И покрај мерките за ковид-19 со кои се забрануваат групирања на граѓани, а задолжителна е заштитната опрема, денеска во Струга традиционално се одржи црковна литија на која се собраа стотици верници, од кои голем дел не ги почитуваа мерките.
Станува збор за верски настан на кој традиционално се прикажуваат моштите на светиот великомаченик Георгиј Победоносец заштитник на градот. На видео снимката објавена на страницата на Бигорскиот Манастир се гледа дека голем дел од присутните не носат заштитни маски ниту држат дистанца додека свештените лица низ градот ги носеа светите икони.
Во соопштението на официјалната страна на Бигорскиот манастир пак, настанот беше најавен дека ќе се одвива со посебни протоколи односно дека во поворката ќе учествуваат само свештени лица, а локалното население ќе може да ја следи со препорачаната дистанца.
„Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од по тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание“,
се вели во соопштението.
Настанот го обезбедуваше полиција.