Шеф на амбасадата на Прага е третиот секретар Ѓорѓи Поп Ангелов. Трет секретар, Исмаил Рахман, ја води амбасадата во Доха. Во мисиите при УНЕСКО и ФАО земјава нема ниту амбасадор ниту дипломат. Од вкупно 60 ДКП-а (амбасади, генерални конзулати и постојани мисии) земјава нема амбасадор во 30. Тоа е состојбата на 12 август 2025 година, кога „360 степени“ го доби одговорот од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по нашите барањата за пристап до информации од јавен карактер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека во меѓувреме веќе се именувани осум амбасадори за дел од испразнетите места. Ветува дека го првата половина на следната година пополнетоста ќе биде над 80%. Причината за актуелната сотојба, вели тој, е природниот одлив и враќањето на неколкуте амбасадори кои беа упатени во мисија без да бранат тези во Собранието
Можеби не е потребен дополнителен опис, но сепак еве – ова е политичка карта на светот.
А, ова е истата карта на светот, со тоа што со црвена боја се означени државите во кои земјава има своја амбасада. Ги имаме во вкупно 43 држави, од кои се покриваат и останати земји во кои немаме претставништва.

Но, тема на оваа сторија не е бројката на македонските амбасади и други дипломатско-конзуларни претставништва.
Полупразни амбасади и генерални конзули
Тема е бројноста на дипломатите во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство. Податоците, на наше барање, ни ги даде Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Еве го и првиот важен заклучок.

Од 43 амбасади на земјава, само во 24 има амбасадор. Во другите 19, барем според состојбата на 12 август кога ги добивме податоците, со амбасадата раководи дипломат од понизок ранг.
Од вкупно 9 генерални конзулати на земјава, само во четири има генерален-конзул, во другите пет раководи дипломат од понизок ранг.
Министерот за надворешни работи вели – има две основни причини за состојбата.

Прво, е завршувањето на мандатот на дел од амбасадорите и генералните конзули, а второто е враќањето на една поголема група на амбасадори согласно автентичното толкување на Законот за надворешни работи во Собранието, односно се работи за групата амбасадори коишто немаа одбрането тези пред Комисијата за надворешна политика.
вели министерот Тимчо Муцунски во интервју за „360 степени“
Тимчо Муцунски додава дека веќе се најдени решенија за вкупно осум позиции амбасадор или генерален-конзул кои се прикажани како испразнети на почетокот на август.
Двајца амбасадори веќе се заминати, во Париз и во Загреб, а очекуваме останатите шест веќе координирани позиции за кои се води процедура во согласност со законите и меѓународните принципи, да заминат до крајот на оваа календарска година. Истовремено, во тек е консултација и за останатите места. Тоа што сакам да го нагласам е дека покрај наведените осум, веќе со претседателката се имаме усогласено за дополнителни четири шефови на дипломатско-конзуларни претставништва, но во моментот не можеме да ја отпочнеме постапката за нивно именување бидејќи се во тек изборни дејствија.
Дипломатски персонал
Податоците покажуваат и ситни бројки за останатиот дипломатски персонал.

На 12 август, кога го добивме податоците од МНР, амбасади со најголем број дипломати, заедно со амбасадор, биле Берлин со седум, Рим со четири и неколку амбасади со по тројца дипломати – Абу Даби, Анкара, Берн, Лондон, Париз, Приштина, Софија, Токио, Хаг и Вашингтон.
Па, го прашавме министерот кој токму деновиве е службено во САД, зошто клучниот стратешки партнер на земјава, САД, добиваат ист третман како, на пример, Обединетите Арапски Емирати.
Без да ја намали важноста на мисијата во Абу Даби, Муцунски кажа дека се работи на зголемувањето на присуството во Вашингтон.

