Бурчевски е првиот вработен во американската амбасада во Скопје, уште од периодот додека таа беше само Канцеларија за врски. Во разговор со амбасадорката Агелер, Бурчевски се присети на почетоците од пред триесетина година, носталгично раскажувајќи детали и анегдоти. Сведочеше и за сопствената улога во воспоставувањето кампови за време на бегалската криза во Косово
Херој на американската дипломатија. Со ваква титула се закити Митко Бурчевски, првиот вработен во американската амбасада во Скопје.
Станува збор за признание кое американската дипломатија го доделува на најзаслужните вработени во своите дипломатски претставништва ширум светот.
По повод доделувањето на признанието денеска беше организиран и онлајн-настан од американскиот Стејт департмент од каде посочија дека Бурчевски го заслужил ова признание поради неговото несебично и посветено 30-годишно работење.
Тој кариерата ја започнал уште додека САД во Скопје имаа само Канцеларија за врски, која потоа во 1996 година прерасна во амбасада.
„Митко беше таму од самиот почеток. Како прв постојано вработен, тој помогна да се воспостават операциите на мисијата во текот на последните три децении. Тој храбро ја подржа амбасадата на САД во Скопје во некои од најпредизвикувачките ситуации. Дозволете ми да наведам некои од неговите постигнувања: Залагање за изградба и мониторинг на изградбата на кампот за бегалци Стенковец“,
рече помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, која на настанот се вклучи од Вашингтон.
Од амбасадата во Скопје, пак, зборуваше новата амбасадорка Анџела Агелер која потоа и разговараше со Бурчевски.
„Го познавам од 2010 година, лично работев со него кога бев тука во периодот од 2010 до 2013 година и многу добро знам од прва рака дека неговата храброст и посветеност помогнаа во градењето на стабилноста и подобрување на врските помеѓу двете земји“,
рече Агелер.
Во разговор со амбасадорката, Бурчевски се присети на почетоците од пред триесетина година, носталгично раскажувајќи детали и анегдоти за тоа како го добиле првиот печат, за првото службено возило кое, всушност, било неговиот личен автомобил, за тоа дека на почетокот располагале со бел лаптоп што и не знаеле баш да го користат итн. Тие разговараа и за воспоставувањето на кампови за бегалците за време на бегалската криза од Косово, за што и Агелер посочи дека Бурчевски имал клучна улога во таа мисија.
Повеќе за почетоците, мисиите на Американската амбасада и работата на Митко Бурчевски погледнете во видеото во продолжение.