Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ неодамна повторно изјави дека прави обиди за обезбедување мнозинство во парламентот, а денеска рече дека тоа ќе зависи и од тоа дали ќе добијат поддршка од другите пратенички групи за предлогот за разрешување на Филипче и Хасани, доколку сами не ги поднесат оставките
Министерот за здраство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават оставките, поради трагедијата во Тетово, во Собранието до вторник, за кога е закажана нова собраниска седница. Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог во Собранието за нивно разрешување, најави денеска, на прес-конференција, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој рече дека ѝ дал рок од три дена на власта да понесе одговорност за трагедијата во модуларната болница.
„Министерот за здравство поднел оставка до премиерот, а не до институцијата која го избрала, а тоа е Собранието, кое и треба да ја констатира поднесената оставка“,
рече Мицкоски, оценувајќи дека моралната одговорност не исклучува и кривична одговорност.
Тој рече дека Собранието треба да има седница во вторник и дека би било доблесно првите луѓе на Министерството за здравство дотогаш да ги достават оставките. Но, ако тие не ги достават, тогаш пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе достави до спикерот Талат Џафери предлог за разрешување на министерот и заменик – министерот и за тоа ќе побара и поддршка и од другите пратенички групи во парламентот.
Мицкоски неодамна повторно изјави дека прави обиди за обезбедување мнозинство во парламентот, а денеска рече дека тоа ќе зависи и од тоа дали ќе добијат поддршка од другите пратенички групи за предлогот за разрешување на Филипче и Хасани, доколку сами не ги поднесат оставките.