа дека тоа била цената на геостратегијата и силата на посилниот, Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. Потпиша договор со Бугарија кој го нарече договор за добро соседство, и се фалеше дека ги затворил сите отворени прашања. И што добивме? Од Европа добивме тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ. Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме. Во 21 век, ние денеска според Заев за да почнеме преговори, треба да решаваме прашања од 19 век“,
рече Мицкоски.
Тој испрати и порака дека ЕУ треба да биде погласна за криминалите на власта со кои, вели, се загрозува европската иднина на земјава.
„Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна. Затоа што нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашковски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае“,
рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер порача и дека ова ВМРО-ДПМНЕ е ново и поискусно, како и дека ќе го има почесто по улиците, селата и градовите бидејќи ова се одлучувајќи мигови за земјата.
„Мора да се забрза европскиот пат преку разумна политика која ќе носи резултати, да му се објасни на народот однапред што можеме, до каде ќе одиме и што ќе направиме. Мора да се врати достоинството на човекот во здравството, да биде главна борба каква нова машина, каков нов апарат ќе набавиме, а не дали ќе има дезифициенци за пациентите и докторите. Тоа треба да се подразбира, тоа треба да е задолжително. Мора да се реорганизира државата на домаќински принципи“,
беа дел од пораките на Мицкоски.