Разрешувањето на судиите не е политичко-партиска чистка, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ, во вечерашното интервју за „360 степени“. Тој образложува дека прочистувањето во судството се заснова на јасни постапки според кои се води Судскиот совет и ги носи своите одлуки.
„Оваа Влада не ги перцепира судиите како партиски припадници, ниту како наши-ваши“,
вели Маричиќ.
Тој не се сложува дека разрешувањето на судијките Софија Лаличиќ и Лидија Неделкова се базираат на несуштински причини.
„Дали се суштински причините за кои се разрешуваат судиите треба да кажат членовите на Судксиот совет. Тие имаат јасно утврдена постапка, прецизирана согласно новата законска рамка од 2019 година и со која треба да наведат конкретни причини. Ние веќе немаме разрешувања како што имаше порано каде се користеа истите фрази за сите разрешувања без конкретни примери. Сега, и за вчерашното разрешување и за сите претхондо беа наведени конкретни чекори. Тоа што вам ви се чини несуштинско не мора да значи дека е несуштинско за членовите на Судскиот совет или за судството и неговата репутација. За да гласаат 11 или 12 членови на Судскиот совет треба да имаат добро образложение и причини, и верувам дека тие добро образложени причини ги имаат. Всушност, постои постапка во која разрешените судии имаат право на жалба и ќе видиме дали тоа ќе се потврди или не“,
вели Маричиќ.
Тој додава дека вакви иницијативи со години не биле разгледувани и „седеле во фиоки“ во Судскиот совет, а сега веќе постои волја врз основа на интерниот план за прочистување во судството.