Земјава испрати аларм уште на денот на пожарот. Во следните денови во странство беа пренесени 40 од вкупно 54 повредени за кои земјава побарала помош преку овој механизам. Дел од земјите примиле пациенти, дел помогнале со транспортот или на друг начин
Денеска, грубо три недели по пожарот во Кочани, стигна информацијата дека починал пациент кој бил повреден во пожарот. Тоа е првата жртва меѓу повредените. Утрото на пожарот починаа 59 лица. Во многу сличната трагедија во клубот „Колектив“ во Букурешт, Романија, во 2015-тата година, дента починаа 27 лица, а до третата недела во болница починале уште 33. Романија го активира Европскиот механизам шест дена по несреќата, дотогаш обидувајќи се сите повредени да ги лечи во домашните капацитети
Ниту една земја во Европската Унија, ниту една земја во светот, не може сама да се справи со толку голем број жртви со тешки изгореници. Ова го порача поранешниот министер за здравство на Романија, Влад Воикулеску, на кобниот 16 март кога Македонија се соочи со најтрагичниот настан во поновата историја – пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“.
Воикулеску повика земјава веднаш да го активира Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и да не ја направи истата грешка како Романија во 2015 година. Тогаш, по пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт, земјата доцна го активирала овој Механизам што резултирало со загуба на животи кои можело да бидат спасени.

Каква е постапката за активирање на овој Механизам, кој уште еднаш се покажа како „спасувач на животи“ и зошто е ефикасен?
Одговори побаравме од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) која е контакт точка за негово активирање во земјава. Во случајот на Кочани, механизмот е активиран околу 12 часа по пожарот, по одлука на Владата.
„Механизамот го активираме со испраќање меил до Центарот за координација на одговор при катастрофи на Европската Унија. Тоа е оперативен Центар што работи 24/7. Тој меил Центарот го препраќа до државите членки на Европската Унија и државите што се членки на Механизмот за цивилна заштита, како што сме ние. Тие на основа на барањето нудат помош согласно капацитетите со кои располагаат. Тоа оди многу брзо, многу оперативно. Кога ние ќе добиеме понуда од некоја држава, формално треба да ја прифатиме“,
вели Валентина Атанасовска – раководител на одделение за меѓународна соработка при ДЗС.

Тогаш почнала интензивна координација меѓу институции, министерства, амбасади – кога и од која земја ќе стигнат транспортни летала и медицински тимови и каква логистичка поддршка им е потребна.
„Што се бараше од нас како држава која бара помош? Требаше да доставиме иницијали и датум на раѓање на пациентите, листите ги подготвуваше Министерството за здравство согласно приоритетните потреби, потоа се доставуваа медицинските извештаи за државите да имаат сознанија со каков тип пациенти се соочуваат и каква нега првично е потребна за нив. Целата операција се одвиваше многу брзо. Затоа и овој Механизам го користиме навистина како нешто што обезбедува помош на итна база“,
додава Атанасовска.
Во случајот со Кочани, преку Механизмот на ЕУ, вкупно 40 пациенти се пренесени на лекување во некоја од европските земји. Тоа се околу 20% од повредените во пожарот.

А пред Кочани, истиот Механизам беше активиран и во 2007 година, уште пред да станеме членка, за помош при гасење шумски пожари. Потоа, аларамот беше вклучуван двапати последователно поради поплави – за оние во тетовско во 2015 и во скопско во 2016 година. Во 2019 Механизмот бил вклучен поради пожари, следната 2020 поради ковид-19 пандемијата. Во 2021 пак за пожари. Во 2022 за репатријација на македонски граѓани од Украина и лани повторно за пожари.

Или, земјава досега го активирала ЕУ Механизмот осум пати. Од 2019 па навака не е активиран само една година – 2023.
Во случајот со Кочани, Механизмот е и натаму отворен, велат од ЕУ.
„Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ќе остане активиран сè додека Северна Македонија има отворена потреба за помош, која е во надлежност на Механизмот. Во овој конкретен случај, Северна Македонија добива понуди за медицински третман и медицински транспорт од Скопје до болниците во земјите приматели“,
изјавија од Делегација на ЕУ во Северна Македонија за „Призма“.
БИЛАТЕРАЛНА ПОДДРШКА
Преку ЕУ Механизмот во странство се лекуваа или и натаму се лекуваат 40 пациенти, но вкупната бројка на пациенти кои беа или се згрижени надвор од земјава во еден момент достигна 115. Разликата од 40 до 115, е бројот на пациенти за кои некои земји понудија, дадоа и сè уште даваат помош во директен контакт со македонските власти.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски вели дека првата билатерална поддршка стигнала од соседите Грција, Бугарија и Србија.
„Беше многу сложено. Не сакам да користам збор како тешко затоа што сметаме дека со тоа што го правевме не само тој ден, туку неколку дена последователно, помагавме да се спасат животи, да се помогне на луѓе на кои им требаше помош. На крајот на денот за тоа сме ние платени и ангажирани, да работиме во интерес на државата и на нејзините граѓани. Во голема мера беше потребна и активација на лични релации што ги имаме на ниво претседател со претседател, премиер со премиер, во голема мера и јас како министер за надворешни работи со министри за надворешни работи“,
вели Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и трговија.

