Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 се скара со водителот и новинар Горазд Чомовски, бидејќи го спореди со Никола Груевски, па побара да му се извини.
Во текот на интервјуто водителот изнесе констатација дека Мицкоски не може да излезе од матрицата на Никола Груевски поради тоа што ги дели луѓето на „наши“ и „ваши“, наведувајќи пример од актуелната состојбата со коронавирусот во која лидерот на опозицијата вели дека нивниот здравствен тим ѝ стои на располагање на власта.
„Јас мислев дека оваа емисија ќе помине без Груевски, но очигледно толку многу сте оптоварени што не може ни оваа емисија да помине. Се надевам ќе имате можност да направите интервју со господинот Груевски, па да добиете одговор на овие прашања“, рече Мицкоски.
На ова водителот возврати: „Немам потреба со криминалец да правам интервју“.
Мицкоски, пак, побара извинување: „Тогаш, Ве молам, да ми се извините бидејќи ако него го нарековте криминалец, а мене ме поистоветувате со неговата матрица, индиректно и мене ме нарекувате криминалец, па би сакал да ја искористам оваа прилика и да побарам да ми се извините“.
Откако лидерот на опозицијата одговори на прашањето зошто вели „нашите лекари“, рече дека сега го чека извинувањето од водителот Чомовски, на што доби одговор: „Извинување во некоја друга прилика“.
Целосното интервју ќе биде емитувано на програмата на ТВ 24 во емисијата „Трилинг“ вв понеделник од 19 часот.