„Во понеделник групата за процена ќе се произнесе. Доколку заклучиме дека се исполнети условите за прогласување кризна состојба на ова подрачје, истото ќе го предложиме на управувачкиот комитет, а потоа Владата е таа којашто треба да одлучи што ќе се случи понатаму. Во нашата работа ќе вклучиме и активисти на Здружение за заштита на животните. Наша цел не е отстрел на овие животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето“, изјави денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов
По апелите што до надлежните институции и до Владата ги упати Општина Маврово и Ростуше поради зголемено присуство на мечки на ова подрачје, кои предизвикуваат штети и претставуваат опасност по животот на локалните жители, група за процена на ЦУК в понеделник на седница ќе ја разгледува состојбата и треба да оцени дали се исполнети законските услови за прогласување кризна состојба, како што бара Општината.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој рече дека ова е сосема нова ситуација за институцијата, бидејќи досега не се соочиле со вакво барање.
Во Националниот парк „Маврово“, но и на други подрачја на територијата на државата, посочи Ангелов, е забележано зголемено присуство на кафеава мечка.
Според проценките што ги дава Општина Маврово и Ростуше, на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стучни лица, нивниот број би требало да биде 70.
Неофицијалните податоци, пак, како што спомена директорот на ЦУК, велат дека на територијата на државата има повеќе од 500 мечки.
„Во понеделник групата за процена ќе се произнесе. Доколку заклучиме дека се исполнети условите за прогласување на кризна состојба на ова подрачје, истото ќе го предложиме на управувачкиот комитет, а потоа Владата е таа којашто треба да одлучи што ќе се случи понатаму. Во нашата работа ќе вклучиме и активисти на Здружение за заштита на животните. Наша цел не е отстрел на овие животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето“,
дециден е Ангелов.

Општината Маврово и Ростуше изминатиов период одржала неколку средби со месните заедници, Министерството за внатрешни работи, како и со претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и претставници на Министерството за животна средина. Одлуката што ја донеле од Општината е да бараат прогласување на кризна состојба на територијата на општината.
Инаку, кафеавата мечка кај нас е забранета за лов и важи за строго заштитен вид од 1996 година, а тоа, вели Ангелов, придонесува таа да се размножува.
Тој додаде дека за ваквата состојба можно е да придонесува и глобалното затоплување, бидејќи последните години поради високите температури мечката оди во т.н. зимски сон и е активна и во текот на зимата.
Директорот на ЦУК на денешната прес-конференција укажа и на опасноста од овие диви животни по животот и здравјето на луѓето, кои живеат во регионот на Општина Маврово и Ростуше.
„Овие кафеави мечки пред се претставуваат голема опасност по животот и здравјето на граѓаните, бидејќи се работи за живи села, каде што има мали деца и неколку основни училишта, каде што децата одат на училиште и притоа се движат сами. Вообичаено селските улици се многу тесни и при несакана средба со мечка, дури мечката и да нема намера да нападне, би претставувала огромна опасност за жителите. Во самото село во повеќе наврати мечки влегуваат во куќите да бараат храна, , рече Ангелов.
На прес-конференцијата во ЦУК, беа презентирани и неколку видеоснимки кои ги направиле денеска наутро, на кои жители на селото Житовница сведочат за блиските средби што ги имале со мечките.
Како најкарактеристичен, Аглелов го спомена случајот со повозрасна жена која живее сама и каде што мечка се обидела да ѝ влезе во домот преку влезната врата. Соседите ѝ помогнале да ја избрка.
Според жителите на селото Жировница, околу селото гравитираат повеќе од 30 мечки, еден од проблемите е тоа што поради сушната година нема доволно природна храна.
„Жителите на село Жировница се исплашени, бидејќи мечките се шетаат во селото секојдневно. Притоа често се забележани напади на пчеларници, најголемиот дел од пчеларниците се уништени, но исто така има случаи на убивање на добиток“,
рече Ангелов, додавајќи дека со истиот проблем се соочуваат и жителите на село Требиште, каде што во основното училиште учат 45 ученици.

Во овој момент заштитата на кафеавата мечка ја регулираат два закони. Првиот е Законот за ловство, кој предвидува дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да го дозволи ловот на трајнозаштитен дивеч, меѓу кој спаѓаат и мечките, ако прави штета во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите, по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Сличен член постои и во Законот за заштита на природата, каде што се регулира дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата.
Слично искуство во регионот има во Романија, каде што отстрелот на мечки станал изборна тема и дел од изборните ветувања на изборните партии.