Тој вели дека голем дел од трошокот за лекувањето на повредените во странство ќе биде покриен од самиот Механизам на ЕУ, а остатокот некои земји понудиле да го покријат преку директна помош.
„Еден таков пример е со Австрија, покрај другите земји, со Литванија итн. Сите земји дадоа директна помош. Има и други форми на билатерална помош. Тука, како пример, ја издвојувам онаа што ја дадоа Чешката Република и Израел со испраќањето на свои специјализирани медицински лица. Они го организираа и авиопревозот за тие лица, нивниот престој тука, тие во голема мера носеа и нивна специјализирана опрема. На пример Израелците, докторите беа голем дел од нив пластични хирурзи и тука вршеа и соодветни интервенции“,
додаде Муцунски.
ДРУГИ ОПЦИИ
Земјава на располагање има и други механизми за помош при кризни ситуации, како оној на НАТО. Но, кога се активира тој ги алармира и подалечните НАТО-земји како Соединетите Американски Држави и Канада. Па во случајот со Кочани далечината не би била во полза на рационалноста и итноста.
Има и други можности. Во касарната „Илинден“ во Скопје е командното седиште на Балканските медицински наменски сили. Тоа е меѓународна единица составена од припадници на армиите на шест земји – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, поддржани од Норвешка, САД и Европската Унија.
Командант е полковникот во српското Министерство за одбрана и кардиолог-интернист Вељко Милиќ. Тој во Македонија е упатен да ја врши таа должност две години.
Единицата е формирана во 2016 година, а од во 2019 е во полн оперативен капацитет. Со неа раководи Управен одбор во кој има по еден претставник од сите шест армии. Тие одлучуваат и за активација на единицата.

„Како се врши активирање? Државата која има потреба за згрижување пациенти, повредени или болни поради некаква ненадејна случка, преку своите членови на Управниот одбор или директно преку претседавачот на Управниот одбор кој во моментов е претставник на македонското Министерство за одбрана, значи тој упатува барање и многу брзо после тоа се организира видео-конференција за најкраток можен рок и се носи одлука за активирање на болницата“,
вели полковник д-р Вељко Милиќ – командант на Балкански медицински наменски сили.
Болницата за која говори полковник Милиќ е монтажна, која се поставува на местото на кое се случила непогодата како земјотрес, пожар, поплава и сл. Во случајот на Кочани, сепак, овој механизам не бил активиран бидејќи се потребни до 48 часа за да се постави болницата, а природата на повредите на настраданите во Кочани барал итен и поинаков третман.
Но, силите помогнале со меѓународната координација, особено на почетокот.
„Зошто всушност се формираа Балканските медицински сили? Затоа што, знаете дека ресурсите на нашите држави се намалени и на овој начин ние можеме да одговориме на ваквите предизвици бидејќи секоја држава која учествува во Балканските медицински сили има одредени модули кои ги вклучува и ние функционираме како целина. Но за да функционираме како целина мораме да имаме некакви заеднички правила на однесување и работа, а тука е потребно секоја ротација која трае две години да ја сертификува својата болница за таа да работи по правилата на НАТО“,
вели тој.
НАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА?
Сумирано, членството во НАТО, членството во регионални иницијативи и особено кандидатскиот статус за ЕУ, значат дека на земјата има кој да и помогне кога ќе биде најпотребно. Таа помош повеќепати е покажана на дело.
Но, нашата соговорничка од Дирекцијата за заштита и спасување, Валентина Атанасовска, порачува:
„Она што е многу битно, а на што државата треба да обрне внимание е дека ние не треба да бидеме држава која ќе биде зависна од помош, туку да ги зајакнуваме своите ресурси, односно, конечно да ги научиме лекциите после секоја катастрофа и да не ги повторуваме грешките.“
Ако државата покажа дека научила лекција, засега тоа е од искуството на Романија. Во пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт таа вечер починале 27 лица, а за 146 била потребна итна хоспитализација. Сите биле згрижени во локални болници. Романија го активирала ЕУ Механизмот дури шест дена подоцна откако почнал да расте бројот на починати меѓу повредените. До крајот на третата недела по пожарот, бројот на починати во болница се искачил на 33, што го крева вкупниот биланс на жртви на 60. Во неделите и месеците потоа, како жртви на пожарот, се додадени уште четири лица за конечен биланс од 64 мртви.
Во пожарот во Кочани загинаа 59 луѓе, а речиси 200 беа повредени. Тешко повредените веднаш беа префрлани во Скопје, а оттаму уште истиот ден прво во Грција, Бугарија и Србија, а потоа и во други земји. Досега не почина ниту еден од повредените. Надежите се дека навремената реакција и помош ќе придонесат така и да остане.*
Останува да се научи потешката лекција – трагедија како во Кочани никогаш да не се повтори.
*видео материјалот кој го содржи овој текст е емитуван на 3 април 2025 година и го објавуваме во неговата оригинална верзија. На 4 април 2025 година стигна информацијата за првата жртва меѓу повредените во пожарот, маж кој бил на лекување во Литванија