Адвокатот и основач на Здружението „Билка“, Јанаки Митровски, во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека како здружение предлагаат измени во Законот за опојни дроги, односно да се воведе амандман со којшто ќе се услови правното лице кое добива лиценца за производство на канабис, дека во рок од година и пол ќе мора да излезе на пазарот со производи, согласно побарувањата на пазарот.
„Во спротивно, да му се одземе лиценцата. Инаку, ако сите 60 лиценцирани фирми за канабис извезуваат надвор, а ние дома немаме производи, освен економскиот дел ги занемаруваме правата на пациентите и корисниците“,
вели Митровски.
Тој вели дека владините претставници со кои комуницираат се плашат дека нема да може да се контролира количината на канабис што граѓани дома би ја имале за лична употреба. Но, според Митровски тоа може да се реши со регистрирање на Агенција за канабис, а граѓаните ќе плаќаат такса која ќе се одреди и тоа ќе биде многу лесно подложно на контрола.
„Во однос на декриминализација, сметаме дека треба да се детерминира една количина од 15 до 30 грама канабис што државата би ја толерирала како количина за лична употреба и притоа граѓаните да знаат дека тоа е само кога нема елементи за продажба. Бидејќи и за еден грам канабис, ако има елементи за продажба или сте фатени на продажба, има докази или најдена е вага со траги од канабис, а тоа е кривично дело, државата нема да се повлече од спроведување на законот. Разочаран сум што целата Влада го става акцентот на економскиот дел, што не дека е погрешно, но е парцијално“,
вели Митровски.