Јас кога станав министер за надворешни работи, нашиот министер за надворешни работи, амбасадорот Попов, имаше само уште еден дипломат. Значи составот беше тоа што ние го нарекуваме во министерството за надворешни работи 1+1. Амбасадор со уште еден дипломат. Во текот на последните 15 месеци упативме двајца дополнителни дипломати, што значи значително е зголемено присуството во оваа амбасада. А целта ни е следните шест месеци да упатиме уште еден дипломат во амбасадата во Вашингтон и уште еден дополнителен т.н. административно-технички персонал од Министерството за надворешни работи. Значи, кога е во прашање Вашингтон, апсолутно се согласувам, тоа е наш стратешки центар и јас како министер за надворешни работи бев страшно загрижен од фактот што во нашата мисија во ОБСЕ имаше повеќе од 10 дипломати во Виена, а во Вашингтон само двајца. Сега се веќе четворица, со план за дополнително зголемување.
вели Муцунски.
Празни мисии во УНЕСКО и ФАО
Во САД се наоѓа и седиштето на Обединетите Нации, само една од меѓународните организации во кои земјава, исто така, нема амбасадор.

Малку подетално, постојаната мисија при ОН во Њујорк е без амбасадор и со двајца дипломати. Мисијата при ОН во Женева, исто така е без амбасадор и со двајца дипломати. Амбасадор нема и во НАТО и во мисијата при меѓународните организации во Виена. Ниту амбасадор, ниту дипломат е состојбата во мисијата при УНЕСКО во Париз и ФАО во Рим. Само мисиите при ЕУ и при Советот на Европа во Стразбур имаат и амбасадор и друг дипломатски персонал.

Долги години нашата држава немаше амбасадор во Париз, како што и вие знаете. И затоа наш приоритет беше првиот амбасадор што ќе го упатиме да биде токму во Париз. Амбасадорот Николов пред околу десетина дена ги предаде акредитивните писма кај францускиот претседател Макрон и полека, природно, тој ќе ги преземе обврските во делот на УНЕСКО. За прашањата поврзани со ОН и постојаните претставници и во ОН и во НАТО, се уште течат консултациите со претседателката на државата.
изјави Тимчо Муцунски за „360 степени“
Ветување за поголеми плати и повеќе амбасадори
Или, со други зборови, мисиите во УНЕСКО, ОН и НАТО нема да добијат амбасадор наскоро. Но, на генерално ниво на сите дипломатско-конзуларни претставништва, министерот ветува…
Јас сум сигурен дека во првата половина на 2026 година би требало да стигнеме можеби над 80% пополнетост, но не би можел во апсолутно сигурност да ви го кажам тоа. Основната причина е дека тоа не секогаш зависи од нас. И ние да се усогласиме, постапката на пример за именување на амбасадор, подразбира добивање на агреман од земјата на акредитација, што значи зависи од нас, но зависи и од земјата кадешто треба да биде акредитиран тој амбасадор.
Последното прашање кое му го поставиме на Муцунски беше – дали и тие дипломати што ги имаме, можат да преживеат во земјите каде се упатени, со платите што им ги дава државата?

Со измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи коишто ги донесовме пред неколку месеци коишто јас велам се навистина историски во делот на професионализација на дипломатската служба, обезбедивме услови и за зголемување на платите на вработените во нашите дипломатски-конзуларни претставништва. Сметам дека и тоа зголемување што ќе го направиме, се уште не е доволно за тоа што тие го заслужуваат и за условите во градовите во коишто тие живеат, но имаме план и за следните години за постепено зголемување, за да имаме некоја нормализација на платите коишто тие би требало да ги имаат.
вели министерот за надворешна политика и надворешна трговија
Според Муцунски, земјава нема проблем со недостаток на кадри кои покажуваат интерес да бидат дипломати во странство поради ниските плати. Нема проблем, вели тој, и во комуникацијата со претседателката на државата.
Ако сето тоа е точно, како и тврдењето дека веќе е договорено пополнувањето и на други мисии, се е само прашање на време. За неколку месеци ќе провериме повторно како стојат работите.