На претстојните локални избори од околу 300 кандидати за градоначалници само деветмина се млади до 29 години. Ова, на некој начин ја покажува реалноста од незадоволството на младите, но и можеби незадоволството на политичките партии со каков млад кадар располагаат, вели Блажен Малески, истражувач во „Реактор“.
Тој во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема политичко учество на младите рече дека ги анализираат кандидатските листи за градоначалници и кандидатите за советници и од она што може како прелиминарен резултат да се соопшти е тоа дека младите се малку застапени.
„Иако во моментот е прилично рано бидејќи вчера ги затворија финалните листи и за градоначалници и за советници, но за градоначалниците имаме една генерална слика. Има само 25 кандидатки за градоначалнички или околу 8 отсто. Имаме некои прелиминарни податоци кои се и онака јавно достапни на веб-страництаа на Држвавната изборна комисија (ДИК), на овие избори ќе има девет кандидати кои се до 29 години. Три од нив се од СДСМ, двајца од Беса, еден има ВМРО-ДПМНЕ и другите се на ЛДП-ДОМ кои ја имаат и најмладата кандидатка за градоначалничка на 21-годишна возраст за еден од поглемите градови, Куманово“,
вели Малески.
Додава дека оваа ситуација веројатно и ја опишува реалнноста дека младите не се задоволни од своето учество или влијание во политиките на локално и национално ниво.
„Мислам дека тоа ја отсликува и внатрешартиската хиерархија на младите во политичките партии, односно како се поставени и дали добиваат реални шанси да добијат позиција или да ги претставуваат граѓаните на локално ниво. Но, тоа ја отсликува и реалноста, бидејќи од една страна го имаме незадоволството на младите, а од друга страна го имаме можеби и незадоволството на самите партии од кадарот на младите кој што го имаат и со тоа имаме еден вроден дисбаланс на тоа како ни функционира политичкиот систем“,
вели Малески.