Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска пред новинарите кажа дека на средбата со претседателот на Националниот совет на Парламентот на Република Австрија, Волфганг Соботка, го информирал и за начинот на кој се донесе Законот за јавно обвинителство.
„Му го пренесовме и ‘трас, трас’-методот за носење на Законот за јавно обвинителство, ‘се договорив со Јово’ и сличните методи како се носат овие закони, пренесовме дека тогашниот претседател на Владата не го негираше тоа однесување туку го потврди истото тоа однесување. За прв пат слушнал господинот Соботка, навистина бевме вчудовидени дека ова беше за прв пат информација која што ја слушнал“,
изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Соботка првпат слушнал и за повтореното гласање на тој закон.
„Беше видно изненаден од тоа што го слуша, истото тоа го пренесуваме и до другите дипломати за ова ‘трас трас’ судство и обвинителство кое што во моментов се случува во Македонија, како се гази и пали демократијата во Македонија“,
вели Мицкоски.
На новинарско прашање за нивната предизборна програма и најавите кои ги споменуваат за реформи во судството и обвинителството, Мицкоски рече дека тоа ќе биде во нивниот фокус.
„Огромна група на експерти работат, уште не е готов тој дел, последниот конечниот датум е 10 март кога треба да ја имаме конечната верзија за реформите. Но, секако, не ‘трас-трас’ судство, не Луј Витон обвинителство, не Сваровски судство, туку вистинско судство во кое граѓаните ќе имаат доверба“,
додаде Мицкоски.